АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Првата и многу важна семејна обврска на домот, односно на дневната соба во домот, е своето дете, да се воспита и научи на трајни вредности уште од мали нозе, а тие се: култура и почитување. Без тој потег, не може од домот да излезе: воспитано, разбрано и културно дете. Оти, со пречекорувањето на куќниот праг, тоа веќе наидува на друг свет, на други соочувања, интереси, желби итн. Покрај светот на улицата, се разбира тука е училиштниот свет, каде покрај воспитната компонента, продолжува онаа описменувачката, или образовната компонента (основата). И тој е период и процес кој сака макотрпно време, оти само така може да се совлада и научи. Период, исклучително важен за родителите, а секако и за наставниците.
Родителот како учител и воспитувач
Родителите, се први учители, а паралелно и први воспитувачи на детето. Како тие ќе се постават со него, така тоа ќе се постави со сите останати (и надвор, и во маркет, и во игротека, и на училиште...). Затоа, со време се учи на постапки, навики и однесувања. Дете, кое од мало, во смисла е: „запоставено“, понатаму, тоа негативно се одразува во неговиот раст и развој и секако, повлекува други проблеми. Најважна е школата од домот, која не е така лесна и едноставна, но сепак еднаш, засекогаш, може и мора да се научи, во најдобро можно светло. Секој родител го посакува најдоброто за своето дете, нормално, и така треба да биде, но сепак мора да внимава колку слобода му дозволува и како таа се користи (на пример, не мора уште од мало да користи Ајфон, и сл.). Само на тој начин, може да се биде и остане: паметен и одговорен, ако се има граница и мерка. Воспитанието, ако е пример од домот, тоа понатаму секаде ќе биде позитивен впечаток. Затоа, со време, треба смирено и трпеливо да се советува и учи детето. Или народски кажано: „еднаш одлично совладана лекција, секогаш се памти“. Така и со најмилата радост на родителите. Колку труд ќе вложат, толку очекувања ќе добијат. Не е туку така случајно, денешното играње на децата надвор, кое е проследено со: пиштење, вриштење, неконтролирани извици итн... Тоа е секојдневие. Тоа е доказ дека дома воопшто не се дејствува, или пак се дејствува, ама не во вистински правец. И замислете како тоа понатаму ќе се одразува? Може само да се претпостави. Разликата на денешните деца, со децата некогаш е огромна, и нема заеднички црти. За жал, такво е современово време на живеење (со ретки исклучоци, кои постоеле и постојат). Разбирливо е да се прилагодуваме на секакви промени (без разлика дали сакаме, или не, тие се околу нас), меѓутоа и тоа има граница која не смее да преминува во лудост и безобразие. За да имаме среќни и разбрани деца, кои имаат контрола во однесувањето и слични потреби, треба домашната школа построго да дејствува. Оти во спротивно, невоспитанието само ќе се таложи и ќе зазема размери. Да не се случи такво нешто, добро е да се менуваат карактерните особини, како на родителите, така на децата. И сигурно, ќе биде многу подобро! Ефектите ќе бидат поинакви. Денешните деца се надпросечно интелигентни и многу брзо потсвесно сфаќаат и учат (треба да имаме во предвид дека имаме деца со различни потреби, кои заслужуваат подеднаков третман, како сите останати). Треба само малку волја, за свесно тоа да се покаже. Детската игра треба да биде сведена на толеранција, на љубов и многу радост и смеа, а не, на кавга и невербална артикулација. Додека не се научи воспитната суштина од домот, не може да се очекува култура и почит кај ниту едно дете, кон никого. Постојат фамилии каде што се живее како заедница, па оттука, не е чудно бабата и дедото да бидат многу повлијателни од родителите (има и такви ретки, а паметни фамилии). Родители: бидете принципиелни воспитувачи и учители на вашите деца!
Периодот на премин на училиште
Првото соочување на детето во заедница и дружење со други деца на негова возраст, се случува во градинка, а во поново време и во игротека. Зависно од можностите и потребите на родителите, децата се згрижуваат во една од овие две установи. Период, кога детето се учи на општи навики (како од социјален, така од хигиенски и културен карактер). Период, кој низ игра и едукација, го подготвува детето за во школо, за стекнување на нови познанства - другарчиња (или можеби ќе биде со истите, со кои било во градинка) и најважно, запознавање со својот/својата, прв/а учител/учителка. Дете кое веќе научило од дома, како треба да се однесува во една воспитно-образовна институција, нема никаков проблем да се прилагоди во неа. Така, им ја олеснува и обврската на оние кои се грижат за него. Нормално, секоја промена не е така лесна, но детето, може да се навикне (со текот на времето почнува да му биде интересно и забавно). На училиште, веќе станува, најпрвин учениче, па потоа ученик. Порано беа четири години одделенска настава, а сега веќе неколку години, се пет години. Во тие пет години, учителот ја има најважната и најодговорната мисија: да го описмени и научи своето учениче да биде: добро, паметно, културно и разбрано дете. Односно, да му даде образовна основа (почнувајќи од буквата: Аа, и бројот 1, па натаму...). Тоа, најдобро го можат и умеат одделенските наставници, за кои верувам дека не им е, ни малку лесно. Тие, најдобро си знаат. Во тој прв период на учење, лесно може да се препознае колку и како детето е подготвено за во училиштната клупа и дали тоа лесно ќе напредува. Многу е важно, тоа да се процени и со време да се дејствува, бидејќи како што детето преминува од одделенска во предметна настава, така расте, се менува, и така треба да му биде полесно да се навикнува на новите предмети и секако, на новите за него, наставници. Работата на предметниот наставник со деца кои веќе стекнале основа од одделенска настава, навистина „лета“, односно се работи со мерак и без заостанување. Тоа во суштина, значи: напредок, резултат и успех. Секако, тоа понатаму е видливо во сите погорни степени на образование. Исклучително важна е, социјализацијата од сите општествени, културни, воспитно-образовни аспекти. Само преку неа се гради зрела личност на ученик и воопшто, на човек (како семејно, така и општествено одговорен). Детето кое научило од дома да сака, почитува, разбира, вреднува, тоа нема да има никаков проблем во ниту една друга средина (било образовна, било вонинституционална). Најважен е првиот чекор, од домот, а тој се вика: ВОСПИТАНИЕ! Тоа еднаш се стекнува, а секогаш, секаде и со секого се покажува. Навиките од домот, на школо само се надградуваат. Спремно дете од дома, спремно е во училница.
За крај, од овој текст кој повеќе го посветив на воспитната компонента на домот и преминот во училиште, на сите ученици, им посакувам добар и среќен остаток од летниот распуст. Живи, здрави, радосни! П.С. читнете и по некоја страничка, не би било никаква пречка. Почетокот на новата учебна година е на прагот, а за неа, во мојот следен текст. Единствено, што посакувам е: сите ученици, заедно со своите наставници да се вратат таму, каде што припаѓаат, односно, каде што им е вистинското место: училиштето и училницата! Така, најдобро се учи и се продолжува воспитно-образовната дејност. Онлајн е само форма, училиштната средина е форма и суштина.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик