2win800x200

Скринингот во училиштата нема цел да ги убие децата

Октомври 27, 2021

Пандемијата од коронавирусот не е измислена, таа е реална а тоа го покажуваат бројките на новозаразени и починати од вирусот. Тестовите со кои се детектира присуство на коронавирусот не се ништо друго освен стапче на чиј врв има памук со кој се зема брис од грло и нос. Овие тестови се безбедни и во никој случај не можат да ви наштетат. Земањето брис не е ништо ново. Скринингот во училиштата има за цел да покаже колкава е трансмисијата на вирусот, а не да ги убива децата, како што се тврди во постот. Тестирање врз учениците се прави во повеќе европски држави

Пост на Фејсбук шири лажни вести дека пандемијата од ковид-19 е измислена и дека целата улога во тоа ја имале тестовите за детекција на вирусот. Постот, исто така, изнесува сериозни неосновани тврдења дека со тестрањето на децата во училиштата се подготвува нивно убиство, нарекувајќи ги здравствените власти убијци.

ВО БОЛНИЦА ЗА ОПЕРАЦИЈА, ГО ТЕСТИРАЛЕ И ВРАТЕН ВО САНДУК

-Иако примен со негативен тест, плус пелцуван со две дози, повторно тест во болница, на респиратор и гробишта!

-Во болницата наводно збунети и бараат од кого се заразил а сите тестирани?!?

-Дали ви е јасно дека тестовите ја имаат главната улога во оваа наметната пландемија???

-Дали ви е јасно, дека не е случајно, “по случаен избор на 8200 деца тестирања” како примероци ( опитни глувчиња)  со задкулисна цел??? А која е целта, прашајте го филипче, сигурно знае???

-Зарем ќе  ги давате децата на овие монструми да ви ги убиваат???

НЕ ГИ ДАВАЈТЕ ДЕЦАТА!!! 

 

Пандемијата не е наметната

Теоретичарите на заговори од стартот на појавата на коронавирусот почнаа да плетат приказни дека пандемијата е измислена и наметната, што не е точно, а ваквите теории на заговор „Вистиномер“ досега повеќепати ги дебанкирал.

Според дефиницијата на Светската здравствена организација (СЗО) за тоа што е пандемија, вирусот треба да биде раширен во сите земји од светот, а со коронавирусот токму тоа и се случи.

Второ, вирусот беше идентификуван од кинеските власти на 7 јануари 2020 година, по што неговиот генетски материјал, РНК, беше изолиран. Самата СЗО потврди дека вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година и во следното известување. А, потоа на 11 март 2020 година СЗО ја прогласи пандемијата. Раководството тогаш на брифингот за причините за пандемијата соопшти:

Во последните две недели бројот на заразени со корона вирусот надвор од границите на Кина се зголемува. Бројот на земји, кои пријавија случаи позитивни на овој вирус, се триплираше. Во моментов имаме 118.000 заразени во 114 држави во светот. Вкупно 4.291 лица досега ги загубија своите животи, а илјадници други се борат за своите животи низ болниците.

Третата причина што многу јасно покажува дека пандемијата е вистинска, е бројот на новозаразени и на жртви во секоја земја од светот. Присуството на вирусот се детектира преку ПЦР тест, кој е ист насекаде. Само да го земеме примерот со Македонија. Податоците на Министерството за здравство од 19.10.2021 година, покажуваат дека во земјава се направени вкупно 1.347.969 тестирања на ковид-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 197.669 бројката на оздравени пациенти е 183.972, на починати е 6.978, а бројот на активни случаи изнесува 6.719.

Надвор од здравиот разум е да се тврди дека некој ги исценирал сите овие случаи. Во многу наврати беше известувано дека од вирусот умираат и млади и возрасни и дека тој е непредвидлив, односно иако поголемиот дел од луѓето ќе го поминат со полесна симптоматологија, сепак, дел од нив ќе бидат соочени со компликации кои се однесуваат на органи од телото кои не се респираторни, како бубрезите, кардиоваскуларниот систем. Ковид-19 е особено опасен за луѓето кои имаат придружни заболувања, бидејќи како дополнение на самата претходна хронична состојба – односно коморбидитет, коронавирусот може да биде фатален.

 

ПЦР тестот е безбеден

Присуството на коронавирусот кај луѓето се детектира со помош на ПЦР тестовите. И за тестовите досега многупати се ширеле лажни вести дека тие се отровни, дека содржат графен оксид и слично.

Познато е дека молекуларниот тест (ПЦР тестот), со којшто се детектира коронавирусот, е одобрен од Светската здравствена организација (СЗО), тој е безбеден и за таа цел се применува насекаде во светот за време на пандемијата со ковид-19.

Шефицата на канцеларијата на СЗО во Скопје, Џихан Тавилах уште во април минатата година за МИА изјави дека според упатствата на СЗО, ПЦР тестот е направен да го детектира самиот вирус, односно антигенот.

Со овие тестови се бараат знаците на активната инфекција, а примерокот што се користи за ова тестирање е брис, кој се зема подлабоко од грлото со стапче со памучен врв. На овој памучен врв нема ништо друго освен памук! Потоа, овој примерок под посебни услови се испраќа на испитување во лабораторија.

Скринингот во училиштата нема за цел да ги убие децата

Скринингот во училиштата нема за цел да ги убие децата како што неосновано се тврди и обвинува во постот, туку тој има за цел, како што соопшти Министерството за здравство, да овозможи да се добијат релевантни податоци за можното асимптоматско ширење на вирусот ковид-19, односно дали се шири низ училиштата и каква е трансмисијата. Тестирањето трае помалку од една минута, тоа е безболно и безбедно и е како секое земање брис од грло или носна шуплина. Од Министерството за здравство апелираат до родителите и старателите чии деца ќе бидат избрани за тестирање да дадат согласност и да се добијат релевантни податоци за трансмисија на вирусот и дали има асимптоматски случаи меѓу учениците. Со тоа, според надлежните, ќе се овозможи побезбедно одвивање на наставата како и поголема заштита на здравјето на учениците.

Даниловски: Од скринингот може само да имаме полза

Од скринингот во училиштата кој го прави Министерството за здравство може да се има полза само ако се има увид во состојбата во тек на време, односно тестирања треба да се прават еднаш неделно, смета епидемиолог проф. д-р Драган Даниловски.

Од скринингот може да се има полза само ако имаме увид во состојбата во тек на време. Значи, треба тестирања да се прават најмалку еднаш неделно, оптимално два пати, вели Даниловски за Мета.

Според него, идеално би било редовно да се тестираат сите 240.000 ученици. Тој го посочува примерот со Германија, каде тестовите на учениците им ги прават родителите дома, пред тргнување на училиште.

Ако детето е позитивно, си го задржуваат дома и го информираат одговорниот наставник. Имаме и кај нас сосема идентичен пример, во едно од приватните училишта во Скопје. Така цврсто се држи ситуацијата под контрола, додава Даниловски.

Професорот вели дека не му е јасен отпорот и недовербата кај дел од родителите, за постапка која е токму во полза на што поголема безбедност на нивните деца.

Зарем прават проблем ако матичниот доктор пропише дека треба да се земе брис од нос и грло кога детето има ангина?“, прашува тој додавајќи дека ова не се брисеви што се користат за ПЦР тестови, кои се непријатни за земање.

 

Искуства од европските земји

Во некои од европските земји, се спроведува редовен скрининг во училиштата. За илустрација ја споделуваме практиката во Германија. Невакцинираните ученици се тестираат три пати неделно, додека невакцинираните наставници треба да прават тест за корона секој ден. Доколку заболи некој ученик, наместо карантин, сите соученици во класот треба да се тестираат најмалку пет дена со брз корона тест секој ден. Ова важи за сите типови училишта. Во некои од покраините, како Баден Виртемберг се укина задолжителното носење на маски во замена за редовно тестирање. На учениците им се даваат тестови, кои се прават дома, пред тргнување на училиште. Во Баварија брзите антиген тестови во училиштата се задолжителни за сите ученици три пати неделно.

Во Австрија, тестирањето се прави и во училиштата, за што се потпишува согласност од родителите.

Учениците во Грција два пати неделно треба да донесат негативен тест за да следат часови.

Во Словенија, учениците и наставниците кои не биле вакцинирани против ковид-19, или ја прележале заразата, ќе треба да се тестираат барем еднаш неделно, објави словенечката влада.

Од сето ова можеме да заклучиме дека пандемијата од коронавирусот не е измислена, таа е реална а тоа го покажуваат бројките на новозаразени и починати од вирусот. Тестовите со кои се детектира присуство на коронавирусот не се ништо друго освен стапче на чиј врв има памук со кој се зема брис од грло и нос. Овие тестови се безбедни и во никој случај не можат да ви наштетат. Земањето брис не е ништо ново. Скринингот во училиштата има за цел да покаже колкава е трансмисијата на вирусот, а не да ги убива децата, како што се тврди во постот. Тестирање врз учениците се прави во повеќе европски држави. Оттука постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани