
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Во време кога НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола одбележува 80 години постоење и ширење на својата мисија, за значењето и улогата на оваа установа специјално за Мактел разговараме со М-р Емилија Стефановска Давкова, директорка на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Кога, каде и како започнала историјата на Национална установа -Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола?
Стефановска Давкова: Историјата на библиотеката започнува на 25 март 1945 година, кога со решение на Градскиот народен одбор е основана како Градска народна библиотека. Со текот на времето, библиотеката неколкупати го менува своето име и статус – од градска, преку матична, до денешната Национална установа Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола. Почетниот книжевен фонд броел околу 300 книги, а библиотеката немала свој буџет, за денес да чува, изложува и издава над 600 000 книги, периодични изданија и друг библиотечен материјал. Финансиската поддршка во тие почетоци доаѓала од Одделот за просвета при Градскиот народен одбор, како и од локални претпријатија и организации. Од 1956 година започнува поорганизирано финансирање од страна на општествената заедница, што овозможува континуирано збогатување на книжниот фонд. Особено значајна пресвртница во развојот на библиотеката претставува одлуката на Друштвото на библиотекари од Скопје, со која на 1 април 1954 година Битолската библиотека станува депозитна библиотека за македонската издавачка продукција. Со тоа, книжниот фонд значително се проширува со монографски и периодични публикации. Грижата за најмладите читатели доведува до основање на Детската библиотека на 6 февруари 1955 година, во просториите на Пионерскиот дом. На 1 јули 1959 година, таа станува посебен оддел во составот на Градската библиотека. Порастот на корисниците довел до отворање на реонски библиотеки од 1957 година во градот и селата, кои важеле за културни центри. Со Законот за библиотеки од 1960 година, библиотеката добива статус на матична за регионот. Првите вакви библиотеки се отворени во 1957 година во месните заедници Јени Маале, Чинарот и Стево Патако. Подоцна следуваат и други – во селата Бистрица, Кукуречани, Буково, Лера, Дихово, Цапари и Ивањевци. Овие реонски библиотеки, како дел од Матичната библиотека, одиграле важна улога во културното живеење на градот и руралните средини.
Зошто библиотеката се смета за чувар на културно-историското наследство и што можат да видат посетителите во музејската поставка на библиотеката. За што таа сведочи?
Стефановска Давкова: Библиотеката е чувар на пишаниот збор и сведок на културно-историското наследство бидејќи најстарите и највредни книги во Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ од Битола датираат од пред повеќе од два века. Тие претставуваат непроценливо културно наследство, сведоштво за вековната писмена и интелектуална традиција на овој регион. Дел од оваа ризница на минатото е сместен во Музејската поставка на Библиотеката, која се наоѓа во старата зграда на поранешната „Градска народна библиотека“ – импресивен архитектонски објект, прогласен за споменик на културата. Овој објект сам по себе претставува дел од историјата – неговата архитектура сведочи за минатото, додека во внатрешноста го чува богатството на пишаниот збор.“ Музејската поставка на Библиотеката е мост меѓу минатото и иднината, создаден со цел да ја зачува колективната меморија и да ја поттикне љубопитноста кон културното наследство. Таа е жив доказ дека пишаниот збор не само што трае, туку и инспирира нови генерации да го негуваат знаењето, јазикот и идентитетот. Библиотеките имаат важна улога во зачувувањето на културното наследство, овозможувајќи пристап до вредни и ретки книги. Материјалот што е прогласен за културно добро е под посебна заштита според Законот за заштита на културното наследство и реткиот библиотечен материјал и согласно на акт за заштита, е прогласен за културно наследство и истиот е под посебен правен режим на заштита како културно наследство. Библиотеката поседува раритетни публикации со голема историска и културна вредност, дел од кои се изложени во музејската поставка, а останатите се чуваат во нејзиното депо.
Библиотеката чува и богатство од публикации од конзулскиот период на Битола – книги на француски, грчки, руски, српски и други европски јазици, кои биле дел од домашните библиотеки на битолчани и подоцна донирани. Некои од нив се во процес на реставрација, а нивната симболика е голема – тие ја одразуваат мултикултурната душа на градот и неговата историска улога како дипломатски и трговски центар. Најстара публикација со која располага установата е прирачникот за оперативна медицина на француски јазик, Manuel de médecine opératoire од Joseph François Malgaigne, печатен во Париз во 1853 година – сведоштво за развојот на медицинската наука во 19 век. Романот Vie de Jésus на Ernest Renar од Француската академија од 1863 година, кој претставува револуционерен обид за рационално толкување на животот на Исус. Manuel du chimiste-agriculteur (Прирачник за агро-хемичар) / A. Armand и F. Florent Pouriau, 1866 год. Библиотеката поседува ретки периодични изданија кои се вредни историски извори и сведоштва за духот на времето, општествените текови и политичките процеси, особено за Македонија пред, за време и по Втората светска војна.
Најзначајни периодични изданија:
-Македонска Трибуна (од 1927) – најстар македонски весник во светот, важен за македонската дијаспора во САД.
-Нова Македонија (1946) – орган на Народно-ослободителниот фронт на Македонија.
-Пелагонија (1945) – орган на окружниот одбор на Народниот фронт во Битола.
-Битолски весник (1964) – локален весник со социјално-политички карактер.
-Пелистерско ехо (1942–1944) – весник за култура и информации од Битола.
-Јужна стража и Глас омладине с Југа – младински списанија од Битола пред Втората светска војна.
Овие изданија се вредни хроничари на историјата и културата на Македонија и пошироко.
Стари печатарски машини – живи сведоци на времето. Во музејската поставка на библиотеката се изложени две автентични печатарски машини кои имаат непроценливо историско значење:
-„Paul Muller“ – Berlin: На оваа машина е отпечатен вториот број на весникот „Нова Македонија“ на 14 ноември 1944 година – време кога Македонија ги зацврстува своите темели како самостојна политичка единица во рамките на новоформираната југословенска федерација. Печатено во Државната печатница и цинкографија „Гоце Делчев“ во Битола, оваа машина е доказ за важноста на пишаниот збор во процесот на создавање на новата држава.
-„Josef Anger & Sohne“ – Wien: Оваа машина била дел од печатницата „Гутенберг“ во Битола, сопственост на браќата Владимир и Петар Димови. За време на Втората светска војна, на неа се печателе прогласи, летоци и други материјали на револуционерното движење. Токму на оваа машина е испечатен Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, одржано на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчински – акт со кој започнува државотворниот процес на современа Македонија.
Покрај нив, музејската поставка содржи и помошни алати како стега, хефталица и преса, кои биле неопходни во процесот на изработка на печатените материјали. Тука има и лични предмети, ракописи и дела на македонски автори. Посебна вредност на музејската поставка даваат личните предмети и ракописи на познати македонски автори: Анте Поповски, Владимир Костов, Ванчо Николески.
Во нивна близина се изложени и дела од македонската книжевност:
-„Македонски правопис“ на Комисијата за јазик и правопис при Министерството за народна просвета
-„Бели мугри“ од Кочо Рацин
-„Сердарот“ од Григор Прличев
-„Збирка на македонски народни песни“ од Блаже Конески
-Едночинката „Гладна кокошка просо сонуе“
-Читанки, буквари, едночинки и други учебни и книжевни дела од минатото
Важна е и улогата на Библиотеката како национален депозитар. Универзитетската библиотека е прогласена за македонски депозитар во 1954 година, што значи дека секое печатено дело во државата мора да има свој примерок во оваа установа. Сите овие дела се задолжителен библиотечен примерок на установата која до денес чува над 600 000 книги, периодични изданија и друг библиотечен материјал.
Што опфаќа и што претставува роднокрајното одделение?
Стефановска Давкова: Роднокрајниот оддел како составен дел од НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола е формиран во 1977 година. Ова одделение има значајно место во постоењето и работењето на библиотеката, но и во општественото и културното живеење на градот. Работните задолженија подразбираат: истражување и комплетирање на библиотечниот материјал за вклучување во раднокрајниот фонд, комплетна стручна обработка на монографските публикации (белетристика, научна и стручна литература, дипломски, магистерски и докторски трудови), а исто така се обработени над 1000 театарски работни сценарија. Поголемиот дел од фондот на Роднокрајното одделение е сместен по неговиот формат во Роднокрајната читална, а истиот може да се користи само во просториите на библиотеката. Во ова одделение се чуваат и ракописите од роднокрајните автори, една исклучително вредна збирка со која НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се гордее. Тоа се автори кои создаваат еден широк, разновиден, но истовремено толку препознатлив авторски опус издигнат на ниво на литературни средини кои имаат многу подолга литературна традиција од нашата. Тука се наоѓаат ракописите на Владимир Костов, Радован П. Цветковски, Доне Пановски, Ѓорѓи Димовски- Цолев и уште ред други битолски роднокрајни автори. Во тоа значајно ракописно наследство се наоѓаат и ракописите од Ванчо Николески, подарени на библиотеката во 1969 година и ракописите од Филип Каваев, подарени во 1966 година, со посебна посвета на секој ракопис „На Матичната библиотека „Климент Охридски“ во Битола, за чување во катчето – Што дале Битолчани“. Во рамките на ова одделение од 2005 година до денес се одржани 20 (дваесет) Роднокрајни средби ан битолските писатели од Македонија, кои секоја година на Тркалезната маса на одредена тема изнесуваат свои кратки трудови кои се публикувани во исто толку Зборници. Материјалите во роднокрајното одделение мора да ги исполнуваат овие критериуми: да се однесуваат на Битолскиот крај, да се уникатни изданија од регионот, авторите да се родени или да живееле и твореле во Битола или околината, придонесувајќи за афирмација на регионот.
Како се трансформира улогата на библиотеката „Св. Климент Охридски“ – Битола во современото општество и кои активности и програми ја прават библиотеката „Св. Климент Охридски“ – Битола современ културно-образовен центар?
Стефановска Давкова: Со напредокот на технологијата, Битолската библиотека се трансформира од традиционален простор за складирање книги во современ центар за дигитални ресурси, интерактивно учење и соработка. Денешната библиотека не е само збир на книги, туку жив, динамичен простор што ги задоволува информативните потреби на корисниците во дигиталната ера. Националната установа – Универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Битола годинава одбележува 80 години од своето постоење, славејќи ја долгогодишната посветеност на знаењето, културата и духовниот развој на заедницата. Основана со цел да биде центар на книжевноста, образованието и културниот живот во градот, таа денес претставува модерна институција со богата програма и инклузивни практики.
Некои од позначајните активности се:
1.Промоции на книги и литературни средби
2.Едукативни работилници и предавања
3.Млади библиотекари – натпревар наменет за ученици од основните училишта
4.Инклузивни програми
5.Стручно списание „Библиотечен тренд“, кое непрекинато се издава од 2003
6.Меѓународна соработка- промоцијата на македонската култура во светски рамки преку изложби на изданија на Библиотеката и размена на искуства и книги
7.Одбележување на Светскиот ден на книгата и авторските права, преку организирање на дискусии, работилници
8.Кампањата „Да читаме на глас“-читачки навики кај младите, развивање на нивната љубов кон книгата
9.Дигитализација и модернизација на библиотечните услуги – вклучува воведување на нови технологии како виртуелна реалност во образованието и проекти со учество на лица со помалку можности.
10.Кафе и книги со локални писатели и др…
Воведување на модулот COBISS/Позајмица
Во 2003 година се инсталира тест-базата на програмскиот модул COBISS/Позајмица. По спроведената обука на библиотекарите, во октомври истата година, Библиотеката станува првата институција во Македонија што го применува овој сегмент. Во текот на 2025 година, системот COBISS се надградува со воведување на новата верзија на COBISS, со што се унапредува автоматизацијата на библиотечните процеси:
-COBISS Lib – за управување со библиотечни процеси и
-COBISS Cat – за каталогизација и метаподатоци.
Со оваа надградба, библиотеката го зацврстува своето место како водечки информативен и технолошки напреден центар во рамки на библиотечниот систем во Македонија.
Современи дигитални алатки
-COBISS+ – веб-интерфејс за пребарување и
-mCOBISS – мобилна апликација за Android и iOS.
Преку нив, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се стреми да обезбеди целосно дигитализирана, виртуелна библиотека, фокусирана на брзо и лесно задоволување на потребите на истражувачите, студентите и сите останати корисници. Со постојана технолошка адаптација, надградба на инфраструктурата и активно учество во регионалните мрежи, НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола се профилира како современ информациски центар. Библиотеката не само што го следи, туку и активно го моделира развојот на библиотечно-информациската сфера во земјава и пошироко.
Што симболизира 80-годишнината на библиотеката „Св. Климент Охридски“ – Битола за заедницата?
Стефановска Давкова: Јубилејот претставува потсетник за значењето на библиотеките во општеството – тие не се само збирки на книги, туку живи институции кои инспирираат, едуцираат и обединуваат генерации читатели. Со нови проекти, партнерства и иновации, Библиотеката ќе продолжи да биде светилник на знаењето во Битола и пошироко.Одбележувањето на 80-годишнината е доказ за посветеноста и значењето на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола во културниот и образовниот живот на градот. Продолжувајќи ја својата мисија, Библиотеката останува водечка институција која го збогатува животот на граѓаните и ги инспирира идните генерации да ја негуваат љубовта кон книгата и културата.
Извор https://mactel.com