АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Јавниот градски превоз како проблем и прашање треба да се популаризира на едно повисоко ниво! „Градски“ е дел од градот, глобално, неопходност или систем што постои и ќе постои и за којшто единствено можам да посакам да се користи многу помасовно, од поширок круг на корисници. Апсолутно го подржувам јавниот превоз и состојбата на превозниците во услови на енергетска, економска и здравствена криза, но, ... тешко ми е да поверувам дека денес, во време кога се обидуваме да избледне култот за возилата, на јавниот превоз и на градските автобуси, кај нас сé уште се гледа како на превозно средство од „понизок ранг“.
Прво, потребно е токму политиката на локалната самоуправа да ја оформи подлогата врз којашто ќе може да се популаризира темата за подобрување и модернизација на јавниот превоз, бидејќи, решавањето на проблемите со јавниот превоз, без оглед на нивната природа, задолжително бара анализа, планирање и организација на функционалноста на јавниот градски превоз.
Со новиот тарифен систем, кој патем не е поставен на јасно дефинирани критериуми, а без притоа да се вложува во модернизација, проширување и редовност, ќе следува: уште поголем застој и метеж на улиците и веројатен раст на бројот на возила; уште поголемо загадување на воздухот; и евентуално зголемување на бројот на заразени со ковид, пред се кај најранливата категорија – пензионерите.... И веројатно никогаш, нема во нашите градски автобуси да почнеме да среќаваме нови лица, во костуми и дами со елегантни чевли, па да се пофалиме дека сме постигнале напредок во смисла на мобилноста.
Реторички ќе прашам: кога патуваме во странство, без возило, дали изнајмуваме возило или разумно се решаваме за користење на градски превоз? Дали можеби треба да почнеме да се чувствуваме како „странци“ во сопствениот град, за повеќе да се грижиме за него и сограѓаните и за да се зближиме со градот? Ова јасно укажува дека јавниот градски превоз мора да биде соодветна алтернатива на индивидуалниот превоз: редовен, точен, рационален, конфорен, чист превоз за сите граѓани, на соодветно избрани линии кои ја покриваат територијата на градот и ги поврзуваат важните дестинации, но и доволно навлегуваат во зоните за домување.
Конечно, одлуките мора да се темелат на анализа-а анализа нема. Јавното мислење е важно-а граѓаните не се слушнати. Бесплатен јавен превоз или намалување на цената на билетот се препорачува во период на неповолни климатски услови и зголемено загадување, што би било поттик за граѓаните за користење на јавниот градски превоз, а притоа да се зголеми фрекфенција на автобусите на сите дестинации и се воведуваат нови линии.
Во овој момент на локалната самоуправа и се оставени на располагање шест нови возила – кои се уште не се ставени во функција. Отпочната е постапката за формирање на јавно сообраќајно претпријатие-подолго време, па, потребно е локалната самоуправа да сака да започне интензивно да работи на она што значи напреден систем за јавен градски превоз на патници. До тогаш, стимулативните мерки и субвенциите кои се покажале како корисна алатка во процесот на подобрување на градскиот превоз, требаше да бидат првиот избор на актуелната локална власт за поддршка на граѓаните - ШТЕТА!
(Пишува проф. Јасмина Буневска-Талевска, актуелен советник)