
АПЛА.MK Преземањето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Познат лекар од приватната клиничката болница „Аџибадем Систина“ од Скопје стана дел од тимот на Битолската клиничка болница и веќе го води Инфективното одделение.
Д-р Хараламбос Сидиропулос, специјалист по инфектологија е лекарот кој повторно ќе го врати во функција Инфективното одделение во Битолската болница, откако установата остана без специјалист пред речиси две години.
Директорката на Клиничка болница Битола д-р Ненси Лозанче за „АПЛА“ потврдува дека инфектологот д-р Сидиропулос од почетокот на оваа недела е на своето ново работно место во одделението за инфективни болести, веќе работи со пациенти што значи дека Битола и југозападниот регион веќе имаат услови за обезбедување на високо квалитетни здравствени услуги од областа на инфектологијата, со примена на дијагностичко-терапевтски процедури и методи на лекување од страна на искусен и стручен тим.
Актуелниот менаџерски тим на болницата успеа недостигот на специјалист инфектолог да го надмине со преземање на лекар од приватното здравство.
„После долг период и искрената желба за подобрување на третманот на пациентите, еве во моментов го имаме и првиот доктор специјалист инфектолог со трансфер од приватно во јавно здравство, со искрена надеж дека овој тренд ќе продолжи и понатаму со лекари од други специјалности во медицината. Во финална фаза е процедурата за преземање на двајца специјалисти од приватното во јавното здравство “, изјави д-р Лозанче, директор на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола.
Инфектологот Хараламбос Сидиропулос бил студент на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, а во 2019 се стекнал со специјализација по инфектологија. Својата кариера ја започнал во јавното здравство каде од 2013 до 2019 работел како приватен специјализант на Универзитетска клиника за Инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, а од 2020 заминал во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ како специјалист по инфектологија.
Речиси пет години подоцна д-р Хараламбос Сидиропулос се враќа во јавното здравство и тоа токму во Битолската клиничка болница.
„Разбрав дека во Битолската болница нема инфектолог, не размислував многу на понудата на д-р Ненси Лозанче да дојдам во Битола да го прифатам предизвикот и да го рестартирам одделението за инфективни болести. Затекнав состојба на обучен средно медицински персонал и останат персонал, но мојата намера е да мотивирам помлади колеги да ја одберат оваа специјалност и пациентите од овој регион да добијат комплетни услуги не само на третман туку и хоспитализација", изјави за „АПЛА“ д-р Сидиропулос.
Како што е познато, во ноември 2022 година се затвори зградата во скоп на Битолската болница каде беше сместено Инфективното одделение. Овој објект беше најекспониран во време на пандемијата и беше Регионален ковид центар за Битола и регионот. Службата за инфектологија имаше долга традиција, со врвни лекари, но за жал, со текот на годините се осипуваше лекарскиот тим и Битола остана без инфектолози, па одделот почна да работи како амбуланта и беше преместен во Модуларната болница.
Пациентите ги преземаа делумно Интерното одделение и делумно другите оддели во болницата.
Како и во цела Македонија што недостига кадар од лекари специјалисти, така и Битолската болница се соочува со тој проблем, а директорката д-р Лозанче ветува ново екипирање од лекари специјалисти.
„Наследивме очајна состојба во недостиг на персонал и заради тоа нашиот напор е да се вратат лекарите кои се веќе пратени на специјализација, во нашата болница. Во претходниот месец се вратија ортопед, двајца уролози, психијатар, хирург. Во наредниот период ќе има враќање и на други лекари, а истовремено ќе се реализираат и вработувањата на нови кадри. Двајца општи доктори добија специјализации. Во тек е и конкурсот за прием на приватните специјализанти, согласно заложбите на Владата. Тринаесет приватни специјализанти аплицираа за прием во Клиничка болница Битола, состојбата е далеку од добра, но со искрена желба и добро разработен план за реализација, ќе се подобрува состојбата за подобар третман на пациентите од регионот“, изјави д-р Лозанче.
Текст и фото Анета Блажевска