2win800x200

Необична кампања(пишува Валентин Груевски)

Јули 02, 2020

 

Македонија влегува во втората недела од кампањата за предвремените парламентарни избори и веќе е јасно каде се движат кампањите, што двата најголеми блока ветуваат  и кои се нивните главни пораки. Кризата со вирусот си го направи своето, го зеде „данокот“, и покрај тоа што го смени светот ја смени и политичката кампања кај нас.

Кампањата која се води за овие избори е многу поразлична од кампањите кои се водеа во претходниот период. Ако сакате да повлечете паралела и да најдете сродна кампања, од некои претходни избори, без разлика какви биле, нема да можете да најдете  и ќе сфатите дека ваква кампања за прв пат се води во Македонија  а нејзината карактеристика е различноста  по неколку  основи.

ГОЛЕМИТЕ МИТИНЗИ

Големите митинзи со носење на приврзаници од еден до друг град, конечно заминаа во историјата. Непотребните колони со возила и полни автобуси  повеќе ги нема по патиштата, малтретирање на членовите, како желба да се покаже големината и силата пред неопределените гласачи. Задолжителното селфи од секој автобус, списоците на присутните и проверка кој дошол а кој не, се надевам дека нема да се вратат и кога ова со вирусот ќе биде далечно минато. Нашето забрзано движење кон демократско општество, подразбира  и многу вакви, навидум безначајни отфрлања на вакви и слични навики. Овој пат се случија не по наш избор, но сепак се корисни за созревањето на демократијата.

Одењето од врата на врата станува исто така минато. Праксата која беше воспоставена некаде во 2011 година, со познатото кафе и локум, полека се напушта. Опасноста за ширење на вирусот, стравот за сопственото здравје, ја сведоа оваа кампања на минимум, иако во почетокот кога беше новина, имаше исклучителен ефект врз гласачите. Со текот на годините, истата го изгуби ефектот и вирусот мислам сосема ја исфрли од ,,игра“. Иако некоја од партиите и сега ја практикува, сепак сето тоа е далеку од масовната посета кога домовите на граѓаните беа секојдневно „сардисани“ од активистите.

КАРАКТЕРИСТИКА

Број два на овие избори се пораките кои се праќаат, а се премногу некако формализирани и делуваат како некакво клише. Главната порака е дека пратениците се загрижени за здравјето на луѓето, делат маски и главна заложба им е борбата против вирусот. Од кампањата не може да се издвојат неколку главни теми на кои би се воделе дебатите. Ако во минатото, дел од кампањите  биле карактеристични на пример по темата за приватизацијата, влезот во НАТО и ЕУ, бомбите и криминалот произлезен од нив, сега  од сето тоа нема ништо и кампањата нема, своја главна тема.

 Дури ги нема и секојдневните прес-конференции и меѓусебните препукувања на  кандидатите, нема вадење на „валкани“ алишта, го нема негативниот набој, ама тоа можеби е и добро, бидејќи мораме да размислуваме и да ги прифаќаме европските вредности и однесувања. Разговорите кои се пуштаат скоро секојдневно од двете страни, не можат да предизвикаат ефект, бидејќи на граѓаните им е смачено од црнила, од предавства, од криминали, од поделби. Сакаат да слушнат идеја, план, размислувања, ама реални а не научно фантастични. А тука власта има сериозна предност.

После првата недела од кампањата впечатокот ми е ист, како и после првиот ден. Власта влезе со мала предност, но неинвентивноста на опозицијата, опседнатоста со кандидатот за премиер на власта, спотчињата во кој зборуваат повеќе за другите отколку за себе, омразата, злобата, збунетоста на кандидатите и бегањето од дебатите, единствено што ќе донеси е зголемена предност на Можеме на крајот од изборниот процес.

Никогаш северна, поништувањето на двојазичноста, поништувањето на Преспанскиот договор, влада без Албанци, како пароли за избори веќе не минуваат.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани