АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Познатата американска ладино пејачка Сара Ароести, Еврејка со битолско потекло, која денес живее во САД, ќе ја препее „Битола Бабам Битола“ во новиот голем музички проект што го подготвува. Ароести, чие смемејство порано живеело во куќата на Широк Сокак каде што денес е пицеријата „Равена“ и Сојузот на синдикати, дојде во Битола за да учествува на обележувањето 77 години од депортацијата на битолските Евреи.
„Живеам во Америка, но моето срце е во Битола каде беше роден мојот дедо и други членови од моето семејство. Повеќето од нив беа убиени, но јас се уште имам роднина која беше родена во Битола во дваесетите години од минатиот век и се уште е жива и годинава ќе полни 103 години, баба ми Рашел Нахмијас , таа е голема инспирација за мене. Има многу спомени од Битола, ни ги пренесе приказните за ова место мене и на моите деца. Во нејзино име јас денес сум тука да оддадам почит на нејзиното семејство кое беше убиено и за сите еврески луѓе кои Македонеија не ги заборави“, рече Аросети.
Ароести раскажа дека Рашел преживеала со помош на албанскиот конзул кој ја скрил во багажникот од неговиот автомобил и ја пренел во Албанија.
„Ја пикна во багажник од својот автомобил и на тој начин албанскиот конзул ја спаси, а остатантите членови од семејството завршија во Треблинка. Преживеа и нејзиниот брат Жак кој имаше тргнато да се школува во Италија и беше вклучен во отпорот на партизаните. За време на Втората светска војна имал над 20 години“, раскажа Сара.
Таа денес ја посети куќата во која живееше нејзиното семејство и однесе цвеќе. Го посети и Монмартр каде се воодушеви од детските творби.
Цела оваа инспирација ќе ѝ помогне да го изработи музичкиот проект кој ќе има битолски музички примеси и песни. Во Битола збира снимки, музички примероци, кои потоа пијанист ќе ги работи во Израел заедно со Сара, музичари од Македонија, Израел, Америка. Таа ќе ги пее „Битола Бабам Битола“, „Едно време си бев ерген“ , „Од Битола појдов до Прилепа стигнав“, „Естреја Мара“ и други. За да извежба точно да ги исполнува ќе биде снимена изведба на песните од страна на неколку битолчани, меѓу кои и Владо Стојанов, кој уште пред повеќе години ѝ испрати македонски песни кои таа ги проучуваше и учеше да ги исполнува. Во новиот проект, чиј концерт летово или следната година ќе се одржи и во Битола, пет песни ќе бидат на македонски, а пет на ладино јазик.
Ж.З.