
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Шестмина познати и признати битолчани и едно здружение се во трката за Наградата „4 Ноември“ која ја доделува Општина Битола по повод Денот на ослободувањето на градот Битола. За наградата ќе одлучуваат советници од досегашниот состав на Советот на Општина Битола, бидејќи новоизбраните советници од последните локални избори се уште не стапиле на функциите.
Неофицијално „АПЛА“ дознава дека за наградата животно дело претендираат:
-Уметникот Панде Петровски предложен од Друштвото на ликовни уметници на Битола, како и од сега покојниот хроничар на Битола, професорот Александар Стерјовски.
-Македонско-турското здружение „Мустафа Ќемал Ататурк“, предложено од новинарот Димче Миновски.
-Кире Марков, обучувач за пливање и зимски спортови предложен од група граѓани.
-Митко Попрцов дипломиран инженер по електроника предложен од Тениски клуб Битола.
-Ѓуро Илиќ - спортист, предлог на Општинскиот сојуз на спортови.
-Писателот Петре Димовски предложен од Пелагониски културно-научни средби од Новаци.
-Познатата актерка во пензија Соња Михајлова предложена од Народен театар Битола.
Кој од предложениете ќе ја понесе наградата за животно дело и кои ќе бидат наградени за едногодишни остварувања ќе се знае в петок кога ќе заседава Управниот одбор на Фонодот за наградата „4 Ноември“.
За последен пат по четиригодишниот мандат за наградите ќе одлучува досегашната претседателка на Советот - Габриела Илиевска, а членови на комисијата се досегашни но и идни членови на Советот на општина Битола: Бојан Бојкоски, Марко Јосифовски, Соња Петреска, Жаклина Наумовска, Методија Илиевски, Јадранка Павловска и Мирјана Ралевска. Во комисијата членуваше и сега покојниот советник Зоран Петковски.
Наградата „4 Ноември“ е највисоко општинско признание кое се доделува од 1958 година, а од 2002 година е воведена и награда за животно дело. Се доделува на физички и правни лица како знак на општествено признание за значајни остварувања во стопанство, наука, култура, образование, спорт, како и други сегменти од животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на општината и државата. Наградата за едногодишно остварување се доделува на правни и физички лица, додека пак, наградата за животно дело се доделува само на едно физичко лице.
Досега наградата за животно дело меѓудругите ја добиле – ликовниот уметник Тоде Ивановски, ликовниот педагог Коста Хаџи Антоновски, писателот Владимир Костов, актерите Јоана Поповска, Петар Стојковски-Бабец, лекарот Димитар Котевски, Отец Партениј - игуменот на Бигорскиот манастир, а последните години композиторот Петар Георгиев-Калица, актерот Петар Мирчевски, новинарите Петар Ставрев и Димче Миновски и ланската година бардот на битолското глумиште Борис Чоревски.
Анета Блажевска
