Во Клиничката болница во Битола на одделот за Урологија за прв пат е воведена нова метода за операција на карцином на простата.
Операцијата ја изведоа специјалист уролог Илија Келепуровски и Асс. Д-р Јосиф Јанчулев од Клиника за урологија, Скопје.
„Во Клиничка болница Битола направена е првата лапароскопска радикална простатектомија со лимфаденектомија во Одделението за Урологија, од д-р Илија Келепуровски, раководител на одделението и Асс. Д-р Јосиф Јанчулев од Клиника за урологија, Скопје, без чија стручност и посветеност на лекарите, ова немаше да се случи.
Ова достигнување за Клиничка болница Битола, претставува значаен чекор напред во унапредувањето на уролошката хирургија во нашиот регион. Со ова го поставуваме темелот за понатамошно редовно изведување на вакви сложени и современи оперативни зафати“, изјави д-р Ненси Лозанче, директор на Клиничка болница Битола за АПЛА.мк
Од Болницата во Битола информираат дека овој значаен хируршки подвиг претставува пресвртница за уролошкото одделение, но и за целата Клиничка болница Битола, бидејќи воведува една од најсовремените техники во уролошката хирургија – лапароскопијата.
Лапароскопската хирургија овозможува минимално инвазивен пристап, со што се постигнува:
-помала оперативна траума,
-побрзо постоперативно закрепнување,
-пократок престој во болница,
-помал ризик од компликации и инфекции,
и, секако, подобар квалитет на живот за пациентите, наведуваат од болницата.
Како што наведува директорката д-р Лозанче - „Со воведувањето на лапароскопската радикална простатектомија со лимфаденектомија, болницата прави сериозен чекор напред во приближување кон стандардите на современата медицина и хирургија. Ова е особено важно за пациентите со карцином на простата, каде што прецизноста и ефикасноста на оперативниот третман играат клучна улога во исходот на болеста.
Клиничка болница Битола се позиционира како важен центар за уролошка хирургија во регионот, со капацитет и знаење да нуди врвна медицинска услуга, според највисоки светски стандарди“.
-Министерството за здравство, обезбеди неопходна апаратура за реализација на овој значаен чекор, и без ваква помош и поддршка ова немаше да биде возможно.
Ова е само почеток – со заеднички сили продолжуваме кон нови успеси!, информира болницата.
А.Б