АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Втората по ред Womenpreneurs Stories Битола пред битолчани ги претстави успешните бизнис приказни на Билјана Илиева Ванчевска сопственик на заботехничка лабораторија „Ла Про Дентал“, Христина Фуна- менаџер во Синпекс ДОО-Битола и Софија Ристевска- Петрушева, режисер и сопственик на Интимен театар -Битола.
Преда плус фондацијата е организатор на проектот инспириран од слични вакви настапи на успешни жени низ светот.
Билјана Илиева Ванчевска својата презентација ја нарече „Успехот наспроти стравот“.
-Сигурно сте имале многу можности во животот и сте ги одбиле заради страв, всушност разликата меѓу претприемачите и оние што останале цел живот вработени е тоа што претприемачите научиле како да го премостат стравот и да гледаат кон целта, рече Ванчевска.
Таа како жена претприемач даде своја дефиниција и за изреката „Изигра машки“, мислејќи на храброста на жените да започнат со свој бизнис.
-„Изигра машки“, значи изигра без мислење, бидејќи ние жените сме големи аналитичари, ќе најдеме илјада причини зошто да не го направиме нештото, а мажите се прагматични –влегуваат во бизнисот, рече Ванчевска.
Христина Фуна, менаџер во Синпекс ДОО-Битола, мотивот за својата успешна животна приказна на претприемач го црпи од како што рече „она што го научив од мојот татко од мала, во мојот речник да не постојат зборовите-не можам, не сакам и не смеам. Тоа мото не води и денеска во фирмата и не носи во самата работа“, рече таа.
Фуна како поранешна репрезентативка во ракомет, бизнисот го спореди со лекциите што ги научила во спортот.
Раскажа дека компанијата е основана од нејзиниот татко во 1990 година, чии почетоци биле во една мала канцеларија како фамилијарна фирма со неколкумина вработени.
-Имавме еден период кога почина мојот татко и кога мислевме дека тука ќе биде крајот на компанијата, или барем дека не ќе можеме да се движиме со тој раст. Но, добро е кога семејството е сплотено и сите одлуки ги носиме заедно. Денеска имаме фирма која оди напред со седумдесет и шест вработени. Презадоволни сме од тимот кој го имаме. Нашата компанија повеќе од седум години е меѓу првите двеста најдобри компании во државата. Она што треба да го работиме сега е нашата општествена одговорност кон градот, кон младите, кон децата, потенцираше Фуна како жена претприемач кој како што рече низ животот ја води нејзиниот интегритет.
Фуна даде пример и за тоа како треба да се иницираат нови иновативни решенија во бизнисот.
Софија Ристевска- Петрушева, режисер и сопственик на Интимен театар –Битола својата работа иако не ја смести во класична бизнис приказна сепак како уметник на исклучителен начин го објасни своето менаџирање.
- Мојот Интимен театар функционира во рамките на Хотел театар кој е сопственост на мојата фамилија. Значи мојот бизнис , ако може да го наречам бизнис функционира како „гребење“ од малиот приватен бизнис што го има моето семејство. Значи ние финансиски се гребиме, практично експлоатираме друг мал бизнис за да постоиме, рече Ристевска- Петрушева напоменувајќи дека секој еден билет што се купува за претставите на Интимен театар е многу важен за неа, бидејќи функционираат со многу мали средства.