2win800x200

МАКЕДОНИЈА ИМА ТАЛЕНТИ, КОИ ТРЕБА ДА ГИ ПОДДРЖУВА (пишува Александар Адамовски)

Јули 22, 2024

Во секое дете, постои некаков талент, односно, некаква дарба, што би рекле, дадена од Бог. И таа вредност, се носи уште од најмала возраст, па со текот на годините се надградува и докажува. За овој текст, инспириран сум од нашите генијалци кои изминатиов период, достојно ја претставија нашата земја Македонија на Олимпијади, а ќе ги наведам само дел, иако ги има повеќе: златен медал, за 13 годишниот Дарјан Мирчевски, ученик во ООУ „Јахја Кемал“ во Скопје, на математичката Олимпијада: „Коперникус“ на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк; 9 годишниот Македон Димитровски, освои златен медал на математичката Олимпијада во САД; Јан Стојановски, освои златен медал за Македонија, на осмата Европска Олимпијада по физика во Грузија; Дамјан Давков освои златен медал на Интернационалната Олимпијада во Англија; Алексиј Тасиќ и Леонид Тодороски, освоија бронзени медали..., значи златни деца, освоија златни и сребрени медали за Македонија, давајќи го од себе најдоброто, односно сиот труд и сето знаење што го поседуваат. Браво за овие деца и за престижните резултати, кои сигурно ќе продолжат во иднина.

Мојот Почитуван професор Венко Андоновски, го цитирам: „Талентот не е даден за возгордејување и суетност, тој треба да се подари на ближните, да се сподели со нив“. Нашите македонски генијалци, несебично го подарија својот труд, во светски рамки.  Благодарност за сите овие таленти, кои имаат јасна цел во животот и сигурно ќе успеат, затоа што се сигурни во тоа што го даваат од себе, а тоа е знаењето. Нашата земја Македонија, треба да дава многу поголем влог и поддршка за ваквите таленти, кои доволно е, само малку да бидат мотивирани, а за тоа, секако дека заслужни сме и ние, наставниот кадар, во препознавање и докажување на ученичките способности. Повторувам: Македонија, односно МОН, БРО, Влада, мора да застане во поголема одбрана и поттик на ученичките генијалци што ги имаме (секако, дека постојат таленти и во многу други области, познавам деца – врвни музичари, уметници, спортисти итн...), но јас, пишувам за образование, со секоја почит и за останатите квалитетни и докажани, ќе ги наречам – експерти во својата област на интерес. Имаме со што да се гордееме, само треба подобро да го негуваме тој редок дар.

Кога пишувам за поддршка и поттик, мислам на финансискиот карактер, кој треба за вакви докажани деца да биде многу подостоен, затоа што се докажуваат во странство, надвор од татковината, а сепак ја носат со себе родината. Не, учениците сами да си ги плаќаат билетите до земјите домаќини на натпреварите, или да се бара начин преку донатори и помагачи. Ами, нашата држава, треба прва да застане на овој браник и да излегува во пресрет. Како тоа ќе изгледа во иднина, ќе видеме, но децата не смеат да останат демотивирани. Тие мора да продолжат напред, затоа што во себе носат научно богатство кое не познава крај. Треба да се инвестира во талентот, односно во квалитетот што денес е многу редок за жал, затоа што така се гради здрав темел, кој понатаму, со години, ако се одржува, ќе биде цврст и непопустлив. Земја која вложува во образованието и истото умее да го чува и надградува, секако дека ќе добива и Меѓународен Сертификат. Тоа, нам ни е најпотребно, затоа што само за образование, недостигот од средства е секогаш очигледен, или потпросечен. Така тоа, не може да функционира, но сепак да се надеваме на подобро политичко владеење и решавање на клучните општествени проблеми (поголем мотив за наставниот кадар и подостоен поттик за ученичките таленти). Да не забораваме, од Образование се тргнува. Секоја чест, за сите инфраструктурни зафати во училиштата, иако се потребни уште многу, многу наставни реформи, но, да не се запоставува онаа најважната и клучната наставна мисија – поддршка за македонските талентирани умови!

За крај, ќе споменам дека во иднина, треба повеќе да се работи со учениците кај кои постои одреден талент, за да не ни се случи и тие деца предвреме да се откажат од своите способности (макар што, не верувам дека тоа ќе се случи) и да побараат излез надвор од татковината. Тоа значи, имаме обврска како наставници, професионалци во својата област, уште на самиот почеток од новата учебна година, покрај редовната настава, да дадеме посуштински приоритет на додатната настава, во која ќе работеме со сите натпросечно надарени деца, што ги имаме и кои никогаш нема да отстапат од своето време да работат и да соработуваат со своите наставници на развој и надградба на своите умствени способности. Никогаш не се знае, што носи утрешниот ден, затоа да веруваме во случајности и среќа. Македонија има таленти, кои треба да ги поддржува! Или, како што напиша еден мој ученик: да нижиме успеси во сите области. И сосема е во право! Штом имаме капацитет, треба соодветно да го искористеме.

Автор: Александар Адамовски – професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани