2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 801

Првачиња-хумореска на Панде Петровски

Јуни 11, 2023
автор: Панде Петровски автор: Панде Петровски

Афоризми

Најмногу боли кога ќе те манат по џебот, зашто тогаш ти го земаат лебот.

Наместо во читалните, ноќе се во кафулињата. а дење во спалните.

Секој сака во фотелја да седни, но треба да се одберат само вредни.

 

Хумореска

ПРВАЧИЊА

Наставничката на прво одделение влезе на првиот час од првата смена, претпладневната, и исто како и првиот ден ни едно прваче не си беше на своето место.

Се растрчале сите дечиња, првачиња, како мачиња на клопчиња. Крај со крај не може да им се фати, а сепак и нивната игра треба да се сфати.

Пет минути цели и не знам и колку секунди на наставничката ѝ беа потребни сите деца да ги собере и да ги смири. Ги праша потоа кој не е тука, а едно Снеже вели дека не може сам да се јави тој што не е тука, а ќе може, објаснува сепак тоа бистро моме, ако и наставничката имаше свој мобилен телефон.

- Тебе и не те прашав, вели наставничката со завршена одделенска настава на вепеше. Тоа е должност на дежурните и веднаш потоа прашува кои се дежурни.

- Мајка ми е дежурна, таа е медицинска сестра во Градската болница, вели малечката Милица.

- Па дежурен е и татко ми, вели дебелиот Мими, но јас не сакав да кажувам дека е доктор за да не мислите дека сакам да се фалам.

Овие денешни деца, си мисли наставничката, навистина како со факултет да се раѓаат. Треба нешто во образовниот систем да се менува. Место во прво, директно во Академијата на науките да се праќаат. Се наведна потоа над дневникот за да го запише првиот час, кога свика една Мимоза, со дамки на лицето како да пиела неварено млеко од коза:

Јас, наставничке, слушнав чуден глас. Почна и да ми смрди. Сто насто тврди.

Без да крене рака, Трајче што не знае да трае, сам си зеде збор:

  • Јас, пр, пр, прво и прво не сум твор. А ако нејзе и смрди нека си излезе надвор, во двор и нека не се враќа ни за часот втор.

- Добро, седнете и да почнеме веќе еднаш. А која е онаа баба во последната клупа?, праша наставничката наеднаш.

  • Баба ѝ на Маричето, што не сакаше да доаѓа досега, а ако остане сама, без баба или мама, почнува да плаче, комшивчето нејзино така вели, а се гледа дека убаво ја познава, нели. А баба ѝ ни гледа ни слуша за право, објаснува пак комшивчето на Маричето, може малку и да гледа кога ги носи очилата со железна а не со пластична рамка. Ним и рачките им се многу здрави иако се танки како сламки.

- Добро, добро, ова не е прв случај, објаснува наставничката, има такви доста. Лани идеше и дедо му на еден Коста. Тие дедовци или баби прваци ако сакале можеле да добијат и дипломи за прво тримесечие, без оценки. Така, само со општ успех: многу подобар од најодличен.

- И дедо ми така ми кажуваше, а јас мислам дека по налку и подлажуваше, вели еден Горан што се вика Гоки оти многу сакал смоки, но не му дале диплома оти не бил ни личен ни бричен.

Часот не се виде ни кога ни како почна, не се виде ни времето како помина, кога замина, ѕвончето пак почна да ѕвони, а тие мали првачиња, тие итри „ѓаволчиња“ ни буква напишаа, ни бројка препишаа, кој што кажуваше само слушаа, по малку се смееја и веселеа. Па нели така треба да учат, а не да се мачат, да плачат нашттте мали дечиња, умните првачиња?

 

 

Панде Петровски фото 1

 

Панде Петровски: Ликовен уметник и  педагог, карикатурист и хуморист. Роден е 1939 година под Пелистер, во село Брусник, Битолско. Во 1963 година завршува Педагошка академија (ликовна насока) - Скопје, со студиски престој во Италија. Сликарство учеше од: Павле Павловски, Мамер Сулејманов, Иван Мелников, Менде Ивановски, Пепи Пашанко, Тоде Ивановски, Борислав Траиковски и Вангел Коџоман. Член е на ДЛУБ (Друштво на ликовните уметницина Битола), ДЛУМ (Друштво на ликовните уметници на Македонија) и МНД (Македонско научно друштво). Соработува со повеќе весници и списанија, а застапен е и во Антологиите на македонскиот и балканскиот афоризам. Добитник е на наградите: „4 Ноември“ на Општина Битола 1987 година и Специјална награда на 37. Светска галерија на „Остен“ 2009 година.

 

По избор на Александар Литовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани