Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието, посочи на придобивките од евроинтеграцискиот пат на државата, на значењето да се продолжи по европскиот пат, за придобивките од полноправното членство во Европската Унија. А во таа насока, ги нагласи и значењето на проевропската Влада за граѓаните и претстојната државничка одлука за европските перспективи на граѓаните, што се очекува од Парламентот.
„Овие придобивки значат повеќе работни места, подобрување на животниот стандард, поголеми деловни можности и огромни можности што овозможуваат да напредуваме во развојот и како држава и како граѓани“, рече премиерот Ковачевски, кој соопшти повеќе факти што го потврдуваат тоа.
„Фактите се дека само преку ИПА програмата, досега, во земјава, за модернизација на инфраструктурата и развој се вложени околу 1 милијарда евра неповратни средства. Во тек е програмирањето на ИПА за 2024 година, на финансиски средства со износ од 80 милиони евра. Проектираните средства за ИПА 3 програмата (2021-2027) што е веќе започната за 2021, 2022 и 2023 година изнесуваат 243 милиони евра. Европски финансиски средства, коишто во форма на неповратна финансиска поддршка, преку ИПАРД програмите се однесутваат за модернизација на земјоделството - за ИПАРД 2 изнесуваат 60 милиони евра, коишто со нашето одговорно работење ги наменивме во целост за потребите на земјоделците. Поради најголематa искористеност од 98 проценти на средствата од ИПАРД 2 програмата, први во регионот почнуваме со новата ИПАРД 3 програма. Европската Унија, за ИПАРД 3 програмата ги зголеми средствата за 62 процента и сега имаме нови, неповратни 97 милиони евра на располагање за оваа програма. Деновиве пристигна и веста дека Европската унија, обезбеди финансиска поддршка за вкупно 3 проекти во износ од 98.9 милиони евра и исто така Европската комисија во својот службен весник објави 100 милиони евра макрофинансиска помош за Северна Македонија“, посочи премиерот Ковачевски.
„Тоа е дополнителна потврда, со оглед на начинот на којшто се одобрува макрофинансиската помош, за сите реформски процеси коишто државата ги прави и коишто исто така беа услов за одобрување на оваа макрофинансиска помош“, нагласи премиерот.
Претходно, како што рече, Комисијата усвои предлог финансиски пакет од 3 милијарди евра за десет партнери од проширувањето и соседството, за да помогне во ублажувањето на економските последици од пандемијата, од кои 160 милиони евра доби Северна Македонија. А добивме и грант од 80 милиони евра за справување со енергетската криза, додаде премиерот Ковачевски, посочувајки и на грантовите во рамки на инвестициската рамка за Западен Балкан, во секторите енергетика и транспорт.
Премиерот Ковачевски потсети на изјавата на евроамбасадорот Гир, кој при заедничката посета на експресниот пат Градско – Дреново, што се гради со европски ИПА средства во досегашен износ од 21 милион евра, рече дека целта на целокупната поддршка од Европската Унија досега е Република Северна Македонија да се спреми на стане полноправна членка, да ги ужива придобивките од членството во ЕУ, да има пристап до поголеми ресурси.
„Ова значи спроведување на европски реформи и ова значи европска Влада со одлична соработка со ЕУ. Сите можат да се увериме што значи европска поддршка и европска солидарност кога се работи заедно со партнерите од ЕУ“, порача премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата нагласи дека „таа поддршка ќе продолжи, со многу повеќе средства, преку нови програми и фондови, кога ќе станеме членка на Европската Унија, што го покажуваат примерите со развојот на Романија, Чешка, Словачка, Полска. Една земја членка на ЕУ, од фондовите на Унијата, како што рече премиерот, добива над 11 пати повеќе средства по жител, отколку земјите кандидатки за членство. Овие пари значат инвестиции во животниот стандард, во нови работни места, во подобро живеење на граѓаните и примена на европските вредности дома. Тоа што го очекуваат посебно младите луѓе во нашата земја.
„Јасно видлива е разликата на времето кога државата беше практично во меѓународна изолација и граѓаните тонеа во сиромаштија и денес, кога сме членка на НАТО и одиме по јасен европски пат. Имаме рекорден број на домашни инвестиции, на странски директни инвестиции, рекодрен број на отворени работни места, рекорден број на извоз од странските директни инвестиции, три пати поголема социјална помош, двојно зголемена минимална плата, скоро двојно зголемена просечна плата, историски највисока поддршка на домашните компании за отворање на нов циклус на инвестиции и финансиски средства преку Развојната банка за одржување на ликвидноста на инвестициите“, рече премиерот Ковачевски, кој ги нагласи перспективите што ги отворија евроатланстките интеграции.
„Ова потврдува дека нашата држава може да напредува и да расте многу побрзо, само како дел од Европската Унија и НАТО. Рече дека по членството во НАТО, со што ги осигуравме безбедноста и територијалниот интегритет, се покажа дека инвеститорите сакаат предвидлива клима за инвестирање и земјава веќе бележи рекорден број на странски директни инвестиции во износ од 753 милиони евра, што е двојно повеќе од 2016 година. А дека со напредокот по европскиот пат и членството во ЕУ, домашните компании добиваат можност за пристап до единствениот пазар на ЕУ - пазар со околу 500 милиони луѓе и отворени врати за соработка и бизнис што ќе им овозможи напредок, додека граѓаните добиваат можност за нови и подобро платени работни места и европски животен стандрад.
„Од ова може да се заклучи дека пристапувањето во ЕУ не е само политички процес, туку е и економски процес, со конкретни придобивки за граѓаните. Поддршката од нашите европски партнери е клучна за исполнување на европските стандарди и приближување на државата кон ЕУ, како и зголемување на стандардот на живеење по сите основи на граѓаните. И затоа велам дека вреди да се биде на патот на европските интеграции. Ние ја имаме шансата до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ, со заштитен македонски јазик и со заштитен македонски идентитет. Оваа можност се отвора сега и сега условите се такви да заеднички е интересот и на земјите членки на ЕУ и на нашата држава и на земјите од регионот, овој регион да биде целосно интегриран во ЕУ. Затоа секој треба да размислува во таа насока, овие параметри да бидат едни во одлуките, кога ги носиме одлуките во однос на интеграцијата на државата во ЕУ, бидејќи на тој начин обезбедуваме подобар живот на граѓаните тука дома“, порача премиерот Ковачевски, на седницата за пратенички прашања во Собранието.