2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

КВАЛИТЕТНА И ЦЕЛОСНА НАСТАВНА РЕФОРМА, пишува Александар Адамовски

Јуни 26, 2023

Долги години, македонското образование се обидува да направи и спроведе некакви реформи, со кои ќе се тргне од некој нов почеток, а притоа ќе се запази она што е традиционално во наставата (материјалот што се изучува, наставните средства, континуиран напредок на дигиталната технологија итн.). До каде сме со реформите? Еве, ќе ја земам обуката спроведена од БРО, одржана на 20 јуни, наменета за сите наставници кои во учебната: 2023-2024 год. ќе го предаваат предметот: македонски јазик во VI одд. за кој е изготвена нова наставна програма за работа на наставните часови. Нови наставни програми, има и по други наставни предмети, но мене ме засегнува мајчиниот јазик кој го предавам. Со што можам да ја пофалам наставната обука која што ја следев, а со што да посочам на нејзини пропусти или недокажаности?

За поздравување е чекорот, што ете советниците од БРО се потрудиле и направиле нова наставна програма за работење по предметот: македонски јазик. Иако, во самата програма, очевидно ја нема темата која што години наназад ја работиме за Историја на македонскиот јазик. Одговорот на ова прашање, од страна на советниците на БРО, беше дека учениците може да ги прошират нивните знаења за историјата на македонскиот јазик, тука вклучително за: глаголицата и кирилицата по предметот историја и дека во VII одд. ќе биде опфатена оваа тема во новата наставна програма и евентуално во новиот учебник (ако се изработи). Едногласно, сите македонисти стоиме против пропустот на оваа многу важна тема, која што учениците мора да ја знаат. Останува на нас, дали на часовите ќе предадеме нешто од историјата на македонскиот јазик. При презентирањето на новата наставна програма, научивме некои нови работи околу самата наставна организација која што треба да ја направеме по насоки дадени од обучувачите од БРО, на пример досега традиционалната Дневна подготовка за наставен час, сега се заменува со Сценарио за час, запишувањето на наставната содржина во е-дневник, која што ќе ја работиме на час, оди заедно со средствата за оценување (што не беше практика досега), наместо 3 постоечки писмени работи, сега ќе треба да работиме 2 писмени состави со учениците, односно најмногу ќе треба да бидеме сконцентрирани на наставните средства и следењето на напредокот на учениците дадени во самата наставна програма. Од самото презентирање и појаснување за наставната програма, можевме да забележиме дека некои наставни теми и содржини се повторуваат како во ланската наставна програма, а некои се нови и дополнети на пример во делот: Наука за јазикот (Комуникација – елементи и видови), Литература (Епика во проза – мит), Медиумска писменост (Слобода на изразување и етичко однесување во дигиталниот простор, Стереотипи на омраза во медиумите и на социјалните мрежи). После секоја наставна тема, дадени се добри примери за активности на часовите, кои имаме слобода да ги користеме, па и да иницираме нови, во широкиот избор кој е понуден. И на крај, во самата програма е посочена инклузивноста, родовата рамноправност, интеркултурноста и меѓупредметната интеграција кои ги имаме опфатено и треба во континуитет да ги продолжеме. Програмата завршува со оценувањата на постигањата на учениците што ги правиме во текот на целата учебна година и овој дел за најголем дел од наставниците е веќе познат. Презентираме нова наставна програма, а не даваме конкретни, јасни одговори за единственото наставно средство – учебник без кој не би можел квалитетно да се одвива наставниот процес. Проблемот со издавањето на учебниците, веќе години наназад доцни, или постои недостиг од учебници, кој се надеваме дека конечно ќе се надмине. Нормално, новата наставна програма за работа, бара и нов учебник, па и други потребни прилози во наставата кои ќе го надополнуваат и надградуваат постоечкиот материјал. Конкретен одговор, за нов учебник по македонски јазик за VI одд. во новата учебна: 2023/2024 год. нема! Револт, кај најголем дел од наставниците, а уште понесериозно тврдење на советниците од БРО, дека не е во нивна надлежност издавањето на учебници (во ред, но барем можевте да се информирате и да ни пренесете на обуката). За да биде проблемот во драмска фаза – кулминација, директорот на БРО, прашан на новинарско прашање околу издавањето на нов учебник по македонски јазик, кажува дека не чувствува лична одговорност, но се надева дека до почетокот на новата учебна година, учебник ќе има. Добро, останува да видеме, иако не верувам дека ќе се успее со печатењето на новиот учебник (впрочем, не е еден предмет, повеќе се). Оттука, сите наставници ќе се снаоѓаме кој како знаеме и умееме. Нели, мора да почнеме со првите наставни часови во септември. Како што претпоставувам, а мислам дека не грешам. Сепак, ќе покаже времето. Што ми е целта во оваа колумна? Кога се пристапува на изработка на нова наставна програма по некој предмет, мора доследно да се запазат авторските права и процедури при навремено издавање на ново наставно средство (конкретно, учебник) согласно со таа програма која што ќе треба да се применува. Не може да презентираме нешто, ако пред нас го нема помошниот материјал. Истото се однесува и за наставните часови од септември. Ќе треба ли копии да правиме? Ќе треба ли стари учебници да користеме? Ќе треба ли дополнителни трошоци да правеме? И уште многу прашања кои уште од сега се јасни. Искрено, посакувам да ни се излезе во пресрет на сите нас, кои предаваме во настава и да ни се одмалат барем трошоците кои континуирано ги даваме за: тестови, наставни ливчиња, слики, помагала во наставата, копии и копии... Значи, кога се прави една наставна реформа, таа треба да биде комплетна (квалитетна и целосна) и да не претрпи никакви забелешки. Дури тогаш ќе бидеме чекор напред, а до тогаш, ќе го даваме нашиот чесен и искрен глас, кој реално не се слуша и не допира многу до надлежните. Само со добра професионална соработка, резултати ќе има!

За крај: ретко кога, се излегло во пресрет на барањата и предлозите на наставниците (потажно е, што никој со нив, за ништо не се консултира), токму со тие кои се трудат и го даваат најдоброто од себе, кои сакаат да го направат светот подобар, кои не откажале никаква наставна послушност и кои се одговорни и доследни во она што го работат. Точно дека, наставничката професија не е за секого, но имаме многу искусни и квалитетни наставници во секој поглед. Но, за тоа во некоја следна прилика. Паметно е, што почнавме со реформите, но, да не дозволуваме нивни значајни пропусти, уште на самиот почеток на нивно спроведување во пракса.

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани