„Успешно се завршени ремонтите на два од трите термоблока во РЕК Битола, со што значително се зголемува сигурноста на производството на електрична енергија од базни извори. Наредните денови почнува и ремонтот на ТЕ Битола 3, со цел сите три термоблокови да бидат на располагање пред почетокот на зимата.
Состојбата во рудниците Суводол и Брод Гнеотино е значително стабилизирана, а со зголемениот ископ на јаловина обезбедена е нова откривка на јаглен. Дополнително, реализирани се сервисни активности на рударската механизација, што ја зголемува нејзината оперативност“, објави АД ЕСМ и ја иницираше потребата од развој на проекти за изградба на когенеративни гасни електрани во Скопје, Битола и во Неготино.
На состанокот присуствуваа генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев, заедно со директорот за финансии Иван Аџија Стојановски и советничката за производство Елена Стојкоска со министерката за енергетика Сања Божиновска, претставници на Министерството за енергетика и сите релевантни институции.
Главната тема на состанокот беа активностите за претстојната грејна сезона 2025/2026.
АД ЕСМ информираше за целокупната подготвеност на производните капацитети и значајните инвестициски активности реализирани во изминатиот период.
„И покрај неповолната хидрологија, задржан е голем дел од акумулираниот хидропотенцијал. Ова е резултат на оптимизацијата на производството во текот на летото и одговорното управување со хидроелектраните.
Во тек се финални подготовки за зајакнување на инфраструктурата за испорака на топлинска енергија на територијата на Скопје, со цел да се обезбеди квалитетно и ефикасно греење во текот на зимата. Во соработка со ЕБОР, активно работиме и на проект за повеќегодишна модернизација на градската мрежа во Скопје.
Интензивно работиме на диверзификација на изворите на енергија преку имплементација на проекти за обновливи извори и енергетска ефикасност. Во тек се подготвителни активности за изградба на пет фотонапонски електрани (Битола 1, 2 и 3, Осломеј 2 и Богданци) со вкупна моќност над 230 MW, а започнуваат и теренските активности за изградба на Паркот на ветерни електрани Богданци-фаза 2. Во тек се подготвителни активности за проектот ветерен парк Миравци - 100 MW инсталирана моќност, а исто така развиваме проект за ветерници на планинскиот масив Илинска Плакенска Бигла.