АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Градоначалникот Тони Коњановски или да создаде услови за земјоделците да продаваат во пазарот или да побара од Советот поништување на одлуката со која ги избрка од паркингот. Плус, да ги обештети земјоделците за сите месеци во кои се оставени ни угоре ни удолу, рече Мирјана Захариевска Ралевска, советник во Општина Битола од редовите на СДСМ.
„Стотина семејства – производители на земјоделски производи се оставени на цедило, излажани и изманипулирани, заради неспособноста на градоначалникот Тони Коњановски. Ниту една обврска што ја презеде Јавното претпријатие Пазари не е исполнета, а поминаа четири месеци. Земјоделците се избркани од паркингот, а немаат каде да продаваат оти тезгите уште не се распределени, нема колички за дотур на роба, нема канти за ѓубре, нема црево за миење. Од проектот, пак, за промена на кровот што го вети Коњановски, нема апсолутно ништо. Во новиот пазар има само страшна нехигиена и глутници кучиња скитници“, рече советничката.
Таа обвини дека од ситуацијата штети трпи и Јавното претпријатие Пазари кое сред лето наместо да наплаќа за тезгите, одвај собра пари да подели плата на вработените.
„Ако градоначалникот се плаши да не ја растури коалицијата со Поинаку заради паркингот кај новиот пазар, нека не се плаши од советниците. Трета седница по ред Коњановски го нема во Советот. Нека не се крие зад партиски соопштенија напишани по канцеларии низ општината и нека се појави пред нас советниците и пред пазарџиите за да објасни кога и како ќе заврши оваа голгота. Ако не сака тој, нека го прати секретарот во општината, Борче Димитровски. И онака веќе не се знае кој управува со општината – ДПМНЕ, Коњановски, Димитровски или Поинаку и Илиевска“, рече Захариевска- Ралевска.