2win800x200

Европско, ама можеме и на светско!(пишува Валентин Груевски)

Април 01, 2021

 

Фудбалот, или, најважната споредна работа на светот, по втор пат, во последните неколку месеци е во центарот на вниманието како на македонската фудбалска и спортска јавност, така и на фудбалската јавност во целиот свет. Ако пред некој месец имаше и дежурни скептици кои се обидуваа да го оспорат пласманот на Европското првенство, зборувајќи за Лигата на нации, и слабите противници, после оваа победа и тие останаа без зборови и мораа да честитаат.

Фудбалски 'малата' Македонија вчера ја победи големата Германија. Победен е четирикратниот светски  првак, трикратниот европски шампион, победена е земјата која го дава последниот европски клубски шампион, земјата чија домашна лига е меѓу петте најдобри во Европа, победени се играчите кои играат во Баерн Минхен, Манчестер Сити, Борусија, Ливерпул, Челзи и други европски гиганти.

ГАРИ ЛИНЕКЕР

Е познат поранешен англиски фудбалски репрезентативец од крајот на минатиот  век, со десетици настапи за англиската репрезентација и десетици постигнати голови. Исфрустриран што никако не можел да ја победи Германија ја изјавил легендарната реченица, која е се уште актуелна и се прераскажува во фудбалскиот свет. „Фудбалот е игра која ја играат 22-ца, а во која секогаш победуваат Германците“. Успеавме, барем за некој период, да ја преиначиме оваа изрека и последниот збор да го прекрстиме со  зборот Македонците.

Ниту еден успех, во ниедна област, а особено во спортот, не може да биде случаен и не доаѓа ако не  вложите многу труд, многу знаење, многу одрекување и многу желба да успеете. И овој успех ниту е случаен, ниту дојде преку ноќ. Вложено е многу работа за да се достигне ова. И поединечно и колективно. Шансите да одиме на Светско првенство се огромни, а ако тоа го направиме тоа ќе биде најголемиот спортски успех што сме го направиле од осамостојувањето.

ПОБЕДАТА

Факт е дека фудбалот, после вчерашната победа и изблиците на радост по социјалните мрежи, коментарите, вниманието по светските медиуми е спорт број еден во светот и во Македонија. Ниту еден друг спорт не може да ги привлече парите, медиумското внимание и публиката  кои се вртат во оваа игра.  И не постои ниту еден амбасадор, министер, претседател, премиер, ниту некој бизнисмен, професор, научник, музичар, кој вака може да ја претстави Македонија. Вчера цел свет не побара на картата и не запозна кои сме и каде сме.

Уште еднаш се потврди тезата, дека ако сме единствени, ние што живееме на овие простори, се здружиме, заеднички функционираме и се почитуваме, можеме да постигнеме многу. Енис  и Горан, Аријан и Елиф, Дарко, Висар и Стефан, ни покажаа колку се небитни некои работи, ако се сака државата и дресот со националниот грб. Тие се хероите на Македонија и тие го покажуваат патот каде треба да одиме.

Затоа треба да вложуваме во спортот и во спортската инфраструктура без размислување и без заддршка. Тоа е патот кој може да доведе до успех на сите.

П.С. Честитки и до нашите, до битолчаните Стефан и Кирче, кои имаа свој удел во победата, со надеж дека оваа бројка  во иднина само ќе се зголемува.

Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани