2win800x200

Не ни е ниту Максим, ниту Бранко, ниту Стојко крив ! (Пишува Димитар Пипилевски)

Април 25, 2024

Пишува Димитар Пипилевски - професор по германски јазик и член на СДСМ 

 

По добиените резултати од претседателските избори, кои воедно се и показател за наредните парламентарни избори, ќе се осврнам на анализа на причините на добиениот резултат, односно ќе ја насочам кон анализа на мојата партија, СДСМ.

Имено, добиените резултати на претседателските избори ја покажаа волјата на народот, но уште повеќе ја покажаа пораката (ч. казната) кон СДСМ.

Шчо напраифме?

Режимот на Груевски беше демонтиран со помош на шарената револуција, чија главна парола беше „Нема правда, нема мир“ и навистина очекувањата беа големи и граѓаните веруваа дека се „раѓа“ модерна, демократска, правична Македонија и конечно ќе излеземе од мрачното минато кое го проживеавме.

Арно ама, потфрлифме со испораката на очекуваното. Никола Груевски симптоматично ја напушти државата, Мијалков доби казна за најлесните дела, многу малку директори беа кривично гонети (иако имаше многу индиции за криминал), бројчаникот на Триумфалната капија никако не проработи, а и ветените реформи во многу области не се случија или се случија на обратен начин од ветеното пред изорите со кои го демонтиравме режимот. Судството остана какво што и беше за време на режимот, здравството исто така остана колабирано, во делот на образованието не успеавме да реализираме ни четвртина од ветеното-наспроти тоа воведовме реформи за кои ниту бевме спремни ниту негде беа ветени, а мое лично мислење е дека ниту би вродиле со плод, туку напротив.

Наместо тоа, видовме директори и функционери кои во кратко време купија нови возила, станови, одмори на луксузни локации. Видовме потполно централизирана партија, која се оддалечи од членството, но уште повеќе и поважно од самите граѓани итн итн.

Доколку набројувам сè, текстот ќе биде предолг, а и граѓаните добро ги знаат сите грешки на мојата СДСМ (кривичниот законик, сомнителни тендери, неспособност да се обезбедат личните документи на граѓаните...).

Шчо требит да праиме?

По дебаклот што ни се случи (потполно заслужен), СДСМ, доколку сака да опстои како партија, мора да направи коренити промени во своето делување и кадар.

Прво, доколку по вториот круг се случи некакво чудо и се отвори можност СДСМ да состави некоја „франкештејнска“ влада, тоа мора да го одбие, бидејќи таа влада ниту ќе биде легитимна, нити учесниците во неа идеолошки ќе бидат блиски, што значи ќе биде и неефикасна и неодржлива.

Наместо тоа, СДСМ да оди во опозиција и најавениот ветинг кој би се случил (што чисто се сомневам) доколку победевме на избори и составевме влада, да започне во самата партија. Веднаш по конструирањето на парламентот, врвот на СДСМ да поднесе неотповилкиви оставки од сите партиски функции, носителите и коносителите на листи уште следниот ден да ги вратат пратеничките мандати (оти нели тие ќе ја носеа победата), да се направи терен за избор на претседател по начинот на кој се избра и претходниот-на непосредни внатрепартиски избори, но и сите структури надолу да се изберат на тој начин, односно членството (она што ќе остане) да избере раководство, раководства на ОО, па сè до најниската партиска функција. А останатите да бидат доблесни и да одат во политичка пензија, бидејќи време е партијата да функционира со експерти од секоја област, а не со непроменливите партиски кадри кои се најзаслужни за казната која ја добивме, а не е прва.

Да сумирам, дури и во случај (што е практично невозможно) се победи во вториот круг и парламентарните избори, граѓаните ни упатија порака која мора да ја разбереме, во спротивно ПАСОК.

А ДПМНЕ нема ни да го анализирам, само ќе речам нека ни е честита изолацијата, партиските вработувања, следни глупости во стилот на Скопје 2014, доуништување на општините со актуелните неспособнии градоначалници (секоја чест на исклучоците) и уназадувањето во секој поглед, бидејќи ова е она исто режимско ДПМНЕ. Дај боже да грешам.

П.С. и не, не ни е ниту Максим ниту Бранко ниту Стојко крив, треба да се погледнеме во огледало-ете таму е кривецот.

 

 Пишува Димитар Пипилевски - професор по германски јазик (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани