2win800x200

Полицаец од Битола доби Четвртоноемвриска награда за „новинарство“ оти имал фејсбук „портал“ - го гласаше опозицијата

Ноември 05, 2025
Дарко Секуловски полициски службеник Дарко Секуловски полициски службеник

Полицискиот службеник од СВР Битола, Дарко Секуловски е добитник на наградата „4 Ноември“ за едногодишно достигнување што ја доделува градот Битола како највисоко признание на своите граѓани по повод ослободувањето на градот 4 Ноември.

Секуловски престижната награда што се доделува еднаш годишно, ја добива оти имал Фејсбук „портал“ со назив „Просечен битолчанец“ на кој ја промовирал Битола пред светот. 

Со овој гест на некој начин, полицискиот службеник од сектор сообраќај, Секуловски се вброи меѓу најзаслужните битолчани, особено што награда за животно дело „4 Ноември“ досега ја имаат добиено доајените на битолското и македонското новинарство и фоторепортерство Петар Ставрев и долгогодишниот новинар Димче Миновски. Едногодишната награда „4 Ноември“ ја имаат добиено и новинарите Панде Манојлов, Зоран Пејковски, Панде Димитровски, Димитар Димитровски -Такец и други, професионалци во новинарството, публицисти и хроничари и промотири на градот Битола. 

За Секуловски да ја добие наградата гласале пет од вкупно осум члена на Управниот одбор на Фондот за доделување на наградата „4 Ноември“, односно како што кажуваат во разговор за „Апла“ советници од СДСМ, покрај нивните членови гласала и поранешната претседателка на Советот Габриела Илиевска. На прашањето што достигнување имал Секуловски во изминатата година што го гласале, советници од СДСМ не беа запознати па велат:

„Гласавме оти има Фејсбук 'портал', убо дете е“.

Во разговор советниците на СДСМ, не прават разлика помеѓу „Фејсбук профил“ и „веб портал“, а уште помалку помеѓу новинарство и занимација на фејсбук. А и самиот Секуловски пишува  Фејсбук „портал“. 

Општина Битола претставувајќи ги сите добитници на наградата „4 Ноември“ за Секуловски објави:

„Дарко Секуловски – награден за културен придонес во промоција на градот Битола, особено преку најновите, современи алатки, односно Фејсбук порталот ‘Просечен Битолчанец’“, информација јавно достапна. 

 

cb25f4d1 0656 463d aaa2 753be62e2de9

Вака личи една од последните објави и промоциите на Битола на „Просечен Битолчанец“

 

Од Советот на Општина Битола под чија надлежност е Управниот одбор за наградата „4 Ноември“ за „Апла“ изјавија дека  Секуловски бил предложен од Здружение за развој на спортот „Конзули ветерани“ Битола, како единствен администратор на фејсбук профилот „Просечен битолчанец“, посебно за неговиот ангажман за периодот кој се предлага од 01.08.2024 година до 31.07.2025 година.

Од Советот велат дека согласно Статутот на Општинскиот фонд за наградата „4 Ноември“ и Правилникот за организација и работа на Управниот одбор наградата се доделува на кандидатите кои добиле најголем број гласови од присутните членови на Управниот одбор. 

„Одлуката за доделување на Наградите ја имаше Управниот одбор на Фондот  за наградата „4-ти Ноември“во состав од: претседателот на Управниот одбор Габриела Илиевска и членовите Бојан Бојкоски, Мирјана Захариевска-Ралевска, Јадранка Павловска, Методија Илиевски, Марко Јосифовски, Соња Петреска и Жаклина Наумовска. 

Во конкретниот случај на седницата одржана на ден 31.10.2025 година, присуствуваа 8 членови на одборот и Одлуката за доделување на наградата на Дарко Секуловски е донесена со 5 гласови „ЗА“. Гласањето се спроведува тајно и поради тоа не може да Ви дадеме информација кои од членовите гласале за овој кандидат,“ одговори Советот.

 

Инаку Секуловски на Фејсбук страницата објави: „Имам за чест да објавам дека нашиот Фејсбук портал „Просечен битолчанец“ кој 10 години не забавува е избран за наградата „4 Ноември“ која ја доделува Општина Битола по повод Денот на ослободувањето на градот Битола а воедно е и највисоко општинско признание. Преку нашите автентични слики, видеа, песни и статии да ја промовираме и споделуваме нашата Битола пред светот“, пишува Секуловски.

И накрај пишува дека „за песна“ ја освоил оваа награда и  споделува песна напишан со автентичен битолски уличарски жаргон. 

 

БИТОЛСКА ЉУБОВ

Ехх да знат дрвјата да зборат,
Па да раскажат за то колку те имам чекано,
јас избеган од последниот час од Горната,
а ти на предчас во Медицинско не ојдена,
Само за да се видиме…

Ми светат очите..
За миг и дрвјата заќутваат..
за да слушнат шо ти зборам,
А и шознам да ти кажам
Пилиштар 17 години…покасно пуштен во прво..
А ти..ти најубото чупе…најубото чупе од кај Гроздо..идната докторка..

Години поминаа..
пак сме тука на клупата наша,
Наша е..и не ја даваме..
синкир татко ми од дома ја местеше..

И дрвјата се истите тие..
И Медицинско е таму кај шо беше,
И Горната не се подмрдна…
Само лицата малце ни се сменија..

Моето со поќе брчки..оштро,оти машко сум,построг да бидам требало…така личело,оти шо ќе речат другите…
А твоето…исто како тогаш…за мене најубо..

Ех да знат дрвјата да зборат,
Па да раскажат за то колку те имам чекано…

И оваа објава е една од последните промоции на „Просечен битолченец“ на Битола 

 

 

Секуловски се обрати синоќа до „Апла“ и побара ако го споменуваме да кажиме дека средствата добиени од наградата ќе ги донира. 

 

 

текст Анета Блажевска  

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани