
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Пет години наназад општинската организација на СДСМ Битола губи гласови. Лоши резултати за Битола се презентирани на Конгресот на партијата што се одржа овој викенд. Всушност ОО на СДСМ Битола покажува голем пад на гласачкото тело дури за близу 15.000 гласачи, стои во извештајот на Централниот изборен штаб во делот за Битола, презентиран пред делегатите.
„Општина Битола, една од најголемите општини во државата, во континуитет, во сите набљудувани изборни циклуси, покажува голем пад на бројот на освоени гласови од страна на СДСМ. Од графиконот може да се воочи дека падот покажува праволиниски тренд на опаѓање, но и дека во период од 5 години, само во општина Битола СДСМ изгубил 14.759 гласови“, констатира ЦИШ во извештајот.
Ова значи дека падот на гласови од контото на СДСМ Битола започнал да се осипува некаде по втората година од владеењето на Наташа Петровска како градоначалник на Битола.

Всушност тоа е периодот кога општинската организација на СДСМ Битола ја води (од 27 јуни 2019) како претседател Златко Ќурчиевски со Жаклина Наумовска како секретар. Значи последните позитивни резултати за општинска во Битола биле во времето на Методија Тасевски како претседател и Елеонора Илиевска како секретар, во периодот од декември 2017 до летото 2019.
Во последните пет години почнувајќи од 2020 до 2025 година, општинската организација на СДСМ Битола смени три раководства. По раководењето на Ќурчиевски, падот продолжува и со доаѓањето на Драган Крајовски за претседател на ОО на СДСМ во пролетта (14 март) 2022, со Гордана Анастасова како секретар, за да доживее кулминација сега на последните локални избори со преземањето на ОО на СДСМ Битола од страна на Методија Куновски на 8 ноември 2024, со секретар Александар Дракуловски.
Куновски од позиција на претседател ја презеде одговорноста да биде и кандидат за градоначалник, откако останатите високи партиски функционери од Битола бегаа како “ѓавол’ од темјан да не ја прифатат кандидатурата за градоначалник оти резултатите беа извесни-пораз. Така Куновски на последните локални избори освои 6.118 гласа, а советничката листа 5.386 гласови со пет мандати. Четири години претходно кандидатот на СДСМ Христо Кондовски, во вториот круг од изборите за градоначалник освои 21.978 гласови. Падот на гласови е особено впечатлив кога ќе се споредат гласовите на Кондовски и Куновски со освоените рекордни 31.337 гласови на Наташа Петровска во 2017 година.

Оттука во извештајот на Централниот изборен штаб на СДСМ презентиран пред делегатите јасно стои дека она што се случува со гласовите на СДСМ во Битола нема оправдување.
„Ваквите резултати не можат да се правдаат со најголемиот број на листи за советници (дури 16) кои учествуваа на последните локални избори, ниту на значително помалата излезност за разлика од парламентарните избори во 2024 година (48.21% наспроти 62.5%). Едноставно, континуитетот на падот на освоените гласови, не дозволува вакво оправдување“, се наведува во извештајот за Битола и накрај пишува:
„Слична е и сликата за добиените гласови на кандидатот за градоначалник, кои иако беа за 732 повеќе отколку за советничката листа, не беа доволни за влез во вториот круг (кандидатот на СДСМ заврши на трета позиција, после кандидатот на ВМРО ДПМНЕ и независниот кандидат Габриела Илиевска). На локалните избори 2025 година, полош резултат во однос на парламентарните избори во 2024 година остварија и ВМРО ДПМНЕ (-9057 гласови), ЛЕВИЦА (-2746 гласови), ЗНАМ (-2535 гласови), ДУИ (-651 глас) и ВЛЕН (-48 гласови)“, стои крајно во извештајот за Битола.

Инаку опишувајќи ја генералната состојба во општинските организации на СДСМ во извештајот од ЦИШ стои дека – на терен се манифестираат значајни разлики во функционирањето на општинските организации. Битола е фактички во лошите примери наспроти општините каде што имало соработка меѓу кандидатот за градоначалник, претседателот на општинската и останатите партиски чинители.
„Спротивно на тоа, во општините со изразени внатрепартиски поделби и недостаток на консензус - Битола, Прилеп и Куманово, проектните и кампањските активности не беа целосно синхронизирани што значително ја ослабна партиската мобилизација и теренската организација.“

Битолските делегати на претходниот конгрес
Последната вест за ОО на СДСМ Битола потврдена од Драган Крајовски како нов член на Извршниот одбор на СДСМ е дека вршител на должност (в.д) ќе ја води партијата во Битола по оставката на Методија Куновски од претседател на општинската. АПЛА дознава дека делегатите што беа на последниот конгрес заедно со членовите на ЦО на СДСМ од Битола ќе ја имаат задачата најверојатно овој четврток да предложат имиња за вршител на должност до генералниот секретар на СДСМ Александар Саша Димитриевиќ. Оттука се отвора прашањето кој ќе прифати да биде вршител на должност до изборот на претседател на партијата во Битола, дали можеби ќе се нафати некој од членовите на Централниот одбор од Битола, Зоран Стојчевски, Елизабета Ивановска, Методија Илиевски и Андреј Стојановски или ќе се бара нова „жртва“.

Социјалдемократи за АПЛА брифираат дека покрај Петар Николовски, за вршител на должност би можел да биде и Андреј Стојановски, како преодно решение, затоа што е млад и треба да гради политичка кариера. Инаку извори од партијата велат дека симптоматично е што добар дел од делегатите не се појавија на Конгресот, а од присутните имаше и нови лица што не беа на претходниот Конгрес кога се бираше Филипче за претседател на СДСМ.
Анета Блажевска