2win800x200

×

Предупредување

JUser: :_load: Неможно вчитување корисник со ID: 802

За пофалбите и ласкавите зборови (пишува Зоран Николовски)

Јуни 15, 2021

“Фалената овца, волкот ја јаде”.

НАРОДНА ПОГОВОРКА

“Секогаш, кога многумина ќе те пофалат, посомневај се во себе”, ми зборуваше мојот учител на Архитектонскиот факултет во Скопје, Проф.Владимир Георгиевски. Јас на свои осумаесет години, а тој на поодмината возраст. Јас бунтовен, а тој мудар. Не бев сигурен во неговите зборови, затоа што не го познавав доволно човекот. Не им веруваме на луѓе, што не ги познаваме. И нормално беше моето однесување кон неговиот совет, со оглед на мојата младост и мојот ентузијазам. Оти, мудроста не доаѓа со образованието, ами со возраста.....

Етимолошки зборот “фалење”, потекнува од зборот: “фали” т.е. “НЕДОСТИГА”.

Еве ја приказната за фалената овца,....

Еден овчар имал големо стадо со овци. Сите ги сакал подеднакво и сите ги чувал како очите свои. Но, имал една овца, која била негов љубимец и секогаш за неа зборувал со најпофални зборови. Де, таа најмногу млеко давала, де таа најубава волна имала. Просто, “од уста не ја вадел”. Еден ден, неговото стадо го нападнал еден волк. Настанала општа мешаница, не се знаело која овца, каде бега. И сите овци успеале да избегаат, да му се измолкнат на волкот, но само една овца останала на местото, каде што била и предходно. Волкот ја видел и ја задавил. Тоа била овцата – љубимец. Овцата со која овчарот најмногу се гордеел. Едноставно, неа и НЕДОСТИГАЛ слухот, глува била кутрата и не слушнала кога волкот се прикрадел до стадото…

Таа е вистината. Таа е реалноста. Секогаш кога многумина ќе не фалат, значи дека нешто ни ФАЛИ, нешто ни НЕДОСТИГА. Не постои суштество на планетата земја, на кое не му импонираат пофални зборови. Не постои човек што е имун на пофалби. Но, од фалби - фајде нема. Само вистинската критика, (која се базира на издржаност и рамноправност), може да биде поттик и предуслов за големи нешта. Не бегајте од критиката по секоја цена. А критиката, (како таква) може да биде и позитивна и негативна, и конструктивна и деструктивна. И објективна и субјективна, и добронамерна и злонамерна. А каде е вистината ? Таа секогаш е на средина. Ни ваму, ни таму. Затоа, не “трчајте” по пофалби и ласкави зборови по секоја цена, бидејќи така, се повеќе ќе се оддалечувате од патот по кој сте тргнале – ако воопшто сте тргнале некаде. А, ако не сте тргнале до сега, тогаш – баталете ! Не тргнувајте воопшто ! Оти така ќе се лажете и Вие самите, а ќе ги лажете и тие околу Вас…

А јас, јас веќе длабоко сум убеден во вистинитоста на зборовите на мојот учител:

Секогаш, кога многумина ќе те пофалат, посомневај се во себе !

Дипл.инг.арх. Зоран Николовски

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани