2win800x200

Почитувајте ги оние кои ве описменуваат(пишува Александар Адамовски)

Октомври 10, 2022

Првите словенски просветители, браќата СВ.„Кирил и Методиј“ биле свети мисионери на најблагородната професија во животот – поучувањето (учењето), кои дале огромен придонес во просветување и ширење на писменоста меѓу непросветеното, христијанско население. Мисија која значи трајно богатство за еден народ. Таквата мисија, како наследство и чест, ја имаат учителите, наставниците, професорите, секој во својот домен на интерес и на работење. Велам: најблагородна професија, затоа што, за да описменуваш и да градиш личности со: знаења, умеења, вештини, потребна е најпрвин, голема љубов, а потоа: волја и трпение. На просветарите, кои со душа и срце работат, со цел да пренесат знаење, треба да се гледа со посебна почит и внимание.

До каде е денешното почитување во училиштата?

Не е нималку за пофалба, денешното (не)почитување во рамки на училиштата, нормално, со одредени исклучоци, како секогаш и секаде што постојат. Велиме, дека сите треба да го почитуваме Кодексот на однесување во една образовна институција, и тоа е нормално и правилно. Но, се случува, да се отстапи од кодексот, па да се премине на недозволено, недолично однесување. Затоа, и родителите дома, треба многу да работат со своите деца на културата и однесувањето во училиште, па и во секое друго опкружување. Воспитувањето во дневната соба во домот, има многу значајно влијание врз детето. Имаме секакви карактери, како на ученици, така и на наставници итн. Меѓутоа, од секогаш (поготово во 90 тите години) важеле некои строги правила и норми кои и денес мора да се запазат и почитуваат: на наставник, на пример, не се повишува тон, не се навредува, не му се покажува нервозно однесување... оти сето тоа не води до заеднички јазик и договор како да работиме и учиме понатаму, напротив, создава многу погрешни и лоши впечатоци. Тоа е особено важно за двете страни субјет-објект во наставниот процес. Мора да постои разбирање и што е најважно, насмевка и расположено однесување, затоа што, така најдобро се работи во училница и надвор од неа. Не нѝ се потребни мерки и укори, ако можеме и умееме самостојно да покажеме: контролирано и примерно однесување, што ќе биде за пример. Да не се разбереме погрешно, значи многу малку е потребно да се промени едно непочитување и да премине во почитување (од самите себе се тргнува, од личната совест). Има ученици, кои научиле култура на говор, на изразување, на однесување што е одраз на добро и правилно, домашно воспитување. И никогаш, ќе немаат проблем во комуникацијата и разбирањето со наставниците, па и воопшто. За да се почитува, треба да се внимава и на прекумерното користење на социјалните мрежи, кои обично се презаситени со говор на омраза, со негативни работи и сл. Затоа, треба да се извлекува и да се користи, она што е позитивно, корисно, односно, она што правилно поучува и води во правилна насока. Да се надеваме, дека кодексот на однесување многу подобро ќе се почитува. Верувам, дека секој може да се промени на подобро, само ако има цврста волја и одлучувачка намера. Во училиштната средина, мораме сите субјекти да ги почитуваме, без разлика колку сме се изненадиле од некого. Тоа е етичко однесување. Ајде, ученици, па и сите останати, да одиме по патот на културното и одговорното однесување и почитување!

Првите учители и класни раководители, никогаш не се забораваат

Да читаш, пишуваш, броиш, започнуваш со учителот/учителката. Многу важна основа, која мора правилно да биде пренесена, за подоцна да не создава проблеми и тешкотии. Ако првата основа, правилно се совлада, тогаш многу полесно се пристапува на погорните одделенија и класови. Процесот на описменување е макотрпен и бара многу внимание и трпение (тоа најдобро го знаат одделенците од прво до петто одделение). Мал пропуст во оваа најважна мисија, може да значи голем проблем кај ученикот и секако, кај наставникот во предметна настава. Соочување, кое за жал, е присутно. Затоа, учењето треба да биде континуирано, со повторување, односно потсетување на веќе наученото. Секој учител и наставник, го вложува максимумот во рамките на наставата, за да го научи и порасне тоа учениче, во прав ученик! Кога одделението е солидно, тогаш сите пофалби ги има учителот. Понатаму, како „синџир на исхрана“, тоа продолжува да се докажува и во другите години на образование, каде што ќе учат тие ученици. Не случајно, се вели дека, првиот учител, никогаш не се заборава. Спомените за него, вечно траат. Тоа не значи дека одделенскиот раководител од шесто до деветто одд. и класниот раководител од прва до четврта година, немаат улога, напротив, исто така и тие се втори, најверни родители на учениците, со кои продолжува процесот на културно, одговорно и паметно однесување и учење. Многу е важна и толеранцијата, која не смее да ги премине границите на нормалното однесување. Мора да се знае, до каде и колку се може, и од тоа не смее да се отстапува. Постојано учиме, се поправаме, се критикуваме, но тоа треба да го правеме за општо добро. Најубавите и најдолгите години од учењето, ги има основното образование. Средношколските денови се пократок период, иако и тие се исполнети со многу предизвици, намери, очекувања, со многу позрело гледање на работите. Да заклучиме: навика за учење, однесување и почитување, еднаш се стекнува и трае целиот живот. Добрите постапки и правилните размислувања, остануваат во трајна училиштна Архива, како за наставниците, така и за сите вработени и многу пошироко... Затоа, ученици, паметни сте, интелигентни сте, трудете се, покажувајте почит кон оние, со кои половина ден го поминувате, оти ви го мислат најдоброто и најубавото. Тие се ваши пренесувачи на најголемото и најтрајното богатство во животот – знаењето. За да се слуша надалеку добриот глас, најпрвин треба да се изгради убав впечаток. Не е тешко, тоа секој го може. Колку е пријатно, кога ќе се сетиме на нашите први учители и наставници... а со нив и на училиштните денови... Да градиме и да оставаме позитивни училиштни спомени!

Автор: Александар Адамовски: професор по македонски јазик и литература и француски јазик

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

 
Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани