Зоран Лазаровски - Паљо: Ќе влезам во Советот и Битола ќе ја гледам со непартиски очи!

Август 01, 2025

Битолчанецот Зоран Лазаровски - Паљо, најавува листа за советници на претстојните локални избори во Битола. Вели дека потребните потписи за учество на изборите ќе ги собере без проблем и дека на изборите ќе успее да ги привлече гласовите на битолчани, кои се независни и не се наклонети на политичка партија. Лазаровски вели дека во Советот, Битола ќе ја гледа со „непартиски очи“. Тој најавува дека ќе се бори за Битола со катни гаражи, обнова на Детското одморалиште на Пелистер, доизградба на Копанки и Битола со инфраструктура на спортски град. 

„Ако влезам во Советот приоритет ќе ми бидат неколку важни работи за Битола. Најпрво ќе побарам ново гласање - Битола да добие современа депонија која ќе биде за трите општини од Пелагонија - Битола Могила и Новаци. Нема да дозволам депонија за 18 општини. Ќе се борам во Советот,  Битола да изгради катни гаражи и паркинзи оти собраќајниот метеж е неиздржлив во Битола. Ќе предложам нов начин на решавање на проблемот со кучињата скитници, да се тргнат од улиците. А кога сме веќе кај улиците тие мора да се асфалтираат како што треба, по стандарт, да се направат сите влезови во градот со булевари, како што доликува на Битола. Приоритет ќе ми биде да се доизгради планинарскиот дом Копанки  и да се обнови Детското одморалиште на Пелистер, штета што пропаѓаат такви градби важни за Битола“, изјави Зоран Лазаровски - Паљо за Апла.мк.  

 

За спортот Лазаровски вели дека во Советот ќе се бори за нов Спортски центар каков што заслужува градот и младите во Битола. 

Зоран Лазаровски - Паљо вели дека е веќе фамилијарен човек, сопруг на Љубица, реализиран како родител, татко на едногодишниот Ѓорги. Професионално исполнет спортист со бројни награди и забележителни спортски резултати.

Оттука вели дека идината на Битола му е многу важна заради неговиот син Ѓорги, но и за сите деца кои треба да останат да живеат во градот, а не да се иселуваат.  

„Битола не мора да е како градовите во Швајцарија, тоа би било фантазија, но важно е градот да понуди нормална иднина за нашите деца. Не смееме да бидеме на дното и мора работите да ги гледаме реално, чисто, со непартиски очи“, вели Лазаровски - Паљо за Апла.мк.    

Лазаровски досега беше учесник и на претходни локални избори како кандидат за градоначалник. 

Паљо

А.Б 

 

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани