2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Корозија на марионетскиот ум

Април 03, 2022

пишува: Александар Литовски

 

Уште од преминот од дваесетти во дваесет и први век, па сè до денешни дни, огромниот дел од нашата македонска (квази)интелигенција е составена, претежно, од просечни, тупави и збунети лица, кои умствено скитаат по пределите на безидејноста, националистичката догматика и неолибералната идеологија. Скоро сите слугуваат на туѓи интереси. Од запад или исток. Но, сознанието за ова бесмислено интелектуално скитање не е нешто што изненадува, оти се чини дека тоа е македонска историска константа. Еден од мотивите, кој до досада, се повторува низ нашето минато, во контекст не само на културно-цивилизациското ниво, туку и во контекст на раѓањето на нашата национално-политичка свест е – периферноста на нашето опстојување. Со еден краток исклучок од времето на Титова Југославија кога бевме „центар на светот“ во секој поглед, сето останато наше опстојување било на периферијата од цивилизацијата: периферија на Византија, периферија на османлиска Турција, периферија на кралска Југославија, периферија на Европа и денешниот неолиберален капитализам. Сите наши „интелектуалци“ кои, писмено или вербално, дејствувале низ тажните и крвави векови во македонската земја, биле ограничени од сопствената периферност, што делумно, секако, произлегувала од периферноста на земјата.

Вториот мотив, кој исто така досадно се повторува низ целата македонска историја, е слугувањето на туѓи интереси. Токму заради оваа „константа“, ние сме назадувале и кога сме имале услови за прогрес. Видливо е низ македонското минато дека деградирањето, етикетирањето, плукањето и „линчувањето“ на најзначајните македонски дејци, најчесто доаѓаше од страна на самопрогласената „македонска интелигенција“ и на политичка „елита“, кои лицемерно се самоприкажуваа и саморекламираа како „најголеми Македонци“ и најголеми борци за „обединета и независна Македонија“. Доволно е само мал интелектуален напор за да се сетиме дека Мисирков и неговото дело „За македонските работи“ во Софија ги уништуваа токму „македонските револуционери“, а Конески го прогласуваа за „џуџе од Небрегово“ некои „врвни“ македонски „политичари“.

Нашата денешна самопрогласена интелигенција е, делумно, преполна со неолиберални сфаќања, а делумно со религиозно-националистички конзервативни предрасуди, а сета оваа скудомозочна булумента тргнува во „размислувањата“ од сопствениот малограѓански и ситносопственички класен интерес, па затоа ги набљудува настаните околу себе статично и без креативност, со луцидност и проникливост на препарирана птица. Сите овие марионети на олигархијата, домашна и странска, се чини, целосно се несвесни дека нема враќање по смртта, ниту лична, ниту национална, та затоа, со „неподнослива леснотија“, не престануваат да ги „убиваат“ сопствената земја и сопствениот народ со своите невтемелени и неиздржани анализи и пророштва.

За последните триесеттина години нашата „интелигенција“, на чиј ум корозивно се напластиле слоеви од конвертибилна финансиска меркантилност и идеолошко неолиберално ѓубре, никако не сфати дека светот е секогаш во движење, дека непрестано се случуваат процеси на промени на геостратегиската шаховска табла, дека не постојат вечни господари и вечни слуги, дека од политички објект не може да се создаде историски субјект преку бескарактерно робување на политичката прагма, ниту преку полтронските книги, симпозиуми, тркалезни маси, концептуални изложби..., со кои некритички се пропагира неолиберализмот, неофашизмот или националшовинизмот. Затоа, секогаш некритички „трча“ да заземе една или друга страна во секој конфликт и ја игра улогата на „поголем католик од Папата“. Но, секако, сето тоа е на штета на државата и народот македонски.

Оваа недоописменета квазиинтелектуална каста е составена, претежно, од склеротични софисти на глобализмот, небеската „мудрост“ и безгрешната „демократска“ власт. Тоа е огромна орда од платени професионални лажговци и измамници, кои играат улога на сезналци, а се само наметливи кочоперни петли кои кукурикаат нa буништето од паметта и моралот, интелектуални чираци што заради испраниот мозок не знаат ништо друго освен папагаласки да дрдорат за „прогресот во рамки на убавиот нов светски поредок“. Тоа, всушност, се сувопарни гњаватори и ситни арамии, кои се китат со туѓо перје, тоа се морални нелуѓе, кои во борбата за „еден долар повеќе“ од Вујко Сем, го загубиле својот човечки, национален и политички лик. Овие наши квазиинтелектуални вазали се преполни со халуцинантни себеизмами за вечното траење на фашизоидните светски сатрапи и нивните денешни империјалистички воени и политички конструкции. Затоа, со денешното некритичко преземање и пренесување на воената пропаганда од алијансата на светските Газди, нам ни се случува она што Ѓерѓ Лукач го нарекува „разорување на умот“, а телесната и моралната чума што како последица на ова заболувањето од конзумеризмот ги зафати македонските „интелектуални елитисти“, денес веќе очигледно, дејствува корозивно врз нашиот национален и политички ум, што претставува не само културно-цивилизациски пад, што не е само неизбришлива генерациска морална срамота, туку е состојба што го доведува во реална опасност опстанокот на македонската држава и нација.

Грдата и застрашувачка стварност не е непроменлива, но добрите времиња никогаш нема да дојдат сами од себе. Животот и иднината ги носат и менуваат Луѓето. Бунтовниците, праведниците, еретиците, непокорниците, утопистите... тие се вестителите на новото, убавото и среќно човечко и човечно опстојување. Оти, човечкиот дух е неуништив. Нескршливи се и неговата волја и копнежот за слобода. Без принципот достоинствен Човек не опстојува поимот Слобода. Без Македонеци, не може да опстои Македонија. Едноставно е да се сфати, зарем не?

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)   

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани