АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик
Обично, пред да заврши учебната година, наставниците по македонски јазик и литература, на учениците, им ги кажуваат лектирите што треба да ги прочитаат и обработат за време на летниот распуст, за следната учебна година. Тоа се прави со цел, учениците повеќе да читаат во слободното време, отколку да се занимаваат со телефон, компјутер и сл. Читањето е здрава навика, која се стекнува уште од најмала возраст, затоа што со читањето, се развиваат јазичните (говорни) вештини кај учениците, а паралелно се богати речникот на изразување. Начитан човек, е мудар човек, кој секогаш прво внимателно слуша, па потоа зборува. И тоа е дар, кој се носи со себе, благодарение на желбата за читање, доживување и спознавање на нови работи, авантури и сл. Впрочем, читањето е бесконечна авантура и запознавање одблиску на животот и на неговите предизвици.
Меѓутоа, не, само учениците, ами сите кои имаат желба, треба да читаат разновидна белетристика, односно жанрови од било која област на интерес. Нормално, оној што сака реалистични романи, ќе избегнува авантуристички или криминалистички романи итн. Читањето е личен избор, кое треба со задоволство и спокојство да се реализира. Никогаш да не читате, ако тоа ви создава досада, или ако ве оптоварува. Едноставно, бирајте го тоа, што ќе го задоволи вашиот апетит. Така, се станува посреќен и позадоволен човек, со изградени навики, принципи, ставови. Ќе наведам еден пример на моја драга и почитувана колешка, веќе пензионирана професорка по македонски јазик и литература, која и на 70 и кусур години, чита со задоволство и тоа што ќе стигне. Значи, таа ја негува својата професионална ориентација во читање, макар, ете, и во пензионерските денови. Ако за неа е желба да чита, зошто да не, за останатите? Е, сега, ова прашање, отвора неколку одговори. Ќе кажам: како за учениците, така и за сите останати (нормално, со ретки исклучоци), дека читањето, одамна е излезено од мода и интерес. Денес, не само што во училиштата ни се носат готови прераскажани лектири и дела, било да се спуштени од интернет, или некој близок да ги прераскажал, така е исто и со писмените работи, есеи и сл. за кои треба да се мисли со своја глава, па да се пристапи на ракотворење. Повторувам, секоја чест на ретките исклучоци. Меѓутоа, со таа навика слабо стоиме, односно воопшто не ја негуваме. Како рекле: „Гледај полесно да поминеш што можеш“. Но, таа е најстрогата грешка од која започнува и трае неписменоста. За жал, така стојат работите. Наместо да се потрудиме, да завртеме некоја страница, што ќе остани во трајно сеќавање и знаење, гледаме на нечесен начин, да прикажеме туѓ „труд“. Тоа веќе трае во континуитет, па ако сака наставникот да провери дали навистина ученикот чита, тоа најлесно ќе го долови. И после се лутиме на очигледната вистина, односно на фактот, дека навистина не се чита. Истото важи и за сите останати, преокупирани со социјалните мрежи, кои немаат време да посветат на читање книга, оти нели, досадно е, измачувачки е тоа. Им велам, секоја чест на одговорните (на прсти се бројат) читатели во животот, кои сфатиле што значи читањето уште од дамнина. Во нив лежи вистинското богатство - знаење, односно сокриена е сета мудрост и вештина на комуницирање. Ако нешто се прави со вистинско задоволство, сигурно ќе значи придобивка во животот, односно напредок со кој ќе се оди само напред. Кој разбира и сфаќа, тој учи и не се штеди. А, за да знаеме нешто, односно добро да го проучиме, треба да го прочитаме полека, со внимание, со интерес. Посакувам, моите и сите останати ученици, што повеќе да читаат, за подобро да се разбираат меѓусебно, а секако да имаат јасен видик за светот во кој живеат. „Злосторство и казна“ од Достоевски, е денешната реалност, или „Чичко Горио“ од Оноре де Балзак. Романи, на кои со задоволство се навраќам и ги препрочитувам, оти таа реалност сите ја живееме и сме соочени. Колку книжевноста од странски класици, а да не ги занемареме и нашите постмодернисти, меѓу кои ќе го посочам мојот професор Венко Андоновски, ни е очигледна, доволно е само да ја земеме во раце.
Летниот распуст и летните одмори се во тек, па да бидеме умни и нешто да читнеме. Нема да згрешиме, туку ќе го направеме правилниот избор, што многумина сметаат дека е непотребен. Точно е дека: „Човекот учи, додека е жив“, па ајде на тоа да ја надоврземе и желбата за читање. Верувам дека секој може да биде доследен кон книжевните страници, од кои најсовршено се стекнува животно (професионално) искуство.
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)