2win800x200

Заложбите за борба против корупцијата останаа на хартија

Декември 16, 2021

Власта и институциите задолжени за борба против криминал и корупција ја истакнуваат важноста на справување, но и превенција на оваа штетна појава во општеството која ги еродира институциите и ја поткопува демократијата. Сепак, граѓаните сметаат дека овие заложби се само декларативни и не ја изразуваат вистинската ситуација на терен.  Резултатите од последното истражување на Националниот демократски институт, покажуваат дека близу две третини од испитаниците (63 отсто) не се задоволни од борбата против корупцијата, а 58 отсто од нив сметаат дека владините заложби не се ефективни. Секој втор граѓанин смета дека нема да биде преземено никакво дејствие или стравува од одмазда доколку пријави корупција. Корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост, оценува Европската комисија во последниот Извештај 

Пишува: Симона Атанасова

Државата минатата недела на повеќе начини го одбележа 9 декември, Меѓународниот ден на борба против корупцијата. Повеќе институции меѓу кои, Претседателот на државата, вицепремиерот задолжен за борба против корупција, како и граѓански организации кои се занимаваат со оваа тема, ги истакнаа своите заложби за подобрување на состојбите. Меѓутоа, граѓаните се разочарани, губат доверба во институциите и не веруваат дека ќе видат значителна борба против корупцијата во блиска иднина.

Заложби еден куп, резултати минимални

Вицепремиерот задолжен за борба против корупција, човечки ресурси и одржлив развој, Љупчо Николовски на конференцијата по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за борба против корупцијата, организирана под мотото „Твое право, твоја должност! Кажи не за корупција!“, истакна дека волјата на Владата е законот да важи за секој, да нема привилегирани и недопирливи, да нема неказнивост.

Свесни сме дека корупцијата е сериозна закана за владеењето на правото, демократијата и економскиот развој. Освен закана тоа нѝ е и најголем мотив да не бегаме од таа тешка реалност, да не одлагаме повеќе,  да не калкулираме туку одлучно да се спротивставиме и да одработиме за доброто на сите, рече Николовски.

На истата конференција обраќање имаше и претседателот на државата, Стево Пендаровски кој рече дека корупцијата ја слабее државата, ги осиромашува граѓаните, ги компромитира демократските институции и цената ја плаќаат сите, особено, најранливите категории на луѓе. Тој оцени дека постои еден фактор што неспорно ја поттикнува оваа штетна појава, а тоа е културата на неказнивост.

Многу е важно, санкционирањето да не се ограничи само на лица од вториот или третиот ешалон на власта, туку да ги опфаќа и најмоќните. Меѓутоа, она што посебно загрижува е што таквите поединци не само што не се санкционирани, туку отсуствува и елементот на јавен срам, упати порака претседателот Пендаровски.

Што мислат граѓаните?

Власта и институциите задолжени за борба против криминал и корупција ја истакнуваат важноста на справување, но и превенција на оваа штетна појава во општеството која ги еродира институциите и ја поткопува демократијата. Но, граѓаните сметаат дека овие заложби се само декларативни и не ја изразуваат вистинската ситуација на терен, покажуваат најновите истражувања.

Резултатите од последното истражување на Националниот демократски институт (НДИ) спроведено во јули и август 2021 година, покажуваат дека една третина од граѓаните сметаат дека земјата се движи во погрешна насока, а главните фактори коишто придонесуваат за тоа се криминалот, корупцијата, лошото управување и личните интереси на политичарите.

Близу две третини од испитаниците (63 отсто) не се задоволни од борбата против корупцијата, а 58 отсто од нив сметаат дека владините заложби не се ефективни.

Според граѓаните, фер и конзистентна имплементација на законите, правилата и прописите, како што се соодветните казни, отказни решенија и одземање на нелегално стекнатото богатство, дополнето со ефикасни контроли и надзор треба да бидат највисоките приоритети на Владата во борба против корупцијата и начинот на кој корупцијата може да се намали. Секој втор граѓанин смета дека нема да биде преземено никакво дејствие или стравува од одмазда доколку пријави корупција. Секој трет граѓанин не знае каде да пријави корупција, се вели во истражувањето.

Слични податоци добил и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) при анкета спроведена од 27 април до 20 мај 2021. Резултатите кои се објавени во „Извештајот за процена на корупцијата во Северна Македонија“, говорат дека македонската јавност е се помалку толерантна на корупцијата како општествена норма.

Корупцијата е најголем проблем за граѓаните, за разлика од претходните години кога на првите три места беа егзистенцијалните прашања како невработеноста, сиромаштијата и ниските приходи, или политичката нестабилност. Вкупно 80 отсто од македонските граѓани сметаат дека желбата за брзо лично богатење на оние кои се на власт влијае на широката распространетост на корупцијата. Покрај тоа, значен фактор е и недостатокот на строга административна контрола на корупцијата, неспроведување на законите и недоволна заштита на лицата кои пријавуваат корупција, нотира истражувањето.

Податоците од анкетата говорат дека 63 отсто од граѓаните не одобруваат коруптивни практики, но најголем дел од нив сметаат дека коруптивниот притисок ќе продолжи да постои и во иднина. Во однос на перспективите за сузбивање на корупцијата, најчестиот одговор (40 отсто) е тврдењето дека корупцијата секогаш ќе биде присутна во земјата, но може да се намали во некоја мера. Околу 19 отсто од граѓаните веруваат дека корупцијата може значително да биде намалена, а околу 8 отсто се оптимисти и веруваат дека корупцијата целосно може да биде отстранета. Од друга страна пак, 31 отсто од граѓаните мислат дека корупцијата не може да се намали.

Довербата на граѓаните во институциите може да се промени кога тие ќе видат решавање на голем корупциски скандал,  смета Натали Петровска од „Коалиција сите за правично судење“.

На граѓаните би им било охрабрување и од големо значење доколку видат финализирање на некој коруптивен скандал во државата. Финализирање на некоја постапка која што подразбира корупција. Долгогодишната политика на заобиколување на казнивоста на коруптивните скандали во државава го доведе општеството во оваа состојба во која што е. Во моментот кога ќе се посочи позитивен пример дека некој сноси кривична одговорност, мислам дека веќе ќе можеме да почнеме да ги менуваме и наративите, рече  Петровска на конференцијата организирана од Платформата на граѓански организации за борба против корупција.(45:52 – 47:20 од видеото)

Каква е оценката на Европската комисија?

Европската комисија во последниот Извештај за напредокот на Северна Македонија при процесот на пристапување во Европската Унија, објавен во октомври оваа година оценува:

Корупцијата е распространета во многу области и останува прашање на загриженост.

Борбата против корупција во новата методологија за пристапување на земјите кон ЕУ е дел ид Поглавјето 23, насловено како Правосудство и фундаментални права.

Основните вредности на ЕУ вклучуваат владеење на правото и почитување на човековите права. Од огромно значење се постоењето на ефективен (независен, квалитетен и ефикасен) правосуден систем и ефикасна борба против корупцијата, бидејќи тоа е почитувањето на фундаменталните права во закон и во практика.

Северна Македонија има одредено ниво на подготвеност/е умерено подготвена во однос на спречувањето и борбата против корупцијата. Постигнат е одреден напредок, бидејќи земјата продолжи со консолидирање на учинокот за истражување, гонење и судење на неколку случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, и ја зајакна својата институционална рамка, особено Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) и Обвинителството за организиран криминал и корупција (ООКК). Во април 2021 година, Собранието ја усвои Националната стратегија за спречување корупција и судир на интереси 2021-2025 и поврзаниот Акциски план, консолидирајќи ја заложбата на земјата да спречува корупција и да санкционира коруптивно однесување, стои во Извештајот.

ЕК препорачува наодите и препораките на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) систематски да се следат од засегнатите институции.

Во наредната година, земјата, според ЕК особено треба:

  • да продолжи со напорите за борба против корупцијата преку зајакнување на поддршката за релевантните тела, преку спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и преку обезбедување јасни насоки за политиките за државните институции;
  • да го осигури соодветното доделување ресурси на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со цел да се осигури ефикасна отчетност за кривичните дела што произлегуваат од и во врска со прислушувањето, како и за нови предмети на корупција од висок профил;
  • да продолжи со зголемувањето на евиденцијата на пресуди во предметите на корупција на високо ниво, проследено со конфискацијата на криминални средства, надградувајќи ги позитивните резултати од минатата година

https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo-768x180.png 768w, https://vistinomer.mk/wp-content/uploads/2021/09/ned-logo.png 873w" alt="" width="300" height="70" class="size-medium wp-image-106627 alignleft b-loaded" style="margin: 5px 20px 15px 0px; float: left;" />Овој напис е изработен во рамките проектот Проверка на фактите за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани