2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

Македонците слабо се разбираме на македонски јазик (пишува Биљана Т. Димко)

Декември 20, 2019

биле 77

Ајде да говориме македонски јазик. Зошто? За да се преброиме колкумина од нас ја разбираат оваа реченица на Мисирков: „Јазикот јет средство, со које није познааме, шчо мислит, шчо осек’ат и шчо сакат нашијот собеседник.“ Јазикот, исто како говорењето е комплексна дејност којашто му се препишува на човечкиот род како резултат на еволутивен процес.

Ние, Македонците, некако слабо се разбираме на македонски јазик.

Каква е состојбата на македонскиот јазик, денес?

Сиромашна, со неискористен капацитет, ограничена ко кафанска тераса, патриоти кои името и јазикот не го даваат, а статусите по социјалните мрежи ги пишуваат со латинична поддршка. Националните установи каде е задолжителна употребата на нормираниот македонски јазик сѐ послабо го користат стандардниот македонски јазик, медиумите, особено интернет страниците се расадник за јазична некоректност. Особено ме погодува употребата на македонскиот јазик на театарската сцена, каде што преовладува дијалектниот говор и секојдневниот личен говор на актерот нелекториран, нелогични акцентски целости, скоро и да нема говорна артикулација, така што, често она што го говорат актерите на сцена им го кажуваат на сопствениот нос. Театарот како синкретична уметност е од огромна важност за општеството, ако се сеќавате на Војдан Чернодрински (1875- 1951), во неговите драми и во нивните изведби првпат отсечно прозвучи македонскиот јазик, јас би го нарекла тоа борба за слобода на говор на мајчинот јазик, не со оружје, туку родољубиво и истрајно со перо и со јасна мисла. Ме боли фактот дека во минатото секоја кирилична буква крваво се има изборено за својата форма во скоро сите временско општествени неприлики кон македонскиот јазик и идентитет, денес кога е заштитен со закон, неговата употреба на сите негови нивоа е сведена на тоа како не треба да се постапува со македонскиот јазик.

Медиумите се должни да го почитуваат македонски јазик, а тие што прават? Новинарството некогаш беше сериозен занает, мораше да се испече убаво за да се настапи во јавност, а сега, денес секој втор нешто пишува, објавува, креира јавно мислење без никакви компетенции за тоа, терминот новинар суштински се изедначи со држач за микрофон или диктафон. Е, не може да пишува секој и да пишува како сака, има правила, има норми, има цела наука – стилистика и не може да се биде новинар без јазична подлога, тоа е како да се облекуваат прво чевлите потоа чорапите. Има исклучоци, секоја чест, но од толку што се малку на број не може да се забележат во барата од новинарската калакурница.

Македонскиот јазик и политичката сцена. Да не беше толку трагично, ќе паѓав од смеа. Недостигаат ораторски вештини, недостига политички говор, па парламентот не е зелено пазарче и ќе се довикуваме, секој си го носи дијалектот од онаму од каде потекнува, убави се дијалектите, ама имаме стандарден македонски јазик којшто задолшително треба да се користи во националните установи. Јазикот којшто го говорат политичарите, иако му близок на народот воопшто не влева доверба кај него, затоа секој мисли дека може да биде политичар, можеби, што има за тоа, така изгледа.

Македонскиот јазик не е сиромашен јазик, туку неговите официјални говорители, веројатно се ограничени ко тераси. Има огромен фонд на зборови, кои се во пасивна употреба, а за тоа треба читање. Во државава во секое село има правни и јазични факултет, а државава се дави во неписменост и правно пропадна.

Време е македонскиот јазик да излезе од локално-балканските рамки и да се проучува од космополитска перспектива, затоа што претставува јазик што е издигнат на сите јазични нивоа, нормиран со закон, со говорители распространети на сите континенти. Јазикот е жива материја, да, ама нека се обликува природно, а не со силување.

(Авторот е книжевник)

 (Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани