
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Михалис Рокас, денеска ќе ги посети општините Крушево и Битола. Посетата на Крушево е дел од иницијатива за информирање на јавноста со цел да се приближи ЕУ и процесот на интеграција на земјата до локалните заедници. Посетата на Битола е во рамки на прославата на Денот на Европа низ целата земја.
Како што информираат од Делегацијата на ЕУ, посетата на Крушево ќе почне со средби меѓу амбасадорот Рокас, градоначалникот Нико Чонески и членовите на Советот на општината. Дискусиите ќе се фокусираат на придобивките од пристапувањето во ЕУ, како и на видливите резултати од финансиската помош на ЕУ врз секојдневниот живот на луѓето во регионот.
Амбасадорот Рокас ќе се сретне и со претставници на граѓанското општество и ќе учествува во отворена дискусија со граѓаните на Крушево.
Вечерта, во Битола, Рокас ќе го отвори концертот по повод Денот на Европа на големото плато на Офицерскиот дом, со бендот Funk Shui и DJ Dejan Dex.
Програмата за Денот на Европа во 2026 година, под слоганот „Наша Европа. Посилни заедно “, е организирана за граѓаните од страна на Делегацијата на Европската Унија, мрежата на Јуроп Хаус и амбасадите на земјите-членки на ЕУ. Министерството за европски прашања и локалните власти се партнери на настаните низ целата земја во текот на месец мај. Целосната програма е достапна на https://link.europa.eu/Nhb7kG и на социјалните медиуми на Делегацијата на Европската Унија и мрежата на Јуроп Хаус.
