2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Македонскиот мораториум (пишува Васко Гичевски)

Февруари 14, 2019

Последната деценија на XX век и век и првите две децении на XXI век е еден краток, но како ретко кој друг историски период конфузен и тежок за класификација. Некои го нарекуваа транзиција, според дефиницијата на Емил Диркем многу наликува на аномија, според Марксовиот поглед можеме да го карактеризираме како крах и врвна криза на светскиот капитализам, според Маршал тоа е глобализацијата во своите породилни маки итн итн. Во суштина ќе го препознаете во бројни филозофски идеи, и размисли, но сепак останува прашањето „што “ навистина е ? Доколку се направи проста компарација и сумаризација тогаш лесно се доаѓа до заклучок дека основните карактеристики на овој период се: кризата, невладеење на општествени норми, сиромаштија, крвопролевање, националистички стеги и одлагање на дејствијата. Токму ова одлагање односно мораториум е клучниот термин.

Во природата на човековиот дух е да прави психолошки бариери и порекции, да гради своја комфорт зона, односно да ги одлага и прикрива реалните проблеми за определено време а притоа да чувствува определено задоволство. Ако оваа аналогија се пренесе на социо политичко и општествено еконоско ниво тогаш тоа значи дека овој мораториум на владеачките кругови им носи: власт, моќ и пари. За разлика од придобивките кои ги имаат властодржците, населението ја пробива рамката на сиромаштија, секоја година се повеќе се руинира производниот систем а тоа по природа генерира невработеност, а невработеноста социјални немири и проблеми. Немање на економски средства и слаб примарен сектор предизвикува крах во терцијалниот сектор. Од тука сосема едноставно е да се заклучи зошто во основа ги имаме проблемите во здравството, образованието како два носечки столба кои кога попуштаат, носат потполен крах на општеството како целина. Овие предпоставки налагаат да се постави едно важно прашање. Како во ваков период на „одлагање“ во суштина преживуваат политичките партии и политичари кои се присутни на политичката сцена колку што е и овој мачен период?

Политичките партии односно политичарите многу вешто го користат па и до определена мерка ги креираат ваквите состојби. Добивање на избори, без нудење на никаква економска платформа, со празни ветувања на реформи, проткаени со силна нитка на национализам, етноцентризам и фашизам. Согледувајќи ја реалноста, човекот како битие кое е делумно материјално и делумно духовно, истакаено со нитките на егоизмот, скоро секогаш за своите грешки обвинува некој друг. Кон ова се додава и карактеристичното чувството за историцизам, односно чувството за своето минато и пред кој секој нас во определена мера го носи во себе. Вештото комбинирање на овие преддиспозиции, го дава рецептот за успех и преживување на политички елити. Соочувајќи се со лошата реалност, народот бара и трага по славно минато, тоа минато некогаш и некаде поради некого прекинало. Имајќи ја предвид бурната историја на Балканот, многу е лесно скоро во секого да вперите прст и да го обвините. Според некоја дедукција тогашниот непријател, кочничар итн. е и сегашен. Доколку ова го ставите во мас медиумите и го форсирате секојдневно, тоа од определена квази историја, ќе стане реалност. Со други зборови релноста ја одлагате односно и ставате мораториум а на нејзино место носите некаква квази историска, полна со предрасуди и халуцинации реалност. Работникот, бедниот болниот, сега добива некаква слика дека власта не е таа што е виновна туку некој определен етникум/вера, или некоја надворешна сила. Вакво одлагање на реалноста е интересно што може да се случи и со проекција за „среќата во идниот век“. Безмалку по истиот метод објаснет погоре, со речивост и ревносност на средновековната, феудална схоластика и демагогија. Две Потемкини села, во кои како во логор е заробено населението и кои се меѓусебно спротиставени и водат исто така безсмислена војна кој е за иднината кој е против неа а во суштина и двата табори се заглавени во некој неопределен простор и време кој не кореспондира со реалноста.

На прв поглед оваа состојба наликува дека ќе трае се додека властодржците сакаат, односно со речникот на теоретичарот Махир Чајан се додека „ се одржува вештачката рамнотежа“. Заборавениот Хегелов „Дух на промената“ сепак ја работи својата работа, подмолно. Сфаќајки ја безцелноста на одложувачките Потемкинови села, нивните идеи и спорови, народните маси се почесто и побројно одбиваат да учествуваат во битките на кметовите на тие две села. Мораториумот преоѓа во апатија, апатијата во страдање а страдањето во идеализам. Идеализмот предизвикува бавно но силно обединување на двата предходно спротиставени Потемкинови табори, на основи сосема спротивни од тие кои ги разделуваа. Обединувачка рамка стануваат: социјалната правда, економија, образование, здравство, накратко речено целокупна ренесанса на општеството. Оваа ренесанса скоро никогаш не се случува со „општествен договор“ што своевремено го заговараше Русо. Силните и коренити промени бараат, длабоко прочистување на што се покажа како неквалитетно, медиокретско и безперспективно. Општествена ренесанса може да се случи само со општествена револуција. Револуција на свеста, на знаењата, дејствувањето, производството, живеењето. Потполно укинување на се неквалитетно а етаблирање на се она корисно, прогресивно и перспективно.

Крајот на мораториумот секогаш е тежок. Првиот удар се нанесува со соочување со суровиот материјализам и реалност. Крајниот удар е општата социјална револуција. Дефинитивно заминување од историската сцена ќе се случи во оној момент кога во пост револуционерниот период ќе се уцврстат здравите вредности, норми и дејствија од сите аспекти. Притоа секогаш, секој треба да е свесен од ризикот за повторно застранување. Таа неминовна свесност, во суштина е основниот гарант и механизам за спречување на повторно повампирување на предхоните мораториумски Потемкинови состојби. Борбата и истрајноста е клучниот елемент за успех! Патот кон великолепниот крај е тежок но е секогаш проткаен со мислата на Брехт „Оној кој се бори може да изгуби, оној кој се откажал веќе изгубил“ а успехот на борбата со мислата на Маркс „Критика кон се и секого“.

Пишува: Васко Гичевски студент на Институт за Историја при Филозофски факултет, УКИМ, Скопје

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани