Софија Ристевска Петрушева е театарска режисерка со над две децении неуморна посветеност на уметноста и општеството. Веќе 22 години таа активно работи во државни и независни театри низ земјата и надвор, оставајќи силен и препознатлив печат. Со над педесет режирани претстави, таа е глас што ја дефинира современата театарска сцена, а веќе десет години е дел и од Народниот театар во Битола – градот што си ја препознава како своја.
Во 2013 година ја создаде својата лична уметничка визија – Интимен театар, каде што режира храбри и социјално ангажирани претстави. Таму ја отвори сцената за приказни што болат и лечат истовремено: за жените кои се борат со рак на дојка, за достоинството на староста, за осаменоста, но и за последиците од капитализмот и конзумеризмот што го притискаат современиот човек. Во склоп на овој театар активна е младинската сцена како и школата за театар.
Својата хуманост, таа ја пренесува и надвор од уметноста: од 2022 година е ко-сопственичка на Приватната установа за социјална заштита на стари лица – Старски Дом Софија, каде што се обрнува посебно внимание на подигање на свеста за потребата од квалитетна грижа за старите лица во секоја заедница.
Нејзиното мото е јасно и моќно: правата на жените и родовата еднаквост мора постојано да се унапредуваат. Софија Ристевска Петрушева верува дека жената мора да биде рамноправно вклучена во социјалниот, општествениот и политичкиот живот на нашата земја. Таа е доказ дека уметноста и општествената акција можат и мораат да одат заедно – за похумано, поправедно и поеднакво општество.
Софија: „Градот Битола е нашиот заеднички дом – не само како простор од улици и ѕидови, туку живо ткиво во кое граѓаните пулсираат со доверба, уметност и солидарност, а секој човек се чувствува корисен, прифатен и препознаен според своите квалитети и способности.“