АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
пишува: Александар Литовски
Во едно безусловно сурово време за Македонија на почетокот од дваесеттото столетие, кога систематски и доследно се омаловажувало и одрекувало секое македонско национално и човечко чувство, во моменти на опасна македонска морална, интелектуална и национална омалаксаност, како најзначаен македонски интелектуален и национален компас се појавил Крсте Петков Мисирков со својата „македонска идеологија”, која беше увертира во дефинитивното конституирање и афирмирање на македонската национална свест.
Ерудит и публицист, лингвист и филолог, етнограф и историограф и, над сe, македонски патриот, во средина на примитивни маси, сред мнозинство на идеолози и раководители на ВМРО кои сe уште имале националнополитички халуцинации, тој, Мисирков, беше целосно свесен на сложеноста на сопствената задача и свесен дека неговите усилби за научно аргументирање на македонскиот национален идентитет нема да наидат на плодна почва и разбирање.
Сепак, и наспроти сето тоа, Мисирков занемарувајќи ја опасноста за сопствениот живот, кон крајот на 1903 година ја објавил својата книга „За македонските работи”, и го издигнал Македонецот на пиедесталот на автохтон и рамноправен национален субјект на Балканот. Во неа застапениот „еволуционизам”, како метод за извојување на македонската слобода, значел најпрво да се изврши изградување и зацврстување на македонската национална свест, да се постигне духовно, национално обединување на народот поделен од пропагандите и да се развие самостојна македонска национална култура, јазик и црква, а дури на крајот да се извојува политичка слобода и да се создаде македонска национална држава. Сето тоа логично водело кон тезата дека за Македонија и македонскиот национален развиток, во тоа историско време, е нужен привремен опстанокот на Турција како европска држава. Поаѓајќи од таквите позиции, Мисирков сосема јасно укажал дека „настаните што се развија досега ни покажаа јасно колку ние самите можеме да си напакостиме, мислејќи оти постапуваме правилно”, односно сосема јасно и недвосмислено констатирал дека Македонското револуционерно движење и од него поведеното Илинденско востание доживеале „полно фијаско”. Тоа, пребрзано и „вештачко” востание, за него, претставувала „една од најголемите, ако не и најголема несреќа за нашиот народ”. И на крајот, укажал дека ВМРО „е тесно сврзана со Бугарија”, обвинил дека нејзините раководители, во своето мнозинство, се „чиновници егзархиски” и, следствено, бугарски државни службеници и дека „Бугарија и комитетот /ВМРО – б.м./ сакаат да создадат ‚Бугарска Македонија‘". /Крсте Мисирков, За македонските работи, Скопје, 1985, 45, 49, 5354/
Сосема природно, за една централизирана и авторитарна организација каква што беше ВМРО, која беше „сесилна” и ги „имаше во свои раце животот и смртта на сите граѓани” сосема неприфатлива била било каква критика. Најмалку, така отворена и бескомпромисна како онаа на Мисирков. Критика, која освен директно кон раководството на ВМРО за застапување на бугарските интереси, била насочена и кон нивните ментори и финансиери во бугарските владеачки кругови.
Погледнато од денешнава наша перспектива, околу позициите на Мисирков запишани во книгата „За македонските работи”, потребно е да укажеме на неколку констатации. Имено, позициите на Мисирков иако се во основа точни, сепак, се и премногу еднострани и поедноставени во однос на антинационалниот македонски карактер на ВМРО. Имено, во рамките на ВМРО, како масовна општонародна организација, имало разни и различни идејни стуења и разни и различни погледи и разбирања за сите прашања кои биле во контекст на македонските проблеми и идеали. Покрај тоа, „еволуционизмот” на Мисирков е само еден метод за национално ослободување, но не и единствениот. Иако од денешна перспектива се чини дека сосема исправна е неговата критика за предвременоста, неподготвеноста и неадекватноста на Илинденското востание со тогаш реалните внатремакедонски и меѓународни констелации /што впрочем го забележувал и Гоце Делчев и други најистакнати раководители на Македонското револуционерно движење/, тоа не смее да се претвори во генерална аналитичка позиција дека Македонија и македонскиот народ можеле да се ослободат единствено по пат на национален и културен развиток. Револуционерната масовна борба, која Мисирков толку многу ја критикува, исто така, е легитимен и неопходен метод во македонската националноослободителна борба.
Но, побитно е дека книгата „За македонските работи” со својата критика на ВМРО и нејзиниот недостаток од македонски национални атрибути, отвора една проблематична димензија на нашиот однос кон сопственото минато. Се чини дека во името на зачувување на „митот” за ВМРО како непогрешива македонска национална организација, како еден реален столб на македонизмот и како репер за националниот развој, нашата историографија денес, често, смислено се обидува да не ги „пренагласува” фактите кои зборуваат за недостатното присуство на македонски национални атрибути во ВМРО. Всушност, нашата историографија на моменти е спремна да ја жртвува вистината, која, исто така, е апсолутно неопходна како национален и научен репер.
Во секој случај, величествените хоризонти што книгата на Мисирков „За македонските работи” ги отвори, колосалната инспиративна енергија на централниот став за одделниот национален македонски идентитет, биле нешто толку големо, радикално и авангардно што едноставно таа не можеше да биде дозволена од владите на балканските претенденти на Македонија. Тука лежи и објаснувањето на обидите таквата книга да се заборави, да се сокрие, да се игнорира, да се анатемизира и, дури, да се сотре од лицето на земјата.
Но, и покрај таквата несреќна судбина на книгата „За македонските работи”, Крсте Петков Мисирков и по судбоносната 1903 година продолжил со својата научна и патриотска дејност. Безграничната и ненадминатата љубов за Македонија и народот македонски, кај Мисирков создава непресушен и несопирлив порив за работа и борба околу македонското национално прашање. Затоа, и натаму, во името на македонската национална посебност, со достоинство на зрел и умен човек, со силно концентрирана волја, со ладнокрвност на егзактен научник, со години истражува, проучува и пишува разни текстови во кои го реконструира монументалниот историски ôд на македонката нација. Тоа го прави и во време на големите балкански крвопролевања од Балканските и Првата светска војна, а и по нив, кога веќе неговата Татковина и многунапатениот македонски народ се поделени. Повторно, Крсте Петков Мисирков е свесен за тоа дека ако македонскиот збор се загуби во ѕвекетот на оружјето и размавтаните воени знамиња, дека тогаш не е далеку и самракот на Македонија и на духот македонски.
Затоа, и понатаму настојувал да ги увери сите свои национално заблудени сонародници дека имаат сопствена национална македонска припадност и од неа произлезени сопствени национални интереси. А, и понатаму, таквата негова активност предизвикувала негодување и мрморење, викот и врескање, кај необразованите примитивци во служба на пропагандите. Тие проповедници и пропагандисти на лагата дека во Македонија постојат само Срби, Бугари, Грци..., всушност, освен сопствената овоземска материјална добивка, немале никаква друга мисла во својата глава, а со години р'желе како бесни кучиња на Мисирков, само за да им угодат на своите стопани во некоја од балканските престолнини. И кога Мисирков веќе трајно се населува во Бугарија, а неговиот, и на неговата фамилија, физички опстанок е доведен во прашање, тогаш се продуцирани и неколкуте негови статии „што формално имаа бугарофилска интонација.” /Б. Ристовски/ Тие статии, всушност, претставуваат само бледи компромиси да се зачува физичката егзистенција и сами по себе не зборуваат толку многу за позициите на Крсте Петков Мисирков, колку што зборуваат за едно жално време на политичко безумие и разврат, во кое секаква македонска национална манифестација е прогонета во длабока илегала со најдраконски законски и вонзаконски средства.
Сепак, во последните години од својот живот, кога македонските врховисти, платени од бугарскиот царски двор, исцело го искривоколчуваат светото македонско дело и во негово име се служат со убиства од зад грб на сите оние кои се спротиставуваат на големобугарската национална кауза, Мисирков јавно им укажува на сите Македонци дека за нив „свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од с# друго на светов.” /в. „Мир”, 25 март 1925/ Искличително храбро, повеќекратно, јавно го аргументира и брани македонскиот национален идентитет и отворено ја кажува наједноставната вистина дека „Македонците $ се нужни на Македонија; само со Македонци, Македонија ќе биде на Македонците, а не без нив.” /в. „Мир”, 12 март 1925/ Им објаснувал дека Македонците не треба да се раководат од укажувањата и сфаќањата на софиската и белградската интелигенција или дневните интереси на Бугарија и Србија, туку „ние сме Македонци и за нас на прво место стојат интересите на Македонија и Македонците...” /в. „Пирин”, 21 октомври 1923/ Согласно на тоа, им советувал дека како Македонци треба да имаат само „свое македонско гледиште за минатото, сегашноста и иднината” на својата татковина. /в. „Мир”, 12 март 1925 година/