Пишува: Александар Литовски
Светот, недвојбено, забрзано се запатил кон нови страдања и трагедии. Како и пред катастрофата од триесет и деветтата на минатиот век, денешните „луди“ геостратегиски игри бурно растат и се претвораат во најпротивречни облици на коегзистенција меѓу државите. Денешниот доминантен предаторски општествен систем, претставува опасност за преживување на планетата, а, сосема очигледно, претставува и опасност за Човекот, бидејќи се заканува да го осакати и преобрази во негација на сè што е достоинствено во него, да го обечести до пасивно општествено средство и економско орудие за производство на профит на големите Господари, да го понижи и претвори во додаток на машините. Денес Човекот е отуѓен не само од својот труд, како што учеше умниот Маркс, туку, отуѓен е од секој одуховен начин на живот. Владеачкиот капиталистички систем изобличи сè. Создава најмизерни услови за човечката егзистенција, создава систем кој го подредува и заробува Човекот и од него не што создава бројка (како онаа во Химлеровите конц-логори), туку создава нула, создава карикатурална реплика, дури и на античкиот роб. На крајот, овие владеачки општествени сили ќе ги запалат сите пет континенти во пожарот на војните за моќ и профит. Впрочем, сè она што денес ни се случува, сите денешни бурни и мрачни облаци што заканувачки се надвиснале над нашите глави, многу јасно ни ја оцртуваат жалната и несреќна иднина која ни ја подготвуваат неолибералните херерасауруси.
Ние живееме во време во кое атрофијата на човечкиот мозок е веќе сериозно опасна за опстанокот на човечката раса. Ако човек стане параноичен и започне да размислува во рамки на апокалиптични шаблони, тогаш сериозно може да му се причини дека некој денес, на глобално ниво ги читал и ги имплементира фашизоидните расни теории, особено оние нивни делови по кои „развиениот човечки ум претставува опасност за човековата плодност“. Имено, некои фашистички „мислители“ покажувале и „докажувале“ дека растот на мозокот негативно влијае на големината и функционалноста на органите за размножување, па „западната цивилизација“ може да изумре и пропадне како што изумреле диносаурусите и нивните блиски роднини. Отука, се чини дека денес, се спроведува некој голем проект во кој, освен што се измислуваат фармацевтски иновации за развојот и функционалноста на репродуктивните органи, освен што се фаворизираат начини на живот кои го развиваат физикусот наспроти интелектот, се имплементираат низа мерки и постапки за оглупавување на населението преку неквалитетното образование и убиството на моралот преку сеприсутните религиска и медиумска порнографија.
Евроатланските победници од минатовековната Студената војна, заради закржлавување на мозокот, очигледно заборавиле што беше фашизмот и што би значело неговото воскреснување токму од нив. За да се потсетат, не мора да се навратат на Михенската конференција и последиците од неа, ама барем нека ја погледнат книгата „Националсоцијализмот и позитивното христијанство“ од Јулиус Купич (Julius Kuptsch, Nationalsozialismus und positives Christentum, Verlag Deutsche Christen, 1937.), каде убаво „научно“ и „морално“ се образложува дека „ако се прашуваме зошто Хитлер станал голем, моќен и отмен како ниеден од пред него во историјата на германскиот народ, тогаш одговорот гласи дека тој суштински, мисли, дејствува и говори како Христос“. Така впрочем, „како ниеден пред него“ Хитлер и неговите верни епигони започнаа крстоносна војна за спас на „западната цивилизација“ преку уништување на Советскиот Сојуз и болшевизмот, Евреите и сите еретици, па го доведоа светот во состојба на рушевина и нешто што наликува на нивниот „позитивно христијански“ пекол. Денес, кога повторно, масовно, се тргува со антиисламизмот, антикомунизмот, анти-антифашизмот, кога сведочиме присуство на сеопшта духовно-хуманистичка атрофија, кога се врши брутална политичка ревизија и цензура на историската вистина преку фашизоидни „резолуции на Советот на Европа“, сите, порано или подоцна, ќе останеме обезглавени во казаните од пеколот кој ни го проектираат христијанските „позитивни“ конзервативци и неолиберали од Варшава до Ватикан и Вашингтон. Затоа, за сите оние кои себе се сметаат за правдољупци и човекољупци не би требало да имаат никакви дилеми: враќањето на еднаквоста, вистината и правдата, враќањето на слободниот Човек, се најважните и највредните задачи на кои треба да се работи и од науката, и од културата, и од образованието, и од политиката.
(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)