Изминатата година, во СОУ „Таки Даскало“ беа реализирани голем број проекти, кои се значајни за осовременувањето и унапредувањето на условите за учење и работа, со цел уште повеќе да се подигне квалитетот на воспитно-образовниот процес.
Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски го посети училиштето, воочи почетокот на второто полугодие од наставниот процес. Од страна на директорот Ристо Грујовски и
дел од вработените во училиштето, беше запознат со реализираните проекти.
Во однос на надворешноста на училиштето, со средства од општина Битола, се уредија спортските терени, односно теренот за футсал, кошаркарското и одбојкарското игралиште и истите се осветлени со соодветни рефлектори. Комплетно хортикултурно е уреден училишниот двор, со поставување на соодветна урбана опрема, со што за овие активности се одвоени околу 4,5 милиони денари. Поплочен е просторот околу спортските сали со бехатон плочки, а КЈП „Нискоградба“ направи обиколна дренажа.
За училиштето, рече Груевски, со средства од општината е набавена нова компјутерска опрема за кабинетот по информатика во вредност од 440.000 денари, односно 16 перонални компјутери, лап топ и останата компјутерска опрема.
Градоначалникот Коњановски беше информиран и за поднесената апликација за добивање грант од Јапонска амбасада, наменет за промена на електричната инсталација во Блокот Б, важен елемент за енергетската ефикасност и стабилност на објектот.
Градоначалникот исто така посочи дека и во наредниот период општината постојано ќе вложува во подобрување на условите за образование на сегашните и идни генерации ученици, кои се наш столб за квалитетна иднина.