АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пишува: Мери Јордановска
Половина од правосилните пресуди кои ги донел Основниот кривичен суд во Скопје, а биле потврдени од повисоките инстанци, за сообраќајни несреќи со смртни последици, се условни казни. Ова го покажуваат податоците од судот кои ги добивме по барање за слободен пристап до информации од јавен карактер и се однесуваат на периодот во последниве пет години, односно од 2017 до крајот на 2021 година.
Од вкупно донесени 69 пресуди за сообраќајни незгоди со смртен исход, во 35 на сторителот му била изречена условна пресуда, што значи дека доколку го повтори делото во одреден период, ќе треба да издржува затворска казна.
Само три лица во последните пет години добиле четиригодишна, a две лица шестгодишна затворска казна. Останатите кои предизвикале сообраќајна незгода во која некој го загубил животот, често добивале затворски казни од по неколку месеци – најголем дел од нив по шест месеци, а дел по девет. Затворски казни до 3,5 години во последниве пет години, добиле четири лица, а двајца се осудени на затворска казна од шест години.
Трагичната сообраќајна незгода во која загина 24-годишната Викторија Н., на 21 јануари годинава, додека со своето момче преминуваше на пешачки премин кај трговскиот центар „Сити Мол“ во Скопје, повторно ги разгоре прашањата за (не)казнивоста на возачите кои одземаат човечки животи. Момчето што ја прегази младата Викторија има 22 години и тој, според сознанијата на МВР, во моментот на несреќата претекнувал друг автомобил. Нему му беше одреден 30 дневен притвор.
Но, не секој случај завршува со притворски казни на сторителите на овие тешки кривични дела. Многу од нив и по неколку години, воопшто не се стигнати ни до судење, што значи дека се заглавени во некоја од обвинителските или судски фиоки. Семејства на починати лица постојано изразуваат револт за ниските казни што ги добиваат несовесните возачи, а јавноста се јавува со жестоки реакции, немајќи доверба во системот.
Сепак, велат експертите, секој случај е засебен и при утврдување на вината важно е да се разграничи евентуалната умисла и небрежното извршување на кривичното дело и од тоа понатаму зависи и висината на казната. Оттаму, понекогаш е невозможно да се генерализираат и унифицираат казните.
При утврдување на вината битно е разграничувањето помеѓу евентуалната умисла и небрежното извршување на кривичното дело и од тоа понатаму зависи и висината на казната. Не можеме да ги генерализираме и унифицираме казните бидејќи непридржувањето кон сообраќајните прописи е комплексна работа која подразбира со сигурност да се утврди во кој степен и обем сторителот не се придржувал кон сообраќајните прописи. Висината на казната зависи од квалификацијата на делото и се казнува умисленото и небрежното извршување на делото, придонесот на оштетениот во сообраќајната незгода не ја исклучува вината на сторителот, но секако влијае на степенот на вината и висината на казната. Јавноста оправдано реагира на трагични настани кои се случуваат во сообраќајот но во секој случај судот мора да ги цени отежнителните и олеснителните околности, да направи јасна дистинкција дали во конкретниот случај постои евентуална умисла кај сторителот,односно дали сторителот бил свесен дека не се придржува кон сообраќајните прописи и дека со таквото поведение ќе го загрози сообраќајот и ќе ги доведе во опасност животот или телото на луѓето од значителен обем, вели Владимир Туфегџиќ, поранешен судија во Основиот кривичен суд, а актуелен адвокат.
Две години и шест месеци затвор лани во ноември доби момчето кое во април 2021 година ја прегази 20-годишната Верица Белчовска на пешачкиот премин во центарот на Струмица. Одлуката ја донесе штипска Апелација пет месеци по пресудата на Основниот суд во Струмица, кој првично му пресуди 15 месечна затворска казна. Сепак, и со двојното зголемување на казната, мајката на Верица реагираше дека истата е неприфатливо ниска.
Зоран Милески Кичеец, пак, лани во ноември доби шест месеци затворска казна за сообраќајката кај Стража што се случи на 4 септември. За човечка жртва предизвикана со претекнување на полна лента на патот Кичево-Скопје, на угорнината кон преминот Стража, Милески ја признал вината и изразил каење, а поради тоа обвинителството предложило, а гостиварскиот суд ја прифатил шестмесечната затворска казна. Од обвинителството тогаш наведоа дека Милески немал траги од алкохол во крвта и не ја пречекорил дозволената брзина на патот, а единствен пропуст бил што претекнувал на полна лента.
Според објавените пресуди на веб-страницата на Основниот Кривичен суд во Скопје, при изрекувањето на условните пресуди кај сообраќајните несреќи со човечки жртви, судот во голема мера предвид го зема социјалниот и семејниот статус на предизвикувачот на несреќата.
Една од пресудите говори за стравотна несреќа во 2014 година, кога кумановецот Н.З во близина на стоковната куќа „Мост“ во Скопје, на пешачки премин го прегазил скопјанецот З.П.
Од ударот тој бил нафрлен на предното ветробранско стакло од возилото и паднал од коловозот, од што сега покојниот задобил многубројни тешки повреди изразени во вид на нагмечување и крвни подливи во пределот на главата, градниот кош и горните и долните екстремитети, пишува во пресудата донесена четири години по трагичниот настан, во 2018 година.
Н.З. за ова добил условна казна, односно ќе треба да одлежи две години затвор ако во наредните пет години стори ново кривично дело.
Судот во оваа пресуда го ценел фактот дека лицето се кае за стореното кривично дело, констатирал дека дека двете негови деца боледуваат од целебрална парализа и им е потреба нега од трето лице, а неговиот татко боледува од деменција и за него, исто така, е потребна дополнителна нега од трето лице.
Скопјанецот, М.Р., пак, исто така добил условна казна, откако на булеварот „Борис Трајковски“ возел во спротивна лента, кога се судрил со моторциклистот Н.К. Моторциклистот, за кратко време им подлегнал на повредите. Во пресудата стои дека сега починатото лице не носело кацига, немало сообраќајна дозвола и се движело со поголема брзина од предвидената. Скопјанецот кој удрил во моторциклистот добил условна казна поради „искажаното каење за стореното, личните и семејните прилики на обвинетиот, кој е женет и татко на едно дете и придонесот на жртвата во настанување на сообраќајната незгода“.
Минатата година во Основниот Кривичен суд биле примени 20 предмети по членот 300 од Кривичниот законик, став 2 и 4, каде што настапила смрт на едно или повеќе лица кога станува збор за дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Решени биле 10 предмети.
https://vistinomer.mk/wp-
Но, дали само казнената политика би ги спречила трагичните настани пред кои речиси секојдневно сведочат македонските граѓани, а многу семејства остануваат без своите најблиски?
Според Туфегџиќ, казнената политика не е единствениот проблем, туку ресоцијализацијата низ програмска едукација во сообраќајот по издржувањето на казната.
Во ситуација кога се изречени условни казни немаме јасна постапка и концепт за ресоцијализација низ задолжителен едукативен процес во времето на проверка кое му е определено од страна на судот. Сето ова подразбира дека мораме да размислиме за законски измени во смисла на имплементирање на нова мерка за безбедност, во смисла на задолжителна едукација во областа на сообраќајот, која ќе се изрече задолжително при изрекувањето на условната казна а трошоците да паднат на товар на осудениот за време за кое е изречена мерката, вели тој.
Во последниот извештај на Европската комисија за напредокот на правосудниот систем објавен во октомври 2021 година, се нотира „одреден напредок во однос на спроведувањето на судските реформи и стратегии“. Комисијата дополнително ги адресира препораките од Венецијанската комисија за системски решенија за владеење на правото. Во извештајот се нотира дека „сè уште се потребни напори за да се обезбеди систематско спроведување на ажурираниот акциски план за стратегијата за реформи во правосудството и на стратегии за човечки ресурси за судството и обвинителството“.