АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Фејсбук објава лажно тврди дека ковид-19 не е дефиниран вирус, туку дека станува збор за авиони кои прскаат отрови и живи вируси. Ова, се разбира, не е точно.
Ковид 19 не е дефиниран вирус туку агенда која вклучува хемиско прскање на тешки метали бактерии живи вируси, графен оксид, разреден боен отров сарин и многу други гадни супстанци од авиони.
Ковид-19, болеста која ја предизвикува коронавирусот, постои и е реална, а тоа го потврдуваат секојдневните бројки на заболени луѓе и починати од вирусот низ целиот свет во последната година и половина.
Коронавируост за прв пат се појави во Кина на крајот на декември 2019 година. Светската здравствена организација (СЗО) потврди дека генетскиот материјал РНК, на вирусот е изолиран на 7 јануари 2020 година. Ова е нов вирус кој претходно не е регистриран кај луѓето.
Во март минатата година СЗО прогласи пандемија на ковид-19.
Ковид-19 или SARS- CoV-2, претставува дефиниран вирус. Tој според својата геномска структура припаѓа на родот бета-корона вируси. Сите хумани бета-корона вируси (SARS-CoV-2, SARS-CoV, и MERS-CoV) имаат слични карактеристики, но имаат разлики во нивната геномска и фенотипска структура, што ја менува патогенезата, односно симптомите и знаците на заболувањето, како и неговата сериозност.
Постојат повеќе извори и научни студии кои докажуваат дека вирусот SARS-CoV-2 e изолиран, но исто така е направено и комплетно секвенционирање на геномот на вирусот. Тоа значи дека комплетниот генетски материјал на вирусот причинител на ова заболување е изолиран од назофаринксот на пациент и е докажано неговото постоење, како и неговиот уникатен генетски материјал кој тој го содржи, вели за „Вистиномер“ доктор Иле Кузманоски од Здружението на лекари специјализанти.
Тој додава дека вирусот и не е толку невидлив и непостоечки причинител и дека за тоа постојат и фотографии направени со електронски микроскоп на изолирани вирусни партикли од заболен пациент, со кои и визуелно се докажува постоењето на овој вирус, како причинител на ова заболување.
Доктор Кузманоски објаснува дека начинот на кој се пренесува ковид-19 e преку изложеност на респираторни секрети во кои се наоѓа инфективниот агенс- вирусот. Заразувањето може да се случи на три начини. Преку инхалација на ситни респираторни капки и аеросолни партикли, депозиција на респираторните капки на слузниците на носот, устата и очите, како и преку допирање на слузниците со раце кои предходно биле во контакт со вирусните честички. Ризикот за трансмисија е поголем на растојанија помали од 2 метри. Постои студија која вели дека ризикот за трансмисија на овој вирус изнесува 12.8%, доколку физичката дистанца е помала од 1 метар, додека ризикот на трансмисија се намалува на 2.6%, на дистанци поголеми од 1 метар.
Исто така и други фактори влијаат врз трансмисијата на вирусот, како на пример, затворените простории, пролонгирана експозиција над 15 минути, како зголемено вдишување при физички напор.
Тоа значи дека тврдењето дека ковид-19 доаѓа од авионите е бесмислено и нелогично.
Ова не е прв пат да се манипулира дека авионите не прскаат со хемикалија, позната теорија на заговор во светот наречена „Кемтрејл“.
Изразот е скратеница од англиските збори chemical и trail односно хемикалија и патека. Теоријата на заговор за „кемтрејл“ го преставува верувањето, кое е неточно, дека патеката односно белата трага која што ја создаваат авионите во воздухот се „хемиски патеки“, составени од хемиски или биолошки агенси за „злобни цели“.
Со оваа шпекулативна теорија се тврди дека ова хемиско прскање се случува за повеќе цели, како контрола на сончевото зрачење, модификација на временските услови, психолошка манипулација, контрола на човечката популација, биолошка или хемиска војна, тестирање на биолошки или хемиски агенси врз популација, како и дека патеките предизвикуваат респираторни заболувања и други здравствени проблеми.
Ваквите тврдења се категорично отфрлени од научната заедница. Нема никакви докази дека наводните хемиски патеки се нешто различно од нормалните, вообичаени траги од вода односно кондензација која ја оставаат авионите кои летаат на голема височина под одредени атмосферски услови. Истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои, исто така, проучувале вакви заговорнички теории „не виделе ниту еден веродостоен доказ дека ‘кемтрејлс“ постои“.
Доктор Кузманоски вели дека саринот, кој што се спомнува во објавата и се поврзува со коронавирусот, е отров што дава симптоми кои главно се манифестираат врз нервниот систем во вид на тремор, конвулзии/грчеви, како и мускулна парализа, додека ковид 19, предизвикува симптоми претежно од страна на респираторниот систем (за што постојат докази, за карактеристични лезии на компјутерска томографија на бели дробови).
Саринот како отров, предизвикува гушење, но истото најчесто е резултат на парализа и неможност за контрола на мускулите кои се одговорни за процесот на дишење, како и спазам на дишните патишта, а не на директно оштетување на белодробниот паренхим. Од друга страна труењата со тешки метали даваат предоминантно гастроинтестинални и невролошки тегоби, а труењето со нив лесно може да се докаже во примерок од различни телесни течности (урина, плунка, крв), додава Кузманоски.
Од ова произлегува дека ковид-19 нема баш никаква врска со некакво воздушно масовно труење со опасни смртоносни отрови. Оваа манипулативна објава има за цел само да шири паника и страв меѓу граѓаните преку изнесување на дезинформации кои што немаат врска со реалноста.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар