АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Не така одамна бевме сведоци на еден штрајк на СОНК, со помпезно најавени барања за повисоки плати за враќање на достоинството на просветниот работник. Штрајк во време - невреме, во време кога луѓето им шепотеа на своите сенки и рипаа во сонот ако случајно во него некому си ја кажеа маката или го спомнеа вождот. И почна штрајкот - ко ништо да не се случува. Сите веќе познати мегафони оркестрирано во еден глас, со еден ист текст се нафрлуваа врз неблагодарните наставници.
Но, неисе, неочекувано штрајкот не запре после првиот ден. Заоди, ден, два, три...недела... Се запали црвеното, почнаа да ѕвонат телефоните. „Слушај, к’о на пријател ти кажвам, дај тргни се од штрајкот, јас другарски ти велам. Послушај ме мене да не ти се јави некој од погоре“ - ми рече пријателски пријателот од детството со кој бевме другари преку 40 години, а тој тогаш директор на јавно претпријатие. Тоа ти е пријател, прав, вистински. Аха, значи некој од погоре ќе ми се јави да ми забрани да штрајкувам, да ми го скрати моето со Устав загарантирано право на штрајк оти платата ми е бедна, мизерна и оти со неа не можам да поминам до 15-ти во месецот? Дека му ги учам и воспитувам децата на тој шо е „погоре“ оти горе е почист воздухот и нормално - подобро се живее. Види другарче, јас нема да прекинам со штрајкот, па макар утре да останам без работа. А да те прашам јас тебе, тој од погоре шо ќе ми се јави, ми го знај бројот или ти ќе му го кажиш? Ме познава? Ги облекол некогаш моите чевли? Ме прашал - како ми е и како го поминувам месецот? Ме прашал како го покривам минусот во картичките и како плаќам рата за кредит? Дошол кај мене на час? Ме посетил? Шо мана ми најде? Немам знаење? Не држам настава? Ги навредувам учениците? Ја срамам мојата професија?
Да го поздравиш тој од погоре и да му кажиш дека јас нема да престанам со штрајкот, па макар сам штрајкувал. Тоа беше почетокот на крајот на нашето другарување од детството. Инаку и денес се поздравуваме, но не се дружиме.
Имаше и такви кои наеднаш од здрави – прави, тешко изнастинаа, добија запаленија на зглобови, стомачни вируси и што ли уште не. Да, јасно е, им се јави „горниот“ и ги инфицира, ги зарази, ги разболе луѓето, па мораа да штрајкуваат од дома.
Сосема ги разбирам, закани, притисок, страв... Чекале со години да влезат на работа, оделе од врата на врата, полнеле списоци, лепеле плакати, викале на митинзи за да бидат грлати, да можат да бидат слушнати... Таму - на час, таму треба да се вика, да слушаат учениците, а к’о ќе ти се јават од погоре, тогаш треба да се ќути. Па, нели ќутењето е злато?
Во тоа време - невреме штрајкот и, покрај јавувањата од погоре, наместо да спласни доби на жестина, на решителност, на истрајност. Му дојде преку глава на наставникот да му го газат достоинството. Пари нема кутриот, но достоинство има. И таман кога веќе се гледаше светло на крајот на тунелот и сè појасно беше дека ќе клекни оној од погоре, „претседателот“ на СОНК сам, без никого да консултира, вели штрајкот прекинува. И прекина без ниедно исполнето барање, без никакво образложение. Браво, „претседателот“ се поистовети со вождот. Сам пали - сам гаси.
Милион прашалници во нас - зошто штрајкот пропадна? Зошто сега - на прагот на победата?
Тогаш не знаев зошто, ни како, иако денес одговорот е повеќе од јасен. Па, сè си има цена, нели? Не вреди по секоја цена да бидиш храбар во време - невреме. Било како било, штрајкот пропадна, „претседателот“ нè предаде. Ние требаше да му испратиме порака на „големиот“ во СОНК и му ја пративме. Решивме сите ние да излезиме од СОНК. И, излеговме. Речено-сторено.
Поминаа години и ете ти го пак „претседателот“ со генијална идеја – ајде пак на штрајк, сигурно надевајќи се на кратката меморија на Македончето. Овој пат, демек, штрајкот ќе е предупредувачки и тоа баш сега на првиот ден од почетокот на новата учебна година. Браво! Така треба, „претседателе“, храбро, смело, истрајно. Си знаеш ти како, па нели ти е ова „веќе видено“, а покрај тоа ги нема повеќе оние шо те „замолија“ онака другарски да го прекиниш претходниот штрајк или пак не те замолија? Да не ти понудија нешто шо не можеше да одбиеш? Партија тенис можеби? Е, нив ги нема, „претседателе“, ама не нема ни нас. Ние кои не потклекнавме заедно со тебе. Нè излажа еднаш, вторпат тешко. Еднаш лажго - секогаш лажго. „Претседателе“, помина твоето, минато си, само шо уште ти немаат кажано. Немаш кредибилитет, „претседателе“, да нè воз(д)иш повеќе. Прочитан си. Затоа штрајкот нема да ТИ успее. Не дека не треба да имаме повисоки плати туку дека ТИ не си тој шо ќе ни ги обезбеди. Затоа „претседателе“, штрајкував(ме), но нема да штрајкувам(е). Да си знајш да не речиш дека не ти кажав(ме)!
Писмото до редакцијата на Апла.мк го испрати просветен работник од Битола, чие име е познато на редакцијата.