Webp.net gifmaker

"Труд и постојанство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива" - Гоце Делчев

Неколку ексклузивни и вредни податоци за социјална историја на Битолскиот санџак. Малкумина знааат за тоа дека Битола на пример, во 1890/91 година имала 40 казина-меани, во Буково и Трново две фабрики за пиво, во 1911 година три театри, 15 читалишта...Ете подетално: 

1.Битола и околината според пописот од 1890/91 имала: 2484 дуќани, 160 анови, 260 фурни, 40 казина-меани, 7 хамами, 2 печатници, 8 аптеки, 30 ресторани.Според пишувањата на Мехмед Тефик кој забележал дека во 1911 година во Битола имало:1138 дуќани, 1410 магази 12 фабрики, 40 меани, 5 казина,26 воденици, 3 театри, 15 читалишта, 1 ледара, 36 пекарници, 14, аптеки, 20 табакани, 3 болници, 16 хотели, 106 анови.
2. Освен мелниците од прехрамбената индустрија постоела уште и фабриката за бонбони и локуми на Герасим Сотиров,изградена во 1885 година. Постоеле и две фабрики за пиво, едната отворена во Буково 1890/91 со капацитет од 600хектолитри, која уништила дел од производството поради недостиг на магацински простор. Другата фабрика се наоѓала во селото Трново, но и таа немала долг век. Овие две фабрики како и уште една за шпиритус и една за зејтин крахирале за многу кратко време најмногу поради немањето на стручен кадар, слабиот квалитет и надворешната конкуренција.
3.Парната мелница на Исмаил бег во Битола имала капацитет од десет тони мелено брашно, работела со 6 валци.
4. Постоеле само две фабрики за производство на гајтан во Дихово и Магарево. Фабриката во Дихово била изградена во 1885 година започнала со производство во 1886 година. Преминала на парен погон во 1895 година и вработувала 220 луѓе, работејќи дено-ноќно. Работниците биле многу ниско платени и најголемата надница достигаше до околу 5 пијастери а употребата на женскиот и детскиот труд беа распространети.
Фабриката во Магарево била подигната најверојатно во 1890 година и вработувала 800 работници.Следејќи го развојот на нештата, се пристапило и кон отварење на уште една предилница во Дихово и уште една фабрика во Магарево, која би преработувала готова преѓа од англиско производство.Фабриката во Дихово произведувала 50.000 кг. гајтани годишно што е еквивалент на целокупната побарувачка на Србија и до раните деведесети и за таа намена таму биле испраќани 12.000-15.0000 килограми гајтан, кои биле складирани во Ниш.
Текстилната индустрија доживувала особит подем. Таа пред се ги задоволувала потребите на османлиската војска а дел од своите производи изнесувала и надвор најчесто во околните балкански земји. Диховската фабрика до 1905 година успевала да произведе 30% чист приход, а истата година во Магарево била пуштена во употреба новата комибинирана предилнца и ткајачница.Доколку се следи ваквиот развој на нештата тогаш реално може да биде прифатен податокот од Хаџи Васиљевиќ како точен кој вели дека до крајот на 1910 година во Дихово постоеле четири текстилни фабрики, со по 250-300 работници.
 
Пишува : Васко Гичевски студент на Институт за историја при Филозофски факултет, УКИМ, Скопје
 
 

Соочени со состојбата во светот и се отвори дискусијата за образвонаието во кризни и вондредни ситуации. Соочени со фактот дека на Балканот на овие теми не се ни отворила дискусија а камоли пак предлози и решенија. Нужно е овие проблеми да се решаваат „во од“. Образованието на далечина не е нов изум, пионери во оваа област се Америка и Австралија кои го спроведувале уште од педесетите години на минатиот век, и се одвивало преку радио или телевизиски програми во комбинација со систем на допишување. Во овие земји како и во неколку други постојат и регулативи за „домашно образование“. Под домашно образование се подразбира образованието кое се врши во домот, каде наставници се родителите за што постојат специјални програми, обуки и начин на акредитирање за стекнатото образование. Образованието на далечина во денешни услови се изведува преку интернет платформи и апликации и со денешниот развој на техниката, прилично е лесно и економски ефективно(квалитетот и се останото е сосемa друга тема)

Ставјќи ги предходно дефинираните поими во конткестот на Македонија треба да се каже дека нема ни минимум услови за никакво образование на далечина. Електерификациската мрежа е слаба и често се случуваат падови. Интернет конекцијата е прилично лоша со чести падови. Вака гледано оваа настава, ќе се претвори во час на кој ќе присуствуваат неколкумина од големите градови, кои по некоја случајност имаат добра конекција. Руралните и приградските средини многу тешко би имале можност да ја следат настава.За овој вид на воспитание и образование немаме ниту план, ниту програма, ниту прилагоден систем накратко речено регулативата за овие процеси во Македонија е рамна на нула. Предходно не сме имале вакво искуство а за да се воведе треба, време простор и планирање. Чекорите кои деновиве се превземаат, а тоа се воглавно изработка на едуктивни видеа поставени на некоја интернет платформа, не можат да се категоризираат како организиран систем на образование и воспитание. Тие единствено можат да полужат за пополнување на слободното време на учениците и за лична себеедукација, која не изискува следење на напредокот како вообичаената настава. Всушност кон изнесеното тврдење во текстот оди во прилог и изјавата од министерството за образование и наука дека не планираат изведување на настава на далечина, туку само емитување на едукативна програма на телевизија. Чекор за кој веројатно ни требаше криза за да се сетиме како да го пополниме медиумскиот простор со воспитно образовни содржини, иако имаме богата традиција на емисии од овој тип.

Ситуацијата не е ништо подобра ни во високото образование. На ниво на Македонија според достапните податоци единствено подготвени се American colege Skopje и ФИНКИ кои испрати соопштение дека наставата ќе ја извршува преку системи за далечинско учење. Од предходно изнесените причини и во високото образование овие чекори, веројатно нема да доведат кон никаков прогрес туку само ќе служат за пополнување на слободното време, секако за оние кои што ќе имаат пристап кон платформите. Олеснителна околност е тоа што студентската популација е составена од возрасни луѓе кои знаат и разбираат што значи образованието и себеедукацијата. Сходно на ова преку користење на бесплатните бази на научни трудови, дигитални библиотеки, може не само да го надополни туку и да го надгради своето знаење. Нешто што според мене представува не само опција во вакви ситуации туку и нужност за секој еден кој сериозно си го сфатил полето на студирање и во крајна линија неговата идна професија.

За жал во наши услови единствената опција е изгубеното време да се надохнади, било тоа преку работа во викенди или според мене уште подобро и далеку поефективно, со еден декрет, пролонгирање на учебната година во кој период ќе се завршат сите обврски кои сега не се извршиле. Поради непостоењето на соодветна законска регулатива, соодветни технички услови, организиран систем на воспитание и образование на далечина, се што во овие моменти се прави е погодок на слепо. Овој погодок може но и не мора да ја погоди целта, а тоа не може, не смее да биде и не е пристап кон организирање на систем.

Оваа ситуација треба да послужи за поттик да се развиваат нови пристапи и идеи, да се експериментира со цел повторно да не се најдеме во ситуација на мртва точка. Од тука сите кретивни идеи заслужуваат почит и поздрав, како и отворената дискусија. Сега како никогаш порано колегите од сите образовни профили можат да придонесат кон оваа тема. Преку споделување на електоронски бази на литература, правење на видеа, подкасти, останати дигитални содржини, ќе се допринесе кон подобрување на моменталната ситуација. Покрај ова, овие чекори кои сега ќе се превземат, организирано или од поединци понатаму ќе послужат како сериозно алиби за конечно изготвување на регулатива, планови програми. Современиот свет нуди можности, со соодветно ниво на лична мотивација, лични компетенции, хуманост и идеализам, сите ние можеме да допринесеме кон подобрување на ситуацијата. Упатувам поттик и повик кон сите колеги, своите активности и размисли во овој момент да ги насочат главно кон воспитно образовните активности. Ние како идни наставници, како општествено одговорни битија, сме должни знаењето што сме го акомулирале, да го ставиме во служба на народот и потребите на времето.

Васко Гичевски студент на Институт за историја при Филозофски факултет, УКИМ, Скопје

 

(Ставовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

 

Здравомислечкиот и образуван свет, во последниве дни се соочи со највеликолепниот изблик на совремниот фашим на балканските простори по Втората светска војна и колежите при распадот на Југославија. Имено пред неколку дена најпрво со декларација од 8 точки излезе Македонскиот научен институт, а потоа со своја декларција излезе и Владата на Република Бугарија. Ултимативните барања кои се наведени таму се однесуваат на тоа дека: македонскиот јазик не постои, ослободување од термините „бугарски фашистички окупатор“, негирање на постоење на македонско малцинство во соседните земји, барање за приложување на наставните програми по историја и географија пред бугарските институции. Поентите на МНИ и бугарската влада се совпаѓаат во огромна мера, што пак ни говори дека тоа претставува една огранизирана политичка акција и затоа во овој текст парафразирано се претставени заедно, како интегрален текст.

Ненавлегувајќи во историските факти, податоци и процеси, бидејќи секој што се занимавал со историјата како наука или стекнал образование во било која од општествено хуманистичките науки, знае дека ваквите барања, не смеат и не треба да се дискутираат. Овие барања, немаат основа да воопшто поставени на дискусија, бидејќи нивната основна суштина е предрасудата дека другиот односно ние, не постоиме. Ваквиот однос не само што не е научен, не е во склад со цивилизациските достигнувања на човекот, отскокнува од мултикултурниот принцип на кои е втемелена Европска Унија и идејата за заедништво на европските народи. Појавите од овој тип можат единствено да бидат предмет на осуда од секој трудбеник и здравомислечки човек. Овие барања се фашизам од прв до последен збор! Обид за наметнување на туѓи идеи, во извесна мисла ставање под протекторат, погибија на слободната мисла и слободниот човек.

Нашето достоинство, образование, одговорноста кон општеството која секој посебно како единки ја носиме, нѐ обврзува да водиме бескомпромисна борба против секој вид на угнетување, маргинализација, против секое кршење на човековите права. Да водиме борба против етноцентризмот, национализмот, непродуктивните и ненародни политички реформи, кои го заробуваат народот во прангите на сиромаштијата, правејќи го роб на политичките малверзации. Да ја градиме критичноста, да го подигнеме степенот на квалитет на образованието, бидејќи само образован и самосвесен човек може да биде безкомпромисен борец против современите крикови на фашизмот.

Борбата против сиромаштијата, експлоатацијата, борбата против современите заблудени глави кои го воспеваат фашизмот, се ситат на убиените и измачуваните, со цел постигнување некакви повисоки расни идеи за чисти држави, не е прашање на одлука, туку прашање на нужност. Константната борба со фашизмот на сите полиња во секоја сфера од општественото делување, е должност на секој свесен, образован, здраворазумен и критичен човек. „Ко челик сме ние“ во борбата пред која не смееме да попуштиме, борбата од која не смееме да се откажеме.

Доколку ставот на европските земји оди во насока на поддршка на фашистичките сни на Бугарија, тогаш тоа повеќе од јасно говори дека Европа е трула одвнатре. Тоа не е Европа за која сме читале во делата на Шуман, не е Европа на Русо, Хегел, Шилер, ова е по се изгледа, Европа на Хитлер и Мусолини. Да не заборавиме дека политиката на толеранација кон германските активности и политики од страна на останатите европски земји, доведе до милионски жртви.

Жртви кои ни оставија аманет да спречиме идни крвопролевања. Балканскиот човек сака стабилност, добро работно место, поволни услови за живеење, работа раст и развиток. Бесцелните замајувања, ширењето на етноцентризам, фашизам и империјализам не придонесува кон никаков цивилизациски прогрес, напротив истиот го разградува и уназадува.

Политиката на покорност и толерација на ваквите политички појави и барања, говори за нашата негрижа, нашата цивилизациска неодговорност, нашето измеќарување и ретерирање пред глупоста на силата. Ова не е патриотизам, ова не е борба за подобра иднина. Патриотизмот не е во знамињата, зборовите, симболите, патриотизмот е во работата. трудот, унапредувањето на земјата и животот. Патриотизмот е во слободата. Слободата, свеста, одговорноста кон позитивните достигнувања во науката, кон достигнувањата на цивилизацијата, кон човекот како битие. „Човек, колку тоа гордо звучи“. Интелектуализмот не е во ходниците на универзитетите, не е меѓу купените кецели, разните хартии и титули, интелектуализмот е во слободата на мислата, во здравиот разум, во храброста да се искаже ставот, кога тишината може да убие.

Васко Гичевски студент на Институт за историја при Филозофски факултет, УКИМ Скопје

тавовите изнесени во колумните не се ставови на редакцијата на Апла.мк. Затоа Апла.мк не сноси одоговорност за содржината на истите)

Страница 1 од 3

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2020 АПЛА.мк. Сите права се задржани