
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Драмата „Госпоѓица Јулија“ од Август Стриндберг доби современо сценско читање.
На 28 април, претставата, поддржана од Europe House Битола, портретираше една приказна, изградена врз основа на содржината на оригиналниот текст.
„Госпоѓица Јулија“ отвора категории што постојат во континуитет на човечкото постоење – класа, моќ, страст и кревка граница меѓу љубов и доминација. Сместена во грофовска кујна, во ноќта на Иванден, приказната ги следи Јулија, Жан и Кристина. Судир на ставови, психолошка тензија и флерт развиваат игра на моќ, каде што секој чекор е спуштањето до морален пад. Јулија ја има супериорноста кон Жан во однос на класата, додека Жан ја има супериорноста во однос на Јулија во поглед на лажниот морал. А Кристина се има себеси и своето достоинство.

Ова драмско портретирање покажува како човековите односи можат да станат деструктивна сила. Преку интензивната и кревка врска меѓу Јулија и Жан, претставата открива што следи кога владее незадоволството од себеси, манипулацијата и амбицијата за одреден општествен углед.
Дејствувањата на ликовите се приказ на тоа дека аристократските манири немаат никаква врска со семејното потекло и општествената положба на човек. И дека е опасно да се игра со оган, кога изворот на огнот е лик што зема залет за да ја достигне иднината што отсекогаш ја сонувал, уништувајќи сѐ што дотогаш имал. И, тоа не е поради опасноста на човек, туку поради неговата природа.
Жан перспективата за светот ја осознавал гледајќи одоздола. Погледот кон прозорецот што го имал му разбудило сонување, но и освестување, за сѐ што тој е и сака да биде. Отпосле дејстувањето управувано од поривот за различен живот од дотогашниот, претходно помогнато од добро избрани зборови, прави планови за иднина, поради минато што не е исполнето и желба што живее отсекогаш. А, Јулија покажува дека дното и висината ги дели познавањето на себеси и достоинството. Бидејќи, човек дури и кога сака да избега, во куферот се носи само себеси, ако тоа го има...

Пропаѓањето на ликовите во оваа драма е само навраќање кон нивната суштина, нивната природа што дотогаш била само потисната и уредена за да прилега на општеството.
Претставата, исто така, се карактеризира со своја специфичност затоа што фукционира со еден одмерен минимализам од сценографски елементи. Оттука, претставата е мобилна и совршена за гостувања, изведувања во класичен театар и алтернативни простори.
Оваа изведба е прекрасно визуелно и емотивно искуство што ја предизвикува публиката да се соочи со сопствените претстави за моќ, морал и слобода и да го доживее прашањето – дали после одредено дејствување, човек се менува или само на површината излегува неговата вистина?




