2win800x200

Со СРЦЕ за Пелистер (пишува Валентин Груевски)

Април 15, 2021

 

Насловот на денешниот текст произлегува од една акција на ФК Пелистер, која ја прочитав на социјалните мрежи, а која ја повикува битолската јавност и љубителите на зелено-белата боја да купат виртуелни карти и  така да го помогнат фудбалскиот клуб, во ова време на огромна финансиска криза во сите можни сектори, која сите секојдневно ја среќаваме,  а истата силно се чувствува и во спортот. Се разбира дека 100 % ја подржувам акцијата, бидејќи сум сведок низ што се помина клубот во овие години и никогаш повеќе не посакувам да се повторат истите работи.

Се разбира, самата акција е добро дизајнирана  и се надевам дека масовно ќе биди поддржана од навивачите, претпријатијата, поединци и различни здруженија кои во овој момент не можат физички да присуствуваат на трибините, а сакаат да помогнат во моменти кога буквално нема  субјект кој нема проблеми во  секојдневното функционирање. Акцијата ме потсети и ме врати три и пол години назад во

МИНАТОТО

Кога по промената на власта, во фудбалскиот клуб постоеше резултатска, финансиска, играчка и не знам каква уште криза, а како претставник на општината се појавив во соблекувалната. По завршувањето на таа полусезона, во Пелистер имаше останато пет играчи и двајца голмани, немаше никаква опрема, а еден искрен вљубеник во клубот ме праша, како ќе играме напролет кога овде нема играчи ни за мал фудбал а камоли за голем фудбал ?  Ниту го знаев одговорот тогаш, ниту памтам што одговорив, ама постоеја две опции или клубот да оди во стечај или да се потрудиме да остани како клуб, па понатаму да се размислува за неговата иднина.

Благодарејќи на помошта на неколку луѓе (намерно не ставам имиња) и на општинските пари,   Пелистер ја доигра таа сезона, и нормално, буквално без управа ( беше во оставка) испадна од лигата, иако дечките се изборија за финале на купот. Наредната сезона, постоеше уште поголема веројатност да не се почни првенството во втората лига, бидејќи ова беше жежок костен за секој и ретки беа луѓето кои сакаа да помагаат. Во последниот ден се плати котизацијата, се почна со тешки маки, а по првите шест кола, Пелистер беше претпоследен на табелата и со голема веројатност да замини и во трета лига.

НОВОТО СОПСТВЕНИШТВО

Дојде некаде во  октомври 2018 и главната цел беше клубот да не испадни од втора лига, и колку толку финансиски да се стабилизира. Се успеа во намерата, а веќе наредната година до прекинот на првенството  Пелистер беше прв на табелата и беше прекомандуван во првата лига. Да не заборавам, младинските категории се вратија во првата лига, бидејќи и тие беа испаднати. Дел од долговите беа вратени, клубот почна ,,да личи на нешто“, и полека се спремаше за настап во првата лига. Се разбира како и за многу работи, и за оваа еден куп ‘мрчатори’ зборуваа за едно прволигашко лето, им се потсмеваа на  тренерите,  второкласни засилувања, и уште еден куп  други навреди и омаловажувања.

Денес Пелистер е 6-ти на табелата, со 35 бода, на  шест кола пред крајот. За жал на душегрижниците, ниту директно ќе испадни, а изгледа нема да игра ни бараж, и тоа со многу помалку пари отколку скоро цела прва лига (не го бројам Вардар), кој делот за оваа година си го потроши во претходните години. За мене тоа е успех рамен на играњето на Лига на Шампиони, и сите кои директно помагаат и ќе помагаат во клубот треба да се горди на она што се постигна а се надевам дека и ќе се постигнува.

     Пишува Валентин Груевски претседател на Советот на Општина Битола   

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани