2win800x200

Есеј за школката (пишува Зоран Николовски)

Април 12, 2021

Љуби го непријателот, како ближниот свој.

Евангелие по Јован.

Во најтемните делови на морскиот свет, на дното на морињата и океаните, испикана меѓу живописните гребени и корали, својот невидлив живот го живее школката. Се храни со планктони и морските алги, а се движи со помош на брановите и вртлозите во морската вода. Овој навидум мирен и невпечатлив организам, ни ја раскажува најдраматичната животна приказна, што и на секој од нас ни се случила барем еднаш во животот.....

 За време на своето кратко и незабележително постоење, школката, го прави највредното и најскапоценото нешто во својот живот – БИСЕРОТ. При секое брановидно раздвижување на морското дно, (каде што школката свила свое гнездо), како неканет гостин и незграпен натрапник, ПЕСОКОТ, влегува во неа низ незините процепи, против нејзината воља.

Нејзината како свила мазна, исклучително нежна и прозрачна утроба, не е создадена за вакви “гости”. Таа не може да се справи со грубоста на гостинот, и нејзината нелагодност, преминува во очај. Песокот ја драска, греби и уништува, а школката не може да се ослободи од него и да го избрка. Таа нема екстремитети, со кои би го одстранила од себе. И тогаш ШКОЛКАТА, исправена пред предизвикот, што понатаму во својот живот, немајќи избор, решава од својот неканет гостин, од својот најголем непријател да го направи највредното нешто во нејзиниот живот – БИСЕРОТ, за што ќе го потроши целиот нејзин живот...

Школката умира истиот момент, штом заврши со вајањето на песокот и заврши со својот животен “проект” – БИСЕРОТ.

Школката почнува да живее за песокот. Во “борбата” со песокот, го потрошува целиот нејзин живот, и го прави највредното и најскапоценото – БИСЕРОТ.

Потоа,   умира,......

БИСЕРОТ, и беше дозвола за да го напушти морскиот живот, и да замине од “другата страна”. БИСЕРОТ и беше пасош, за да отпатува на оној свет,......

Јас знам, драги мој читателу, дека и овоземниот наш живот, (на оваа тема) не е ни малку поразличен од морскиот живот и дека изобилува со не помалку драматични сцени, од оние на дното на морето. Многумина од нас (барем на кратко) во својот живот, ја имале судбината на школката. Да се справуваме со наразлични непријатели, и тоа сме го правеле на најразлични можни начини.

Па тогаш, ако не можеме да се однесуваме како школката, во најтешките моменти од нашиот живот, да се присетиме на животната агонија и големиот дострел на малата школка.

На тој начин (барем) ќе се утешиме, дека не ни било само нам, најтешко во животот...

Пишува: Дипл. Инг. Арх. Зоран Николовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани