АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека ПЦР тестот „не може да открие никаква болест и претставува лажна дијагностичка алатка“.
И самиот пронаоѓач К.Мулис рече рече дека не може да се користи за дијагностика, но бидејќи потплатениот професор Кристијан Дростен рече дека може, ете се користи за дијагностика. Значи се што се прави со измама се прави. А за ПЦР тестот, нели ЦДЦ рече дека ќе го отповикаат на 31 декември затоа што не можеме да се ослониме на него за точноста, се вели во постот што го рецензираме.
Тука се наведени повеќе неточни тврдења.
На пример, дека тестот не може да се користи за дијагностика и дека е измамнички. Наводниот цитат од Мулис, кој го измислил ПЦР методот во 1985 година, а потоа добил Нобелова награда за хемија во 1993 година, не е негов.
Тврдењето е земено од текст напишан од Џон Лауритсен во декември 1996 година за ХИВ и СИДА, а не за ковид-19. Лауритсен не вели дека ПЦР тестовите не функционираат, туку појаснува дека идентификуваат супстанци квалитативно, а не квантитативно. Дека ПЦР тестот, всушност, ги детектира генетските секвенци на вирусот, но не и самиот вирус.
ПЦР е со намера да идентификува супстанци квалитативно, но во неговата природа не е соодветен за да се проценуваат бројки. Иако има честа погрешна интерпретација дека во виралниот примерок се бројат вирусите што ги има во крвта, овие тестови не може да детектираат слободни инфективни вируси на ниеден начин, туку само може да ги откријат протеините кои се верува дека се уникатни на ХИВ. Тестовите може да детектираат генетски секвенци на вируси, но не и самите вируси, пишува во написот.
ПЦР тестот е префериран метод за тестирање ковид-19 насекаде во светот. Портпаролот на англискиот институт за јавно здравје за „Ројтерс“ вели дека:
Молекуларните дијагностички тестови, како што е ПЦР, се златен стандард како метод за идентификување лица со активна вирусна инфекција, како што е Сарс Ков 2 (причина за болеста ковид-19), во респираторниот тракт. Овие тестови се брзи и даваат резултати во реално време.
Важно е да се забележи дека детекцијата на вирусниот материјал со ПЦР не значи дека вирусот е целосно недопрен и заразен, односно способен да предизвика инфекција кај други луѓе. Изолацијата на инфективниот вирус од позитивни лица бара понатамошни методи. Овие методи може да се спроведат само во лаборатории со специјални услови и се долготрајни и комплексни.
Како што е објаснето на веб-страницата на Центарот за јавно здравје – Скопје, методот според кој се докажува присуство на вирусот во примерокот од пациентот се одвива во 2 чекори.
Првиот чекор е автоматска екстракција на RNA со помош на автоматски екстрактор од вирусот на принцип на современ метод со магнетнипартикули, кој овоможува екстракција на високо квалитетна вирална нуклеинска киселина.
Вториот чекор е мултипликација на изолираната вирусна RNA и специфична детекција на вирусот во примерокот според присуство на специфични за Сарс Ков 2 таргет гени (N и Е гени). Овие гени се гени за структурни протеини кои се во состав на градбата на вирусот и се строго специфични само за Сарс Ков 2 вирусот од фамилијата на САРС вируси. Овој метод овозможува детекција на вирусот со висока сентизтивност и го детектира вирусот во пациент кога е присутен со минимум 10 копии од генот.
Погорниот пасус објаснет со едноставна терминологија, всушност значи дека ПЦР тестот исклучиво го пронаоѓа коронавирусот и тоа според единствено за Сарс Ков 2 специфични гени – N и E. Тие се единствено присутни во градбата на Сарс Ков 2 вирусот.
Точно е дека понатаму човекот може да не пројави симптоми односно да биде асимптоматски, но, исто така, точно е дека може да пројави сериозни и тешки симптоми кои ќе доведат дури и до хоспитализација. Затоа и секој позитивен на ПЦР тестот се става во изолација и се мониторираат неговите симптоми. Ковид-19 е непредвидлива болест, а за тоа говорат огромниот број на смртни случаи коишто прогресирале со влошување на состојбата за неколку часа.
Во постот што го рецензираме, исто така, лажно се тврди дека Центарот за контрола и превенција на болести на САД ќе го отповика ПЦР тестот на крајот на декември зашто, наводно, не можело да се потпреме на неговата точност.
Вистината е дека во пресрет на есента, се појавија нови препораки од Центарот за контрола и превенција на болести на САД. Овие препораки не значат дека ПЦР тестот досега не бил ефективен, туку дека агенцијата препорачува воведување на нови тестови кои можат во исто време да откриваат и Сарс Ков 2 и инфлуенца. Значи, да бидат за два вируси, наместо само за ковид. Односно, се работи за детекција на два различни вируса, поточно со тестот ќе се испитува дали пациентот има ковид, дали има грип или можеби ги има и двата вируса што, исто така, е можно!
Значи, препораката е да се транзитира кон употреба на тест кој може да дијагностицира два вируси одеднаш, а причината за ова е зашто на таков начин ќе се овозможи континуирано тестирање и за инфлуенца и за ковид, за да се заштедат и време и ресурси во екот на сезоната на грипот која претстои. Деталите за овој тест може да се погледнат на следниот линк.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно тврдењето дека ПЦР тестот е лажна дијагностичка алатка.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар