АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во којшто се тврди дека медицинска сестра од Словенија си дала отказ од работа, откако сфатила дека дел од вакцините против ковид кои се давале на граѓаните, всушност, биле плацебо! Односно, физиолошки раствор од сол и вода, а не вистинска вакцина, па наводно не секој што оди да се вакцинира добива вистинска вакцина.
Оваа лага сè почесто се среќава во последно време, откако земјите од Европа вклучително и Северна Македонија ги засилуваат мерките на претпазливост, давајќи обврска да се докажува ковид статусот на граѓаните или со вакцинален сертификат или со негативен ПЦР тест. Иако плацебо се дава исклучиво во клиничките тестирања за вакцината, кои одамна се завршени и беа услов за добивање на дозвола за вакцините да почнат да се користат во масовна вакцинација, сепак, лажниот наратив и понатаму си го наоѓа своето место на социјалните мрежи.
Храбра, главна медицинска сестра од Словенија, која работела на пелцање, ЈАВНО ЈА ОБЗНАНИ ИЗМАМАТА СО СЕРИСКИТЕ БРОЕВИ НА ВИАЛИТЕ!СИ ДАДЕ ОТКАЗ ОД РАБОТА – пишува во оваа објава на Фејсбук.
Во постот е прикажано и видео во кое е пренесена изјава на извесна главна медицинска сестра од Словенија која си дала отказ зашто 30 проценти од вакцините кои се даваат се плацебо. Според неа, граѓаните кои ќе одат да се вакцинираат не се сигурни дали ќе добијат плацебо, дали вакцина од „Џонсон и Џонсон“, или „АстраЗенека“.
Може и да ви го дадат или покажат шишенцето од вакцината, но тоа не значи дека сте го примиле тоа што го пишува на шишенцето. Тоа не се случува секаде, но имам информации од колеги во Словенија каде тоа се случува. Затоа сега почнаа да велат дека и да сте примиле некоја вакцина, може да ја мешате со вакцина од друг производител. Но вие никогаш нема да знаете дали и која вакцина, всушност, сте ја примиле. Тие што сте добиле вакцинален картон, всушност добивате на него броеви означени со 1, 2, 3. Тие што сте примиле плацебо, на картонот ви пишува 1. Тие што ја даваат вакцината знаат на кого му даваат плацебо, ама вие не знаете, вели неименуваната медицинска сестра.
А, на крајот од видеото се заклучува:
Сега знаеме зашто политичарите така „храбро“ примаат плацебо на ТВ екраните!!!
Меѓутоа, сите вакцини кои се администрираат – и на граѓаните и на политичарите и на медицинскиот персонал, се вистински и не се плацебо. Плацебо се користи како метода само во клиничките испитувања, односно во раните фази, кога вакцината е во фаза на испитување и тоа за да се покаже нејзината ефикасност. Се споредуваат две контролни групи, таа која примила вистинска вакцина и таа која примила плацебо. Но, откако вакцината ќе биде одобрена, како што е случај за сите вакцини кои се администрираат во Северна Македонија, понатаму веќе се администрираат исклучиво вакцини и нема клиничко тестирање туку почнат е процес на вистинска вакцинација.
Во земјава вакцините се чуваат под посебни услови токму за да не се загрозат состојките во нив, кои се ефективни и ефикасни против коронавирусот. Нема никакви докази дека во фрижидерите каде се чуваат вакцини на минус 70 степени, всушност, има раствор од сол и вода наместо вакцина. Што го гарантира ова? Самиот производител! На секоја вакцина има сериски број, има две дози, а некои вакцини имаат посебни компоненти кои не би можеле да бидат сол и вода. Таква е вакцината „Спутник В“ која има две дози кои се разликуваат меѓу себе и се администрираат во специјален редослед.
Според официјалните информации кои ги објави Министерството за здравство во клиничкото испитување за вакцината на „ Астра Зенека“ биле вклучени над 25 илјади индивидуи, во онаа за „Фајзер“ 40 илјади, во таа за „Спутник В“ над 19 илјади луѓе.
За сите вакцини има упатства за користење во кои се наведени состојките и несаканите ефекти по имунизацијата кои можат да се случат, а најчесто се благи. Кога овие вакцини би биле плацебо, не би можело да има несакани ефекти, ниту пак, состојки на вакцината. Земјава прими многу донации вакцини од соседите, на пример од Србија и од Бугарија, а се очекуваат и нови донации во наредниот период. Сите тие вакцини беа спроведени во ладен ланец каде што мораше да се одржи температура која е ниска за вакцините да бидат безбедни при преносот. На ист таков начин и се чуваат и складираат вакцините во земјава, така што кога би биле плацебо тоа воопшто не би се правело.
Освен тоа, секој граѓанин кој ќе се вакцинира, добива картон каде е напишан датумот на примање на дозите, серискиот број на вијалата, датум за втора вакцина, производител. На крајот се добива и вакцинален сертификат со кју ар код кој е единствен и соодветствува на вакцината која што била аплицирана. Да се каже дека некои се вакцинираат со плацебо е лажно тврдење, особено зашто во такви ситуации не би имало разлика меѓу бројот на заразени и починати меѓу вакцинираните и невакцинираните. Напротив, во земјава таа разлика е како небо и земја и само 20 проценти од хоспитализираните се вакцинирани. Фактите се дека вакцинираните поретко стигнуваат во болница, за разлика од невакцинираните.
Доколку вакцините беа сол и вода, а не вистински, земјава немаше да ги фрла, како што се случи со донираните 20 илјади вакцини од Бугарија кои мораше да бидат уништени како медицински отпад, зашто им помина рокот за употреба.
Оценуваме дека не постои ниту еден доказ, дека тие луѓе што примиле вакцина, примиле плацебо. Плацебо примиле само учесниците во клиничките испитувања за вакцините, пред тие да бидат одобрени за комерцијална употреба и подоцна истото им е кажано, за ако изберат да одлучат да се вакцинираат со вистинска вакцина.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар