Битолскиот КУД „Стив Наумов“ е најстaриот македонски хор

Декември 26, 2019

Мешаниот аматерски хор на КУД „Стив Наумов" – Битола е првиот, најстариот македонски хор, формиран само два дена по 4 ноември, денот на ослободувањето на Битола, односно на 6 ноември во 1944 година, објавува МИА. Пред 75 години, борците на Седмата македонска ударна бригада – Битолска, сакајќи што побрзо да се чуе слободна македонска песна, на плоштадот во Битола и под диригентство на Тодор Скаловски приредуваат музичка програма со хорски композиции.

Според архивата на КУД „Стив Наумов“ – Битола, по првиот концерт, десетици битолчани изразиле желба да се зачленат во мешаниот хор, кој од 1944 година до ден-денес без прекин работи во овој град. Но, битолчани барале место и во другите секции, кои тогаш и низ годините се формирале, како што биле играорната секција, рецитаторската и дувачкиот оркестар, потсетува Љубомир Трифуновски, актуелен диригент на мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ – Битола.

 

„КУД „Стив Наумов“ е најстарото друштво во државата, формирано два дена по ослободувањето на Битола, на 6 ноември 1944 година. Во партизанскиот баталјон имало талентирани хористи, кои под диригентство на Тодор Скаловски настапиле на плоштадот во Битола, потоа во салата на Народниот театар, а комеморативен концерт во знак на почит на загинатите политички затвореници осудени од фашистичкиот окупатор бил одржан и кај затворот во месноста Црн Мост. Со неколкуте јавни настапи почнала работата на мешаниот аматерски хор. Во периодот од 1944 до 1969 година, освен Скаловски, диригенти биле и други лица, а од 1969 година до денес, и во оваа 2019 година, цели 50 години, со задоволство како диригент на хорот заедно со останатите членови ја пишуваме историјата на хорското пеење во градот. Во таа смисла, ако зборуваме за јубилеи, тогаш слободно може да се каже дека со 2019 година се врзуваат три јубилеи, и тоа 75 години од формирањето на мешаниот аматерски хор, 60 години откако во 1959 година почнав со работа во оваа музичка уметност и 50 години диригент во КУД 'Стив Наумов'“, вели Трифуновски.

Секоја година од работата на друштвото е значајна, но се чини т.н. златен период се одвива во 1964 година, кога КУД „Стив Наумов“ во хорската секција има 120 члена, блех-оркестарот работи со 32 члена, народниот оркестар има 18, игроорната група е со 32 члена, забавниот оркестар – 16, хармоникашкиот оркестар – 30, мандолинскиот оркестар – 36, а во друштвото работат и 3 групи пионери и младинци хармоникаши, како и младински оркестар со 25 члена.

„Првите концерти надвор од градот мешаниот хор ги одржува во Велес, Штип и во Куманово и тие претставувале силен поттик за развивање на креативните можности и работа исполнета со љубов и ентузијазам. Мешаниот хор добива и покани за настапи и надвор од Републиката, па така во 1947 година престојува меѓу градителите на пругата Шамац – Сараево, концерти се одржуваат во Зеница, Ниш, Марибор, Нови Сад, Церник, Љубљана… Успешните креативни години на КУД „Стив Наумов“ во 1971 година создаваат услови за да се формира младинскиот женски хор, а во 1972 година и единствен симфониски оркестар. За брзо време, хоровите на КУД „Стив Наумов“ почнуваат со впечатливи настапи и во странство“, нагласува Трифуновски.

Прв македонски хор што гостувал во Грција

Мешаниот хор на КУД „Стив Наумов“ е првиот македонски хор што гостувал во соседна Грција. Во периодот од 24 до 26 септември 1982 година, хористите од Битола како гости на хорот Кифисија.

„За мене тоа се незаборавни моменти бидејќи приредивме импресивни концерти со композиции од македонските автори Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски и Драган Шуплевски. За време на престојот во Кифисија одржав предавање на тема „Обработката и хармонизацијата на народнита песна во служба на хорската музика“, а во грчките медиуми беа објавени позитивни критики. Во соседна Грција често сме настапувале и настапуваме во Солун, Атина, на Крф…, но тоа што сакам да го издвојам е и податокот дека сме учествувале и во заеднички проекти. „Пасошот“ на КУД „Стив Наумов“ има и печати од Англија, кога во 1967 година мешаниот хор настапи во Ланголен, од повеќето настапи во Полска, Романија, поранешната Чехословачка, од Франција и настапите во Париз и Нанси, како и од концертите во Шпанија, Унгарија и Бугарија, вклучувајќи ги и последните настапи во Дупница и одличниот концерт во Рилски манастир што го приредивме ова лето“, потврди Трифуновски.

Во КУД „Стив Наумов“ – Битола од сите секции остана само мешаниот хор

Денес состојбата во КУД „Стив Наумов“ е идентична како и на самиот почеток од пред 75 години бидејќи опстојува само мешаниот хор со 34 члена, кој, иако е аматерски, сепак функционира како професионален. Сите секции, хорови и оркестарот згаснаа и не работат.

„Децентрализацијата во културата во нашата држава е неуспешна. Нас како друштво со традиција нè третираат како невладина организација и тоа е погрешно. Секциите, хоровите, оркестрите згаснаа затоа што младите не се мотивирани тоа да го прават. Порано, мотивиот беше дружењето и гостувањето, патувањата низ државата и странство, а денес нема средства ниту за основните трошоци на друштвото. Не сум убеден дека ќе се врати времето кога во македонските градови имаше незаборавни натпревари на хоровите. Ние сè уште не забележуваме или не сакаме да видиме како е во соседството и како државата се грижи за хорското пеење, а пример за тоа се Бугарија, Србија, Грција, Албанија, и во тој балкански преглед, состојбите во нашата држава се најлоши. Во образованието значително се сменети образовните програми. Порано имаше поголем број часови по музичко воспитание, во секое основно и средно училиште се негуваше работата на хор и оркестар, и тие беа извор за културно-уметничките друштва. За жал, зад нас е времето кога имаше навики за музичката уметност, младите се натпреваруваа кој побрзо да се зачлени во друштвата“, вели Трифуновски.

Полни витрини со награди и признанија како сведоштво

Ги чуваме сите награди и признанија, кои сведочат за богатата историја на КУД „Стив Наумов“. Сите се вредни, почнувајќи од Орденот со сребрен венец и плакета потпишана од Јосип Броз Тито во 1975 година, највисокото македонско признание наградата „11 Октомври“, наградата „Глигор Смокварски“, највисокото признание на градот Битола „4 Ноември“ и многу други домашни и меѓународни признанија. Ние со гордост говориме за одржани 13.150 концерти, кои ги следеле над 75.000 посетители, вклучувајќи ги и посетителите на неодамнешниот јубилеен концерт на мешаниот хор, кој по повод 75-годишнината од неговото формирање се одржа во големата сала на НУ Центар за култура – Битола. Таа вечер реков и сега ќе порачам, ако некој ме чуе од тие што треба да слушнат, ако некој прочита од тие што треба да прочитаат, тогаш да посветат внимание бидејќи, како што нагласува диригентот Љубомир Трифуновски, ако згасне и последниот хор, тогаш ќе згасне и КУД „Стив Наумов“ – Битола, друштвото што го носи името на легендарниот револуционер и народен херој, а тоа, освен голема загуба, ќе биде и срам за сите во градот и државата!

Извор: https://mia.mk/na-staroto-kulturno-umetnichko-drushtvo-75-godini-kud-stiv-naumov-bitola/

Сподели

Login to your account

Username *
Password *
Remember Me
© 2021 АПЛА.мк. Сите права се задржани