Архитектот Зоран Николовски е независен кандидат за градоначалник на Битола на претстојните локални избори. Николовски е познат лик во градот, особено по неговите професионални ангажмани и како поранешен директор на Завод и Музеј Битола во два наврати. Во краткото интервју за Апла, Николовски одговара на неколку прашања, а дава и образложение зошто по членството во две политички партии сега донесе одлука да биде независен кандидат за градоначалник на Битола. Зошто се кандидиравте за Градоначалник?
Атер за Битола. За да не ни биде само минатото гордост. За да допишам уште една светла страница на списокот на престижни решенија и објекти. Оти само битолчани знаат што значи да се биде горд на својот град, тоа е нивниот генетски код, нивниот аманет. Ова што денес го нарекуваме иднина, по сто години да биде величенствено минато.
Зошто битолчани да гласаат за Вас во изборот од осум кадидати и партиски и независни?
Затоа што ми веруваат на тоа што сум го сработил во животот, и знаат дека кога јас нешто ќе ветам, тоа и го остварувам. Кредибилитетот за ваквото мое размислување го влечам од моите два мандати како раководно лице на НУ Завод и Музеј - Битола. Битолчани се сведоци на секоја ренесанса на Музејот кога јас раководев со него и тоа не во метафорична, ами во буквална смисла на зборот.
Што планови имате за Битола?
Да живееме и работиме сите заедно, како една голема и среќна фамилија. Да им ја вратам насмевката на граѓаните и да им обезбедам безгрижност во секој сегмент од живеењето. Да ги продолжам успешните проекти што во меѓувреме паузираа, и тоа што до сега изгледало како “мислена именка”, од сега да функционира вообичаено, секојдневно – прогресивно.
Бевте член на ВМРО - ДПМНЕ, па потоа во движењето ЗНАМ, сега сте независен, зошто?
Јас не сум нереализиран човек, од 1999 година, сум вработен во НУ Завод и Музеј од Битола, а од истата таа година сум и сценограф во Македонската опера и балет и многу други проекти низ цела Македонија. Кога сум членувал во некое друштво, организација, екипа или политичка партија, јас секогаш сум одел за да допринесам за добробит, да дадам се што можам, а не за да земам. Не сум барал, ами безусловно сум давал. И уште една голема причина зошто сум независен, бидејќи се уште емотивно реагирам на неправди, а такви ситуации во политичките партии има многу.
Што и замерувате на оваа локална самоуправа вклучително и работата на досегашниот Совет на Општина Битола?
Несериозноста и некорисното губење време со маратонски разговори и седници. Старата еврејска поговорка не учи: “Многу муабет - сиромаштија”. Акција треба, а не “договарања” !
Во изминатите четири години "коалицијата" Вмро - Поинаку - Сдсм, власта ја практикуваа како онаа народната: “Тој кобајаги и се додворува, а таа кобајаги, не се согласува”.
Да не беше толку трагично, ќе беше неподносливо комично!