АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Рецензираме пост на Фејсбук во кој се вели дека „нацистичка Австрија ќе ги боцка сите луѓе додека не ги испоубие“. Во склоп на постот е објавена вообичаена и неспорна вест во која се информира дека Австрија воведува нов режим за влез во земјата, според кој патниците од странство, независно од која држава доаѓаат, можат да влезат во земјата без дополнителни документи ако примиле три дози вакцина против коронавирус. Оние кои не ја примиле третата доза од вакцината може да влезат во Австрија, ама мора да приложат негативен ПЦР тест, под услов да имаат примено 2 дози или да имаат прележано ковид. Ако овие лица немаат негативен ПЦР тест, тогаш мора да бидат ставени во каранин кој може да се прекине со ПЦР тест со негативен резултат.
Базирано на ваков професионален и вообичаен напис со информативна содржина и без коментаторски елементи, во постот се тврди:
Нацистичка Австрија вклучена на најјако. Ќе ги боцкаат сите луѓе додека не ги испоубијат.
Вакцинацијата против ковид-19 не е задолжителна во РС Македонија, меѓутоа за влез во странска држава, секоја земја има дискреционо право да одлучува како ќе се постави во поглед на политиките за вакцинација и докажување на вакциналниот статус на туристот. Со вакцините против ковид- 19 не се убиваат, туку се спасуваат луѓе од смртен исход од болеста предизвикана од коронавирусот.
Австрија воопшто не ги присилува странските државјани да се вакцинираат, но при влез на нејзина територија има дискреционо право да одлучува за потребните услови. Ниту ги боцка, ниту ги убива. Според официјалните правила, објавени на следниот линк, бремените жени и оние кои не можат да ја примат вакцината од медицински причини, во Австрија може да влезат ако покажат медицински сертификат и негативен ПЦР тест. Значи, постојат и исклучоци од правилото за оние кои од медицински причини не смеат да се вакцинираат, со што уште еднаш се потврдува дека Австрија не претендира да присилува никого на вакцинација.
Понатаму, доказот за вакцинација, потребен за да се влезе во Австрија, е за вакцини кои воопшто не се администрирани во Австрија, туку во странство. Во Австрија само се приложува доказот за таа веќе спроведена имунизација, во форма на вакцинален сертификат или сертификат за прележан ковид-19.
На веб-страницата за патување во Австрија се вели дека во земјата може да влезат и тие што немаат примено трета доза. Но, треба да покажат доказ за примените две први дози, да се регистрираат на следниот линк, и веднаш мора да се самоизолираат 10 дена додека да добијат негативен ПЦР тест.
Дури 72 проценти од Австријците се целосно вакцинирани против коронавирус, што е малку повеќе од европскиот просек од 70 проценти.
Речиси половина милион животи во Европа се спасени благодарение на вакцинацијата. Дополнително, спречени се тешки исходи од ковид-19, кои би се случиле кај поголем број пациенти кога тие би биле невакцинирани.
Тврдењето во постот дека вакцините против ковид-19, наводно, се отров, обид за убиство, план за депопулација од големи и скриени елити или влади, како и дека се предизвикувачи на смрт, претставуваат само неосновани теории на заговор, со цел да се минимизираат позитивните ефекти од вакцините. Уште пострашно е што антивакциналните кругови споделуваат информации од системи за пријава на несакани ефекти по вакцинација, за кои не постојат докази дека несаканиот ефект настанал како последица на вакцината и тоа го посочуваат како тнр доказ дека вакцините се смртоносни. Вистината е дека најголемиот дел од несаканите ефекти, кои се јавуваат после вакцинација, се благи и поминуваат за неколку денови, а пријавите за несакани ефекти во системи за несакани реакции не се доказ дека вакцините ги предизвикале.
Австрија од своја страна, не присилува никого да патува во нивната земја, а уште помалку ќе ги боцка сите додека не испоумрат, како што лажно се тврди во постот што го рецензираме. Австрија само ги штити своите државјани од влез на импортирани случаи на ковид-19. Затоа, оценуваме дека не е вистина оти Австрија ќе ги боцка сите луѓе додека не ги испоубие. Впрочем, туристите кои доаѓаат во Австрија се вакцинираат во своите матични земји, доколку сакаат.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар