2win800x200

Наставна ситуација: киднување (бегање) од часови (пишува Александар Адамовски)

Март 01, 2022

Училиштниот живот, поготово во основното образование, најдолго трае и посебно се памети, за разлика од средношколскиот (кој што е поинаков) и трае пократко. Без разлика, функцијата на двата образовни системи е да воспитуваат и да образуваат ученици, кои еден ден, треба да станат зрели и успешни личности. Точно, дека учениците имаат 2-3 пати а може и 4 пати неделно, по 7 наставни часови, што е многу, плус тука влегуваат и дополнителни активности, во договор со одговорните наставници. Сепак, за растеретувањето на учениците со предмети и часови, друг треба да води сметка и да го регулира тој континуиран развој. Најдобро се учи, кога се доловува суштината на самиот предмет, а не само формата. Да се надеваме дека во иднина и за тоа ќе се најде решение и учениците нема да бидат „оптоварени“ со 7-8 часови. Повторувам: не е тоа работа на наставникот, ами на друга институција, која се вика БРО (Биро за развој на образованието) и која е засегната за фондот на часови во наставата, наставните планови и програми итн. Се случува, поготово, во завршната година од основното образование, а поретко и во средно, учениците да планираат т.н киднување, или бегање од часови. На што се должи тоа? Еден изговор говори: недоволно се подготвиле и научиле по наставниот предмет (на пример, наставникот ќе испрашува, или ќе прават тест), друг изговор говори: ами ние сме сега „големи“, па што ако еднаш избегаме; трет изговор говори: не можеме да издржиме на тој час, многу е досадно; четврт изговор говори: скоро сите (па и нашите родители кога учеле) имале избегано од часови, па ајде и ние... Постојат многу изговори... но да не навлегувам во целост. Не е тоj начин за спас! Има многу подобар начин на излегување во пресрет (доволно е, да се замоли предметниот наставник да одложи испрашување). Денес, целта за бегање од часови, има друга позадина.

Последици од бегањето од часови

Непромисленото и „насмеано“ бегање од часови (но, тврдам, не е баш така сеедно), понатаму, во училиштето, отвора обврска за: класниот раководител, предметниот наставник (кај кого избегале учениците) и секако, педагошко-психолошката служба, па дури и правната служба. По сите наставни и законски прописи, првата мерка што следува за ситуацијата со бегањето од часовите е: Усна опомена која се изрекува за одделението/класот што колективно побегнале од часови и Записник за неа. Иако, „поблага“ форма на опомена, сепак мора да биде изречена и запишана во е-дневникот кај секој ученик. Нормално, тука се и неоправдани изостаноци по наставниот предмет и секако, најтрајно и никогаш незаборавно: впечатокот кај самиот наставник за тоа/тој одделение/клас, самиот наставен предмет, како и воопшто за училиштето, во кое учениците учат. Класниот раководител, свикува родителски состанок, ги известува родителите за ситуацијата со нивните деца кои без причина одлучиле да избегаат од часови и секако, им дава усна опомена што треба да ја потпишат, со цел понатаму, да не се повтори и да не се помисли на следен, сличен чекор. Верувам, дека постапката не е воопшто пријатна, затоа што, еве да речеме: кај солиден, посветен и одговорен наставник, да побегнат ученици од наставни часови, треба да имаат длабок изговор и јасна намера. Оправдан изговор, во последниве години, нема. Зошто се бега од часови? Кратко и јасно: од неучење, нечитање, неодговорност кон учебникот, лектирата и сл. Има и ретки исклучоци, тоа мора посебно да се акцентира. Што ако сме IX то одд. зарем не треба книга да фатиме в раце? Или, што ако сме матуранти, па треба ли „полабаво“ да биде? Желбата за неучење е страшна навика, која води во целосно доуништување на образовниот систем. Ученик, кој не чита (макар, колку и да е интелигентен), не може да биде образован, а најмалку да се очекува од него – култура на говор и речник на изразување... Не доаѓа во предвид! Така што, мислам дека, ако паметно и совесно се почне со работење, учење и поголема активност во наставата, нема ни да се помисли за бегање од часови, или измислување дека: „стомакот ме боли“ па да си одам од тој час, и слични ситуации... Таа е реалноста. Секако, има и оправдани ситуации (секоја чест, за искрените исклучоци). Затоа, ученици: без разлика на возраста и одделението/класот, од дома ве пуштаат на училиште да се школувате, тој е приоритетот и така треба да биде. Поинаку, не!

Родителскиот став, за бегање на учениците од часови

Поделени се мислењата колку и како родителите го оправдуваат или не го оправдуваат бегањето од часови. Сепак, некои родители, тврдат дека постапката е оправдана, ете, некогаш и тие биле ученици, па им се случило да избегаат од часови, или полуматурантите и матурантите се „деца“, па сега нормално е да избегаат... лично, за мене се неприфатливи ставови и тврдења. Што тоа значи? Значи, од дома, имаме дозвола да правиме што сакаме на училиште, па дури и да им повишиме тон на наставниците. Така тоа си оди, во случај, ако родителот оправдува бегање на своето дете од часови... Од друга страна, родители чиј став е дека, не е во никој случај оправдана постапката и дека ќе се разговара дома со своето дете повеќе да не се повтори, тука веќе размислуваме, реагираме, постапуваме. И верувам, дека со паметен разговор и искрено ветување, навистина не би имало следно бегање од часови. Но, не смее да се испушти и тоа дека: што во тие, на пример, два наставни часови, учениците наместо во училница, се некаде надвор (којзнае каде)? Кој е одговорен во тој случај? Или, претходно се јавивме дома на родителите, ги известивме дека ќе му ја „киднат“ и никому ништо (можеби, да, и тоа се случува). Затоа, прво добро се мисли, па потоа се зборува. Никогаш, без аргументи, ништо не се прави. Нормално, секој родител е на страната на своето дете, ама кога треба да биде, а кога не, во тој случај, чесно е, да признае дека неговото дете згрешило. Разговорот може многу корисно да дејствува, ако се умее да се води на смирен и коректен начин. Од него се почнува. Затоа, драги ученици, не му се лутете на некој што се обидел да се врати во училница, додека сите сте планирале да избегате од часови. Земете пример од тој ученик, макар бил и само тој, еден, кој не сакал да се придружи на бегањето. Да, тоа е веќе јасно, кога сите бегаат, другарски е, да нема делење, Но сепак, во иднина, добро размислувајте!

За крај, ќе додадам: проблемите во животот, не можеме да ги решаваме со нивно избегнување, ами со нивно соочување!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани