АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
пишува: Д-р Александар Литовски
Последен поздрав за другарот Александар Трајковски
Овде во Македонија, и да се дише и да се живее е чин на борба. Беше тоа, особено така во време на партизанската борба и Револуцијата. Напати, се чини дека единствената македонска историска мисија била, и останала, да се преживее како Македонец. Да не дозволиме да бидеме целосно уништени и избришани од земјината топка. Да останеме живи...
А, познато е дека не се живее и не се умира по заслугите. За жал! Кога ќе почине некој кој ви бил близок, барем во оној идеолошки поглед, кого сте го познавале како доследен и чесен човек, со кого сте биле сочуственик и сомисленик за голем дел прашања, нормално е да чувствувате како да сте претрпеле ненадоместлива загуба, како да ви е откинато парче од душата. И тогаш се прашувате, со сета сериозност; има ли правда и логика во функционирањето на универзумот? Но, без разлика на таа дилема, мора да веруваме дека ќе дојде време кога добрите и доблесните ќе бидат и почитувани и ценети. И за време на живот и откако ќе настапи смртта. Впрочем, умниот Цицерон подучувал дека кога еден човек стигне до крајот на својот живот „останува само она што го постигнал со добродетел и праведни дела.“ Оттаму, зад почитуваниот Александар Трајковски, кој сметаше дека ние ѝ должиме на Татковината сè, а таа нам - ништо, сосема сигурно, ќе остане една грамадна планина.
Инаку, другарот Александар Трајковски е роден на 4 февруари 1927 година во работничко семејство во Битола. По капитулацијата на војската на кралска Југославија во Априлската војна 1941 година, како ученик во основно училиште, заедно со Славе Ристевски и Мендо Илиевски, од страна на Стеван Наумов-Стив и Пецо Божиновски-Кочо бил ангажиран и помагал при собирање на оружје и муниција од магацините на напуштената битолската касарна и при нивното складирање во скривница во куќата на првоборецот Вангел Илиевски. Во 1942 година, иако малолетен, бил ангажиран за растурање на летоци со содржина против бугарската фашистичката власт и во слава на комунистичката партија. На 20 јули 1943 година во станот на првоборецот Рамиз Османов бил примен во младинската комунистичка организација (СКОЈ). Еден период работел во младинската група на Кочо Костадиновски, потоа во групата на Илија Трајковски, па на Миле Тапанџиевски и на крајот пред капитулацијата на Бугарија бил префрлен во скоевската група што ја раководел Марче Наумовски. Освен во акции на собирање оружје, учествувал во акции на растурање на илегални летки и весници, како и во пренесување на илегална пошта.
По ослободувањето на Македонија од фашистичката окупација заедно со Миле Тапанџиовски, бил одреден за да оди на школување во Офицерска школа во СССР, но од воената лекарска комисија бил одбиен. Сепак, во 1946 година бил испратен во првата класа на Школата за резервни офицери во Ниш, Народна Република Србија, а по завршувањето на школата со одличен успех, бил испратен на неколкумесечна воена пракса во касарната на ЈНА во Куманово. Бил демобилизиран од ЈНА со чин „капетан прва класа“.
Од почетокот на 1948 година бил примен на работа во Управата за државна безбедност во Битола. Во 1954 година бил испратен на школување на Вишата школа за внатрешни работи на Министерството за внатрешни работи на ФНРЈ во Белград. Во 1959 година бил поставен за шеф на Управата за државна безбедност во Битола. Во 1961 година дипломирал на Правниот факултет во Скопје, а по две години го положил и правосудниот испит. Во 1963 година бил избран за Началник на Секретаријатот за внатрешни работи во Прилеп, а потоа осум години бил началник на Секретаријатот за внатрешни работи на Битола. Истовремено бил претседател на Југословенско-грчката гранична комисија за Третиот реон. Во месец април 1974 години станал заменик окружен јавен обвинител, на кое работно место останал до 1986 година, кога се пензионирал.
Истата 1986 година бил избран за член на Законодавно-правната комисија на Собранието на СРМ. Од 1956 до 1963 година бил претседател на Околиски стрелачки сојуз на Битола. Од 1970 до 1980 година бил избран за претседател на Општинскиот одбор на СОФК-а Битола, а воедно бил член на претседателството на СОФК-а на Македонија. Во 1980 година, бил во делегацијата на СФРЈ и СРМ на „Летната олимпијада“ во Москва.
За учество во НОАВМ бил носител на две медали „За заслуги“ и „За народ“ и со два „Ордени заслуги за народ“ од втор и трет ред, како и со „Орден на трудот“. Во 2002 година бил избран за член во Општинскиот одбор на СБМ-Битола и претседател на Надзорниот одбор. Во 2006 година станал член на Претседателството на Општинскиот одбор на СБМ-Битола, во 2008 година за потпретседател на Општинскиот одбор на СБМ-Битола, а во 2011 година за претседател на ОО на СБМ-Битола и член на Главниот Одбор на Сојуз на борците на Македонија.
Смртта е најодвратниот и најнесаканиот гостин, кој дрско, сурово и ненајавено доаѓа. Таа сенишна аветнина, од нас, ни го оттргна другарот Александар Трајковски, кој беше, сосема недвојбено, непоколеблив комунист и доследен борец во борбата за македонската национална држава. Патувај драг мој пријателе. Твоето животно дело за социјална правда и национална слобода останува неизбришливо во антифашистичката, комунистичката и македонската националноослободителна традиција. СФ-СН!