Христина Фуна-Поимот патриотизам во 21 век значи заштита на животната средина од самите нас

Август 22, 2019

Денес патриотизмот се мери со заштита на животната средина! Ова родољубие се покажува со тоа што ќе ја „браниш“ својата земја од непријателите на околината затоа што ние сме самите на себе најголеми непријатели.

-Велиш дека ја сакаш оваа земја, ги сакаш нејзините реки и полиња, планини, природа… и одма после тоа го фрлаш отпушокот во тревата или пластичната кеса на улица … и така ја покажуваш својата „љубов“? Нешто што сакаш, го менуваш, прилагодуваш на себе и на крајот го уништуваш?

Секоја година, секој ден, сите ние фрламе толку хартија, пластика, храна, а можеме од тоа да заработиме за себе, за семејството или да ги искористиме за разни хуманитарни или други еко- акции. А и да немаме парична корист од тоа , имаме огромна сатисфакција што работиме корисно одговорна работа за себе, државата и пред се природата.

Нашата држава преку одредени оператори, преку Минстерството за екологија и други невладини организации се труди да постави систем за рециклажа. Преку закони, правилници само се истакнува ентузијазмот на поединци кои сакаат да постават темели на општествено одговорна заедница. Но, овие обиди се непостојани, варираат од општина во општина, од група граѓани до населби и потоа на ниво на семејства. Меѓутоа, факт е дека и во местата каде има поставени станици за рециклажа, 90% од населението рециклажните материјали едноставно ги фрла во ѓубре, а не во тие рециклажни единици.

Сите знаеме на социјалните мрежи да коментираме на фотографии од депонии или слики од ѓубре оставено после концерти и натпревари: „катастрофа“, „ужас“ , или да ставиме некоја тажна или налутена емоција и тука е крајот на нашиот „патриотизам“. А, главните прашања се: Рециклирате ли? Собирате ќесиња и конзерви низ природата, или паркот? Престанавте да користите пластична амбалажа дома?

Сето тоа е до нашиот став!

Заклучокот е, колку и болно да звучи дека ние не успеавме да изградиме одржлива иднина и не ја заштитивме средината за нашите деца и штетите од тоа веќе ги чувствуваме, па крајно време е со тие деца да ја изградиме потребната одржливост на системот и да ги поправиме нашите грешки.

Да научиме сите дека ТОА ШТО СЕ САКА-ТОА ТРЕБА ДА СЕ ЧУВА И НЕГУВА !

Често гледаме по медиумите дека децата во Јапонија сами ги чистат училиштата. Групи туристи од Шведска кои средуваат после себе во природа. Никој за тоа не им плаќа. Тоа е начин на размислување и свест. А ние ? Ова го правиме само кога ќе бидиме во туѓа земја и тоа не од нашата еко- освестеност туку од страв од казна или од срам од околината која не фрла ѓубре во природата.

На крајот се се сведува на образованието и на воспитувањето, со кое, изгледа, потфрливме како нација!

Од сето ова подразбираме дека на институционално ниво во образовниот систем недостасуваат ресурси и размислувања во правецот на екологијата, заштитата на животната средина и рециклирањето. Кај нас во учебниците овие теми скоро да ги нема. Децата речиси и да не слушнале за рециклирање, или како да селектираат отпад, не знаат на кој начин да ја заштитат природата ниту, пак, каква штета прави секое фрлено пластично шише или пластична ќеса. Не се свесни дека џабе ќе им се сите петки по математика и англиски јазик ако немаат чист воздух да дишат, ниту чиста вода да пијат.

На 96 Конференција за животната средина во Стокхолм се побара да се стави акцент на развојот на еколошкото образование кое е еден од најкритичните елементи на светската еколошка криза. Тоа образование мора да се темели на принципите изнесени во Декларацијата на ОН за новиот светски економски поредок. Со ова се поставуваат темелите за глобалното образование за околината кое ќе овозможи развој на нови знаења и вештини, вредности и ставови со една единствена цел – подобар квалитет на животната средина за сегашните и идните генерации. Сите овие новини кои ги воведува светот, ние сме должни под итно да ги имплементираме во нашиот образовен систем.

Огромна е нашата должност да ја промениме младината и да ја насочиме кон правилното размислување за заштита на единствената планета Земја која ја имаме. Да ги промениме младите во еко- размислувањата, да се промениме сите ние. Затоа што најголеми и единствени непријатели на оваа земја денес сме ние самите !

Само вака ќе знаеме дека нешто направивме за оваа земја!

Христина Фуна

(главен и одговорен уредник во весникот Зелена берза)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани