
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Деновиве од печат излезе илустрираната книга ,,Детството во османлиска Битола во периодот од 1800 до 1912 година" од авторите Васко Гичевски и Виктор Трајановски. Во неа се обработува детето и детството во наведениот период, низ призмата на етнологијата и историјата. Застапен е мал историјат на градот и демографска анализа на населението. Потоа се говори за раѓањето на детето, именување, крштевање односно обрежување, болестите кај децата и справувањето со нив, облеката и облекувањето на децата, исхраната, образованието, трудовите задачи и детските игри, но и детските несреќи.
Богато е илустрирана со фотографии од Битола во XIX и XX век, а крај дел од прикажаните објекти е даден и кус историјат за нив. Наменета е за деца од 11 години па нагоре, но со сигурност може да се каже дека би биле интересна за секој оној што живее во Битола. Авторите се веќе познати творци од нашата научна и општествена сфера. Васко Гичевски е историчар автор на збирката есеи ,, Современото македонско општество и воспитно образовниот систем" и книгата ,, Селото и селанство во Битолскиот санџак 1800- 1912". Виктор Трајановски е етнолог, доцент на Институтот за Етнологија и Антропологија при Природно математичкиот факултет на Универзитетот св.Кирил и Методиј. Автор е на книгите ,,Дервишкиот ред халвети-хајати во Охрид“ и "Етнолошко и антрополошко истражување на дервишкиот ред бекташи од село Канатларци, Прилепско".
Васко Гичевски - историчар
Виктор Трајановски - етнолог