
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Петар Петров е назначен за генерален конзул на Република Бугарија во Генералниот конзулат Битола, објавија официјално бугарските медиуми. Петров е досегашниот заменик амбасадор во амабасадата на Репбулика Бугарија во Скопје и речиси пет години е на служба во Македонија. Ова значи дека од функцијата генерален конзул предвреме си заминува досегашниот Николај Димитров, чии мандат од четири години требаше да заврши во април 2027 година.

Петар Петров - нов генерален конзул во Битола
„АПЛА“ од свои извори дознава дека речиси една и пол година предвреме од функцијата генерален конзул во Битола, Владата на Бугарија го повлекува досегашниот конзул Николај Димитров. Причините за повлекувањето не се познати во јавноста. Димитров во Конзулатот во Битола дојде на функција во април 2023 година, во еден период на превирања откако една година претходно (во април 2022) беше отворен бугарскиот културен клуб во Битола „Иван Михајлов“.
Димитров во овој изминат период беше присутен на настаните кои ја одбележуваат конзулската традиција во Битола. Последно, минатиот месец, беше гостин на отворањето на почесниот конзулат на Австрија во Битола. Меѓутоа впечатокот на јавноста беше дека Димитров не беше близок до членовите на клубот „Иван Михајлов“. За време на судењето на македонскиот Бугарин Љупчо Георгиевски, екс претседател на згаснатиот клуб „Иван Михајлов“ Битола, во Основниот суд во Битола, генералниот конзул Димитров се појави само на последното рочиште кога беа кажани завршните зборови и кога пред судот како поддршка дојде и амабасадорот на Република Бугарија Желјаско Радуков.

Пред Основниот суд во Битола
Во 2024 година по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, генералниот конзул Николај Димитров присуствуваше на приредбата во бугарскиот клуб „Иван Михајлов“ и покрај тоа што уште пред една година овој клуб беше избришан од Централниот регистер.
За време на генералниот конзул Димитров во Битола, лани во февруари свечено се отвори уште еден бугарски клуб „Балкански мост“.

Петар Петров новиот генерален конзул и Николај Димитров едно до друго на прослава во Битола
Бугарските медиуми пренесуваат дека Советот на министри донесе одлука за назначување на Петар Бојанов Петров за генерален конзул на Република Бугарија во Битола, Република Северна Македонија, со конзуларен округ што опфаќа голем број општини во југозападниот дел од земјата.
Петар Петров е дипломат од кариера со долгогодишно искуство и длабинска експертиза во регионот на Западен Балкан, последователно извршувајќи разни позиции во Министерството за надворешни работи и бугарските дипломатски мисии.
Генералниот конзулат во Битола обезбедува конзуларни услуги за бугарските граѓани, одржува контакти со локалните власти и работи на развој на билатералните односи, поддршка на бугарската заедница и зачувување на бугарското културно и историско наследство.
Текст Анета Блажевска